Како еден 19-годишен наркоман заработи милиони на Тик-Ток

Дања Милохин, блогер и рапер, позира пред церемонијата на врачување на музичките награди ЖАРА MUSIC AWARDS 2021 во салата „Крокус Сити“, 4 април 2021 година, Московска област, Русија

Дања Милохин, блогер и рапер, позира пред церемонијата на врачување на музичките награди ЖАРА MUSIC AWARDS 2021 во салата „Крокус Сити“, 4 април 2021 година, Московска област, Русија

Вјачеслав Прокофјев/TASS
Пред само две години продавал балони, се дрогирал и крадел храна од продавница, а сега седи во иста просторија со мултимилионери и зборува за тоа како треба да се трошат парите. Станува збор за најпознатиот руски тиктокер Данила Милохин, чија популарност неодамна ги „патосираше“ крупните претставници на рускиот бизнис.

„Треба да снимам Тик-Ток, а за да снимам вие треба да легнете на под... Кој е подготвен нека крене рака“, ова насред заседанието на Петербуршкиот економски форум го рече Данила Милохин кого го викаат Дања, 19-годишно момче во розова кошула и адидас капче. Потсетуваме, станува збор за најважниот бизнис-форум во Русија, каде меѓу другите настапува и претседателот на Русија Владимир Путин и за кој влезницата оваа година чинеше речиси еден милион рубли (13.830 американски долари).

Сите ја кренаа раката, па дури и директорот за маркетинг на Сбербанк, најголемата банка во земјата, а по него и потпретседателот на „Алиекспрес“ во Русија и поранешниот кандидат за претседател. Неколку секунди подоцна луѓето во сакоа и кошули се спростреа на подот од салата за конференции, а некои дури и ги кренаа нозете на фотелја. Милохин легна на маса. Десетина камери снимаа нешто што е незамисливо за манифестација на толку високо ниво.

@danya_milokhin

Где-то на серьезном мероприятии ✌️

♬ оригинальный звук - mems

(„На еден сериозен состанок“)

Данила Милохин е еден од најпопуларните руски тиктокери. Него го следат 12.9 милиони корисници. Форбс наведува дека тој заработува два милиони рубли месечно (28.000 американски долари). Џеј-Кју во 2020 година го прогласи за „Откритие на годината“. Данила на својот профил објавува виидеоклипови со танцување и со своите песни, шеги и предизвици, и тоа според принципот „колку попровокативно, толку подобро“. На веќе споменатиот економски форум, по завршувањето на дискусијата и снимањето тик-ток, тој истрча некаде, велејќи пред камерата: „Одам да мочам“. Дел од присутните беа револтирани со самиот факт дека нешто вакво се појавило на форумот: „Тоа е надвор од разумот“, „Момчето не прави ништо, се прослави по треш-популарноста на социјалните мрежи“.

До неодамна, ниту самиот Милохин не можел да замисли толкава популарност. Пред две години работел како келнер на југот на Русија, во Анапа, „за забава“ крадел роба во продавниците и сите пари ги трошел на наркотици.

Проблематично дете

Блогер (тиктокер) и музичар Дања Милохин на премиерата на серијата „Преминот на Дјатлов“ во киното „Илузион“ во Москва.

Данила Милохин, кому руските медиуми постојано му се обраќаат нагалено и го нарекуваат исклучиво Дања Милохин, од својата трета до својата тринаесетта година живеел во Оренбург, во дом за незгрижени деца, каде што него и неговиот брат Иљја ги одвела нивната родена мајка кога се развела од мажот и дошла до заклучок дека нема да може сама да ги одгледа своите синови. Милохин нерадо се сеќава на тој период. Тешко му паѓал ќотекот што го добивал, како и оброците во предвиденото време. „Кога ме зедоа од дома, на почетокот не можев да се навикнам да не добивам ќотек за слаба оценка. Во домот сите деца јадат ќотек, такво е тоа воспитување. Те тепаат по лицето, со шлаканици. Воспитувачот може да земе стап или сајла и двапати да те шибне, да не се забележува многу“, раскажа Милохин на јутјуб-каналот „Пушка“.

Браќата Милохин ги посвојува брачна двојка, претприемачите Дмитриј и Елена Тјуленеви. Во тоа време тие веќе имале пет свои деца. Браќата првин им се придружиле во куќата во близина на Оренбург, а една година подоцна сите се преселиле во Анапа, поблизу до морето. Меѓутоа, во новото семејство сè не одело „мазно“. Данила правел проблеми: не сакал да учи, почнал да пие и пуши, да не ја поминува ноќта дома. Полицијата редовно доаѓала во куќата на Тјуленеви. Конфликтите главно избивале поради тоа што Данила не сакал да учи.

„Не сакав ништо друго освен да заработувам пари на интернет. А тие го забрануваа тоа. Не сакав да учам, воопшто не ми одеше“, раскажува Дања и додава дека сепак се согласил на „компромисно решение“ и се запишал во автомеханичарско училиште, поради што се преселил во интернат. Кога се нашол надвор од погледот на семејството што го посвоило, Милохин почнал да краде по супермаркетите, претежно чоколадо, гуми за џвакање и други ситници. Како што вели тој, крадел „од задоволство“. А кога ќе го фателе како краде, тој лажел дека нема што да јаде. Од куќата добивал месо и житарки за каша, но го мрзело да подготвува храна.

На 16-годишна возраст Дања почнал да се дрогира и на сите им кажувал дека еден ден ќе стане блогер. Си отворил профил на социјалната мрежа „ВКонтакте“ и почнал да објавува сè по ред: фотографии од супермаркет, каде што седи во количка за купување полна со инстант јувки, и селфи без кошула. Се истетовирал и ја обоил косата. На 17 години имал 2000 следбеници. Потоа отворил профил на „Инстаграм“, каде „почна да ги мами луѓето за пари, т.е. да продава реклама што не ја направил, а потоа [за парите добиени на тој начин] да купува дрога “. Во едно интервју, на новопечениот јунак на Петербуршкиот економски форум му беше поставено следното прашање: „Испаѓа дека си ги мамел луѓето само за да си поминеш убаво“. Тој одговори: „Така испаѓа“.

Покрај тоа, Милохин продавал балони и дистрибуирал летоци, но тој ни на една работа не се задржал долго, сé му здодевало брзо. Летото 2019 година Дмитриј Тјуленев го вработил на првото посериозно работно место. Дања работел како келнер во кафуле, но по само два месеци намерно издејствувал да добие отказ. Едноставно сакал да поминува повеќе време со своето друштво. Тогаш почнал да води страница на ТикТок, да става на неа „сè што ќе му падне на ум“. Правел гримаси пред камерата, им се потсмевал на други тиктокери, пеел на плејбек, а сето тоа ѝ се допаѓа на публиката на оваа социјална мрежа.

„Мојот нероден татко ми откри една мала тајна. Ми рече: „размислувај материјално“. Јас поверував во тоа, па секоја вечер почнував да пишувам на ливче: „Јас сум најпопуларниот дечко на светот, јас сум најубав, убаво е да се дружат со мене, имам еден куп пријатели“, вели Милохин. Сонувал да се пресели во Москва. Кога станал полнолетен, од државата како сираче добил 200000 рубли (2800 долари). За тие пари купил нов телефон и билет до Москва. Ги прекинал контактите со семејството, па дури и со неговиот брат Иљја.

Идол

Блогерот Данил Милохин, кој ја доби наградата за „Откритие на годината“ на доделувањето на наградите „Човек на годината 2020“, според верзијата на машкото списание GQ во Московскиот уметнички академски театар „Максим Горки“ (МХАТ).

„Одев на сè или ништо. Или ќе ми тргне, или животот нема смисла, како и да звучи тоа“, вели Милохин. И му тргнало. Неговиот пристап кон „содржината“ ѝ се допаѓаше на популацијата на социјалните мрежи. Во декември 2019 година Дања Милохин веќе имаше 700000 следбеници на „ТикТок“ и 150000 на „Инстаграм“. Дополнителна популарност му донесе видео-интервјуто каде тој раскажува за тоа колку му било тешко детството. Тоа видеоимаше над 6 милиони прегледи. Исто така си подигруваше со темата за сопствената бисексуалност. Тој вели дека е хетеросексуалец, но дека, наводно, со темата односи со момчиња привлекува поголемо внимание. „Ти си мојот идол“, му пишуваа во коментари тинејџери од сите полови.

Тогаш Јарослав Андреев, творецот на рекламната агенција WildJam, специјализирана за работа со блогери, му понуди на Милохин да се состанат. Данила беше поканет во Dreamhouse, првата куќа на тиктокерите во Русија (уредена по аналогија со американскиот проект Hype House), каде што тиктокери живеат заедно и снимаат содржини за своите страници и за страницата на тиктокерската куќа, што придонесува за подобра „циркулација“ на следбениците на различните блогери и пораст на нивниот број. За изборот на жителите на куќата и за креативната програма се погрижија Дања и уште еден партнер. Андреев, како што рече самиот, на почетокот се подготвувал првите година дена проектот да носи само загуби, но тиктокерската куќа по само половина година почна да остварува профит.

За време на карантинот во 2020 година, Милохин дошол на идеја да сними шеговита песна „Дома сум“. Зборовите „Погоди каде сум? Дома“ беа многу релевантни во тоа време. Тиктокерите ја снимија песната за еден ден, а нејзиниот краток извадок стана вирален. Корисниците на „ТикТок“ снимија 1,3 милиони клипови врз основа на тоа. Милохин отиде подалеку и објави клип кој во моментов на „ЈуТјуб“.има над 28 милиони прегледи.

Блогерот вели дека повеќе не се дрогира: „Еднашка се предозирав и потоа не можев да спијам нормално, цело време главата ми татнеше „м-м-м“. Бев тотално одлепен. И се исплашив“.

„Веројатно разбираш дека со репутација на момче што се дрогира големите брендови нема да сакаат да соработуваат со тебе?“, тоа прашање му беше поставено во веќе споменатото интервју на каналот „Пушка“. Ако не сакаат и не мораат. Ако ни други не сакаат, тогаш ќе сакаат трети “, одговори тој и набргу потоа се покажа дека тоа е точно. После музичкиот успех му пристапија големи компании, меѓу другите и PepsiCo, Honor, Huawei и др. Стана и заштитно лице на „Сбербанк“.

„Не е ни најмалку чудно што им е потребен таков поседник на аудиториум каков што е Дања Милохин. Самиот Милохин како таков не дава никаков придонес за гигантскиот бренд, но „Сбербанк“ испраќа ваква порака: гледајте, сите се со нас, и тинејџери и старици, ние сме насекаде, ние сме за сите“, вели Антон Буланов, експерт на Центарот за развој на компетенции во маркетингот на универзитетот „Висока школа за економија“.

Блогерот Даниил Милохин (лево) и пејачот Николај Басков во текот на снимањето на емисијата „Новогодишно сино оганче“ на тв-каналот „Русија 1“.

Блогерот Данила исто така смета дека може да се вклопи во секој контекст и секој бизнис ако има зад себе милиони следбеници. Сега тој прави музичка кариера и отворено изјавува дека тоа може да го постигне и оној што не знае да пее. „Сакам да пеам, а ме мрзи да губам време на учење. Сега има аутотјун, сè може да се поправи со него“.

Дања Милохин, блогер и репер, позира пред церемонијата на врачување на музичката награда ЖАРА MUSIC AWARDS 2021 во салата „Крокус Сити“, 4 април 2021, Московска област, Русија.

Себе си се карактеризира вака: „Јас не сум професионалец во ништо, освен во карактерот. Кога станува збор за карактерот, тука сум професионалец“. Неодамна Милохин, на свои 19 години купи „Мајбах“ за 10 милиони рубли и објави 21 песна, соло и во соработка со познати хип-хоп изведувачи и блогери.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња