Кои животни во Русија се прогласени за „веројатно исчезнати“ (ФОТО)

Russia Beyond (Photo: Picture alliance/Getty Images; Legion Media)
Тие припаѓаат на последната категорија на реткост 0. Тоа значи дека нивното присуство во дивината не е потврдено.

Руското Министерство за природа направи попис на животинскиот свет и утврди дека 11 видови животински и рибји видови кои претходно населувале одредена област во тие краишта повеќе не живеат. Тие се вклучени во листата на „веројатно исчезнати“ видови, што е последна категорија на реткост. Евентуално може да се видат во некои национални паркови, резервати и зоолошки градини, но не и во дивината. Тука спаѓаат и следниве животни:

Пржевалски коњ

Диви единки на овој вид коњи ја населувале Азија, шумите и степите на Казахстан и југот на Западен Сибир. Последен пат се видени во дивина 1969 година во Монголија. Според едно објаснување, причина за остриот пад на нивниот број била суровата зима 1944-45 година, кога температурата одела под -40°C и секојдневно беснееле снежни бури.

Фока-монах

Пред неколку децении таа живеела во Црното Море, но никој не ја видел последниве 50 години. Се смета дека целата популација е истребена поради ловот и загадувањето на животната средина.

Црвеноног ибис

Тоа беше вид од средниот тек на реката Амур во Русија до провинциите Анхуеј, Џенѓанг, Шанси и Гансу во Кина. Денес, во Русија може да се види можеби само во Ханкајскиот резерват, на границата со Кина.

Црномешест тетреб

Најголемата птица во семејството тетреби, однадвор наликува на црна мисирка. Порано ги населуваше Псковската и Ленинградската област. Главната причина за исчезнување на овој вид во Русија е интензивниот лов заради месото и пердувите. Ситуацијата е влошена и поради тоа што за време на периодот на парење овие птици целосно ја губат будноста и стануваат лесна цел за ловците.

Кулан

Во времето на Советскиот Сојуз овој вид од семејството коњи, кој многу потсетува на магаре, беше присутен на сите степски терени. Но, климатските промени и проширувањето на човечките населби ги принудија да мигрираат во поповолни услови, што беше фатално за нив.

Јанковска стрнарка

Оваа птица со големина на врапче се гнездеше во западните краишта на Приморскиот крај, а исчезна поради шумските пожари, расчистувањето на областите обраснати со дрвја и грмушки и сечењето на шумите.

Балтичка есетра

Овој вид живеел во езерото Ладога, како и во реките што се влеваат во Балтичкото, Белото и Црното Море. Но, поради повеќевековниот интензивен риболов и изградбата на хидроцентрали на местата каде што се мрестеше, никој повеќе не ја виде. Исто така, овој вид не се одгледува вештачки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња