Погледнете како ќе изгледаат новите московски електрични „речни трамваи“ (ФОТО)

Mosgortrans
Новите еколошки „речни трамваи“ имаат панорамски прозорци, УСБ-приклучоци и простор за скутери и велосипеди, а ќе запловат по реката Москва веќе во јуни 2022 година.

Москва воведува нова еколошка форма на јавен превоз, и тоа по вода. На 15 јули 2021 година, на пристаништето во паркот „Зарјадје“ во главниот град на градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин му беа презентирани првите макети на новиот електричен „речен трамвај“.

Моделот на електричниот брод со панорамски прозорци е долг околу 22 метри. Бродот превезува 42 патника, а две места се резервирани за лица со посебни потреби. Во внатрешноста на бродот ќе има информативни екрани, УСБ-приклучоци, Wi-Fi, простор за скутери и велосипеди, како и седишта и масички за работа на лаптоп. Речните трамваи ќе сообраќаат во текот на целата година, дури и во зима, објави претпријатието „Московски градски сообраќај“.

Патниците ќе можат да плаќаат за возењето со картичка „Тројка“ (со која се плаќа возењето во сите видови јавен превоз во Москва) или со банкарска картичка.

Водниот транспорт пред сé ќе го користат жителите на крајбрежните реони на Москва. Новите „речни трамваиˮ ќе им овозможат пет пати побрзо патување по градот во споредба со автобусите и електробусите, истакна прес-службата.

Истовремено кога на московските пристаништа ќе се појават електрични „речни трамваиˮ, тука ќе бидат и станиците со затворен простор за патниците кои ќе чекаат да се возат.

Во септември 2021 година Москва ќе распише конкурс за производство и испорака на електрични бродови. Првите „трамваи“ ќе запловат по реката Москва во јуни 2022 година на две линии: од Киевската железничка станица преку Москва-Сити до реонот Фили и од фабриката за автомобили ЗИЛ до реонот Печатники.

„Во 2022-2023 година ќе бидат организирани две линии со 20 речни трамваи и соодветни пристаништа. Во иднина, ќе ги развиваме и понатаму, ако заживеат и станат популарни меѓу московјаните“, објасни градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња