Од Чајковски до Битлси: Омилените музички нумери на Путин на едно место

Kira Lisitskaya (Photo: AP; studiogstock/freepik.com)
Путин ги слуша Чајковски и Моцарт, пее познати патриотски песни како што е „Од каде започнува татковината“, но е и голем љубител на џез, на стари рок-хитови, а со групата АББА си повторува: Gimme Gimme Gimme! Дознајте која музика сака да ја слуша Путин.

Концерт за пијано број 1 на Петар Илич Чајковски и Симфонијата број 40 на Моцарт

Претседателот на Русија во повеќе наврати зборуваше за својата љубов кон класичната музика. Меѓу другото го споменуваше и Петар Илич Чајковски чиј Прв концерт за пијано, како што изјави, влијаел врз него.

„Ми се допаѓа и современата музика и таканаречената популарна класична музика. Но, не претерано сложена, зашто слушателот треба да биде добро подготвен за тоа. Но, традиционалните класични дела на најпопуларните автори во светот сакам да ги слушам“, рече Путин во интервјуто кое го даде по завршувањето на големата годишна конференција за новинари во 2018 година.

Во омилените композитори ги вброи Шуберт, Моцарт, Лист, Шопен, Бетовен и Брамс.

Марк Бернес „Од каде почнува татковината“

Санкт Петербург, 2010 година, хуманитарен концерт за децата заболени од рак во Ледениот дворец. Во салата се Шерон Стоун, Моника Белучи, Мики Рурк, Ален Делон, Орнела Мути и десетина други западни ѕвезди. Се танцува, се пее и се рецитираат стихови на рускиот поет Сергеј Есенин за брезата.

Пред крајот на концертот на сцената излегува и Путин (тогаш во функција на премиер) и почнува на клавир да ја свири позната советска песна на композиторот Венјамин Баснер по текст на Михаил Матусовски од филмот „Штит и меч“ од 1968 година. Еве ги зборовите од песната „Од каде почнува Татковината“.

„Од сликата во твојот буквар
Од добрите и искрени другари
кои живеат во соседниот двор.
А, можеби почнува
и од онаа песна која мајка ни ја пеела
и од тоа што ниту во едно искушение
никој не може да ни ја одземе“

Денес ова е една од најпознатите патриотски песни во Русија. Уште од советските времиња учениците пишуваат состави на тема „Каде започнува Татковината“, така се нарекуваат и натпревари во цртање и во пеење, па дури и серии.

Louis Armstrong “Blueberry Hill”

На истиот хуманитарен концерт покрај патриотските песни што ги свиреше на клавир, Путин ја отпеа и познатата песна на Луј Армстронг. Без оглед на очигледниот руски акцент целата сала аплаудираше стоејќи.

А, во 2011 година на женскиот форум Путин призна дека е љубител на џезот.

Леонид Утјосов: „Московски прозорци“

Вештината на свирење на клавир рускиот претседател повторно ја деномнстрираше во резиденцијата на претседателот на Кина Си Ѓинпинг во 2017 година. Путин го здогледа инструментот на патот кон салата за разговори и на него отсвири фрагмент од песната „Московски прозорци“ која е најпозната во изведба на Леонид Утјосов.

„Ви се восхитувам ноќе
Ви посакувам среќа...
Драга ми е одамна,
од неа не постои појасна,
од московските прозорци светлината неугаслива“.

Подоцна претседателот призна дека клавирот бил раштиман и дека не мислел дека снимката од свирењето ќе биде објавена.

„Ништо страшно. Мислам дека не ве разочарав“, ги цитира Лента.ру зборовите на Путин.

АББА „Gimme Gimme Gimme”

Во 2009 година весникот „Гардијан“ повикувајќи се на свои извори пишуваше дека Владимир Путин ја сака и групата АББА и дека наводно, со оглед што составот се распадна во осумдесеттите години од минатиот век, за него еднаш бил организиран таен концерт на кој настапил британскиот трибјут-бенд на познатата шведска група „Bjorn Again“.

Се пишуваше дека за Путин групата извела 15 песни од АББА, меѓу кои биле и Waterloo, Gimme Gimme Gimme and Dancing Queen.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков демантираше дека Путин бил на таен концерт. Во 2018 година Песков рече дека на Путин навистина му се допаѓаат „некои песни“ на АББА и дека меѓу нив секако се наоѓа и Gimme Gimme Gimme.

Битлси: „Yesterday” и „Let it be”

Пред почетокот на концертот на Црвениот плоштад Пол Макартни во 2003 година се сретна со Владимир Путин во Кремљ и лично му ја отпеа Let it Be со оглед на тоа што рускиот претседател на можеше да присуствува на концертот.

Путин беше воодушевен од изведбата на Макартни и ја нарече „здив на слободата“.

За љубовта на Путин кон Битлси Песков зборуваше и во 2009 година, при што истакна дека тој повеќе ги сака Битлси од АББА.

А, во мај 2020 година британскиот весник Daily Express откри дека претседателот има уште една омилена песна од Ливерпулската четворка „Yesterday“. Со оглед на тоа што не може да реши која е подобра, на плеј-листата на Путин се наоѓаат и двете.

ЉУБЕ: „Носи ме, реко“

Фактот што Путин е обожавател на руската рок-група која повеќе од дваесет години пее за природата, за тешкиот војнички живот, но и за Кримскиот мост во Русија беше познат уште во 2020 година. Претседателот тогаш беше на концерт на оваа група во Сочи, а потоа членовите на бендот ги повика во својата резиденција.

„Момците пеат за нас, за нашиот живот, тоа го прават прифатливо, со разбирлив јазик. Голема благодарност за тоа“, рече шефот на руската држава.

Подоцна често ја фалеше групата и му го честиташе роденденот на пеачот Николај Расторгуев, изјавувајќи дека неговите песни станале „култни кај неколку генерации слушатели“.

Владимир Висоцки „Разговор пред телевизорот“

Претседателот на Русија во своите говори повеќе пати го има цитирано познатиот советски бард. Меѓу песните што ги цитираше беа „Чест на шаховската круна“, „Песна за озборувањата“, “Разговор пред телевизорот“ со познатиот цитат „Каде се парите, Зина?“

Сите песни од плејлистата можете да ги слушнете на профилот на Russia Beyond на Spotify.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња