„Последниот император“ повторно влегува во октагонот!

Вадим Жернов/РИА Новости
Познатиот руски ММА-борец Фјодор Емелјаненко ќе настапи на 23 октомври во меч што ќе се одржи во ВТБ Арената во Москва, соопшти Okko Sport на својот канал на мрежата на „Телеграм“. Името на ривалот на Емелјаненко засега не се соопштува.

Легендарниот руски спортист, кој последен пат беше во октагонот во декември 2019 година, кога во првата рунда го нокаутираше Американецот Квинтон „Ремпејџ“ Џексон, изјави дека се чувствува одлично и дека целосно се опоравил од прележаната корона. Мечот, како што се наведува, директно ќе го пренесува Okko.

Како што се истакнува, списокот на оние кои би сакале да се борат со Емелјаненко е долг. Организацијата „Белатор“, во која настапува Емелјаненко, соопшти дека Русинот подоцна ќе го избере својот противник.

Првиот човек на оваа американска компанија Скот Кокер, кон крајот на март изјави дека борецот од Бразил Јуниор дос Сантос, познат по своите настапи во Ultimate Fight Championship, би можел да биде противник на Емелјаненко. 44-годишниот руски спортист е познат по своите настапи во организација на компаниите „Прајд“ (Pride), „Страјкорфорс“ (Strikeforce) и „Белатор“ (Bellator). Тој има 39 победи и шест порази.

Претходно во јавноста се зборуваше дека Фјодор Емелјаненко би можел да ја заврши кариерата во 2021 година. Рускиот тешкаш има договор со компанијата „Белатор“, според кој мора да учествува во уште две борби. Меѓутоа, „Последниот император“ изјави дека може да ги закачи ракавиците на клинец кога ќе посака. Во медиумите се појавуваше и информацијата за шестмина спортисти кои наесен би можеле да бидат ривали на рускиот шампион, а покрај Јуниор дос Сантос, се споменуваше и Мет Митрион со кого Емелјаненко се бореше 2017 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња