Русија им објави војна на електричните тротинети. Кој ќе победи?

Кира Лисицка (Photo: Александар Авилов/Агенција „Москва“; Иља Питаљев/Sputnik) 1
Тие се бесшумни, брзи и мошне опасни. Русија се обидува некако да ја регулира оваа популарна забава, но со години доживува неуспех. Сега овој конфликт ја достигна својата кулминација. Се очекува расплет.

Електричните тротинети се сè попопуларни во Русија, особено откако започна пандемијата. За само еден месец, од март до април 2020 година побарувачката порасна за 350%, а до крајот на годината на пазарот се изнајмуваа многу повеќе електрични тротинети одошто велосипеди.

Набргу излезе дека оваа популарност може и да го погуби. Започнуваат кривични постапки, се вршат претреси, се запира изнајмувањето, се воведуваат привремени забрани и „зони слободни од тротинети“... Тие станаа омразени во општеството, па дури и се споредуваат со трауматско оружје.

„Сфатив дека електричниот тротинет е всушност трауматски пиштол во светот на превозните средства“.

Накусо, летото 2021 година тротинетите стана една од најактуелните теми во руската јавност. А, еве зошто.

За половина година од електричен тротинет загинаа петмина

„Пред малку поминав по улицата Јакиманка (центарот на Москва), тие итаат еден кон друг по двајца и по тројца. Човек мора да запре зашто не му е јасно по која патека тие со брзина се движат. И добро е ако ги видите, но ако ви дојдат од зад грб, тогаш тоа е ужас. Ми доаѓа да ги проколнам нашите закони, односно, недостигот од закони. Пешаците во Москва одамна повеќе немаат никакви права“, негодува на Фејсбук московјанката Ољга Вовикова.

Првата компанија за изнајмување електрични тротинети во Русија се нарекува „Дилисамокат“. Таа се појави во Москва уште летото 2018 година. На нејзиното свечено отворање учествуваше градоначалникот Сергеј Собјанин. Оттогаш пазарот се наоѓаше во стабилен пораст, а сега ширум Русија има веќе дваесеттина поголеми фирми кои ги нудат овие услуги. Со порастот на бројот на тротинети, растеше и бројот на судири на нивните возачи со пешаците. Поединци завршуваа со сериозни повреди и со смрт.

Солистот на балетот на Мариинскиот театар Давид Залеев се возеше пијан по тротоарот, закачи минувач и падна, по што над две недели помина во кома. На први и на втори јуни во различни делови на Санкт Петербург електрични тротинети соборија две четиригодишни момчиња и едно петгодишно девојче. Сите деца завршија во болница, а две се во тешка состојба. Максим Молодшиј, работник на компанијата „E-motion“ која се занимава со издавање, оваа година и самиот настрада кога на него налета човек на тротинет. Му пукна тетивата и за малку ќе останеше без нога. „Тротинетот Ninebot е тежок 40 килограми, а човекот на него уште 80 килограми. Момчето се испокрши, доби фрактура на черепот. Тоа е инаку најчеста повреда на тротинет“, раскажува Максим.

Тешка несреќа во Астрахањ

Според статистиката на МВР во првата половина на 2021 година во Русија имало 180 сообраќајни незгоди со електрични тротинети, а во нив загинале пет лица.

Тротинетот е бесшумен и тежок. Определени модели за неколку секунди развиваат брзина 30, па дури и од 50 километри на час. Ситуацијата во Русија е таква што луѓето сега треба да се плашат од тротинетите. Особено што ваквиот вид превоз сè уште не е регулиран со закон.

На корисниците не им е потребна дозвола, ниту шлем, па дури ни велосипедска патека.

Давање помош на жена која паднала од електричен тротинет во паркот Горки. Московската градска дума на својот сајт започна анкета за правен лимит на брзината на електричните тротинети во парковите. Во моментов средствата за индивидуална мобилност и не спаѓаат во возила.

Изнајмувањето тротинети во Русија сè уште не е добро регулирано. На федерално ниво оваа услуга нема јасен правен статус, иако за потребата на соодветни амандмани се зборува веќе неколку години. Засега овој вид превоз е фактички изедначен со пешаците кои користат средства за движење (на пример, со луѓето во инвалидска количка, оние што влечат количка или што возат ролерки). Поради тоа човек на тротинет има право да вози по тротоар, по пешачки и по велосипедски патеки, а ако тоа не постои, тогаш покрај патот од левата страна.

Компаниите за изнајмување за време на регистрацијата не бараат никакви документи освен банкарска картичка. Потребно е клиентот да го штиклира полето „имам 18 години“, и тоа е единствениот „доказ“ дека е полнолетен. Доколку електричниот мотор не е појак од 250 вати, тогаш за негово управување не е потребна никаква дозвола. Исто така, не се задолжителни никакви заштитни средства.

„Расправите околу тротинетите сега во најголем дел се водат поради недефинираниот правен статус на човекот на тротинет“, вели Јулија Камојлик, претставник на компанијата Whoosh која изнајмува тротинети. „Според сообраќајните правила тие сега можат да се вбројат во 'пешаци' или во 'велосипеди', а јак приватен тротинет во 'мопеди'.

Во разгледувањето на оваа тема се вклучи и Истражниот комитет и започна да го решава проблемот со покренување кривични постапки.

Компаниите се изложени на претреси и на обвиненија за кривично дело

Истражниот комитет за електричните тротинети се заинтересира кон средината на мај кога млади луѓе двапати во текот на една иста ноќ соборија пешаци на Невската авенија во Санкт Петербург. Осомничените беа брзо пронајдени, а против еден од нив беше поднесено обвинение за хулиганство. Кривична постапка е започната и против компанијата Whoosh, една од најголемите и најуспешните на рускиот пазар за изнајмување тротинети, поради нудење услуги кои не одговараат на безбедносните норми.

Давид Залеев во пијана состојба на електричен тротинет

Санктпетербуршките истражители веќе на 3 јуни извршија претрес во канцеларијата и во складиштата на другите компании. Претресите се вршеа една недела, а на 7 јуни повторно се вршеа во просториите на компанијата Whoosh. Потоа на ред дојдоа компаниите Urent и Eleven на 8 јуни, и Mangoo и Busyfly 9 јуни. Истражните органи покренаа шест кривични постапки за загрозување на здравјето поради невнимателност, и за хулиганство. Наскоро слични акции со претреси беа изведени и во други региони на Русија.

Утрото на 9 јуни жителите на Санкт Петербург дознаа дека не е можно да се изнајми електричен тротинет со помош на соодветни апликации. Шефот на комитетот за сообраќај на Санкт Петербург Кирил Пољаков за проектот „Подјом“ изјави дека сопствениците на компаниите за изнајмување самите ги отстраниле електричните тротинети поради акциите на Истражниот комитет. Списанието „Форбс“, меѓутоа, повикувајќи се на извори од една компанија напиша дека тротинетите се отстранети на барање на Истражниот комитет: „Истражниот комитет вчера рече 'доколку не ги отстраните вие, ќе ги отстраниме ние'.

Да се ограничи брзината или да се уништи бизнисот?

Засега компаниите самите се обидуваат да се договорат со локалните власти за ограничување на брзината, за „бавните“ и за „црните“ зони, додека не бидат усвоени општи правила. А, какви ќе бидат тие правила – за тоа сè уште се дискутира.

Граѓанската комора предложи појаките електрични тротинети да се третираат како мопеди, а властите на Санкт Петербург предлагаат клиентите да се регистрираат со внесување податоци од документот за легитимација, а потоа да се направи единствена база на прекршители. Министерството за сообраќај го разгледува ограничувањето на брзината на тротоарите на 20 километри на час и воведување забрана на возење во паркови, во близина на метроата, на железничките станици и на трговските центри.

Конфликт во Санкт Петербург

Сето тоа не е утеха за противниците на електричните тротинети. „Кога преминувам улица сфаќам дека сум во опасност и дека морам да погледнам лево и десно. Но, кога одам по тротоар во центарот не е задолжително да се вртам на сите страни и да внимавам дали на мене ќе налета ***** на тротинет со 50 километри на час. Јас имам право на тротоар да се загледам во својот телефон“, пишува корисникот Madegghead.

Сепак, не е коректно целата вина да се пренесува на компаниите за изнајмување тротинети, смета Игор Серкин, раководител на судска практика во адвокатската канцеларија „Клифф“. „За изнајмување не постојат никакви усвоени барања во поглед на безбедноста. Тие постојат кога станува збор за намирници и за специјализирани услуги како што се лунапарковите. Но, каква опасност можат да претставуваат услугите на изнајмување? Ако изнајмите автомобил, треба ли фирмата што ви го изнајмува да ве контролира како го возите? Не, таа само треба да ја провери вашата дозвола. Во случајот со електричните тротинети дозвола (во овој момент) не е предвидена“.

Често станува збор за недостаток од инфраструктура кога би можела да го реши ова прашање. Во определени европски земји, електричните тротинети имаат право да се движат само по велосипедски патеки. За тоа зборува Александар Осипов, раководител на општественото движење „Мал електричен транспорт во Русија“: „Ние во рамките на нашето движење се возевме со електрични тротинети во сите поголеми градови на Русија од Владивосток до Калининград и сфативме дека едноставно не постои инфраструктура, и дека дури она што постои во Москва и во Санкт Петербург не е доволно. Велосипедските патеки се најчесто обична профанација, тие ненадејно почнуваат и ненадејно завршуваат, така што луѓето сепак мораат да возат по тротоари и по опасните делници“.

Но, доколку електричните тротинети се прогласат за превозно средство и за нив се воведе обврска да се движат само по коловоз, а да се забрани возењето по тротоарите и по парковите, тоа ќе го „уништи бизнисот поврзан со изнајмување“, смета Јуриј Николаев од порталот „Трушеринг“ зашто поголемиот дел од луѓето ги возат тротинетите поради забава.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња