Петте најпопуларни руски заблуди за короната

spfdigital/Getty Images
Вотка како лек против коронавирус, наноцрви во маски и чипување преку вакцина. Со ова ниту приближно не е исцрпен списокот со лажни информации за Ковид-19 во кои Русите, за жал, сепак веруваат.

Рускиот сервис за одговарање на прашања „Јандекс.Кју“ (Яндекс.Кью), како и стручњаци на Руската академија за национално стопанство и државна администрација при кабинетот на Претседателот на Руската Федерација во соработка со Научниот центар од меѓународен ранг „Центар за интердисциплинарни истражувања на човечкиот потенцијал ги идентификуваа најраспространетите гласини за коронавирусот.

Анализирани се повеќе од шест милиони лажни постови и репостови на  Руси на социјалните мрежи од почетокот на 2020 година до средината на мај оваа година. Еве кои измислици се најпопуларни.

1. Во февруари минатата година на социјалните мрежи, месинџерите и форумите почнаа да се појавуваат инструкции од непостоечкиот руски лекар Јури Климов, кој наводно работел во една болница во Кина, а потоа продолжил да го проучуваат вирусот токму во Вухан, каде што наводно се запознал со начините на борба против новиот коронавирус. Како што се истакнуваше во постовите, новиот коронавирус наводно можно да се убие на температура од 26-27 степени, па затоа лажниот лекар советуваше да се пие жешка вода што е можно повеќе, а по контакт со заразени, да се пере облеката со обичен прашок и да се суши на сонце.

2. На Русите на социјалните мрежи им беше советувано да го пијат популарниот антивирусен препарат, да јадат ѓумбир и да вдишуваат испарувања на вотка. Луѓето имаа посебна доверба во моќта на ѓумбирот, па така пролетта 2020 година побарувачката за него енормно порасна, а цената се зголеми за три пати.

3. Русите исто така поверуваа дека маските што ги тераат да ги носат со цел да се спречи ширењето на заразата содржат црни наноцрви кои продираат во кожата и му штетат на организмот. Видеоснимки со непостоечки црви корисниците си испраќаа едни на други преку мрежата What'sApp. Всушност, како што се покажа, тоа беа најобични конци кои се движеа од топлина, статичко полнење или вибрации на воздухот.

4. Русите беа особено лути на Кина, од каде и дојде вирусот. Во Владивосток се ширеа гласини дека Кинезите наводно заразуваат луѓе со вирусот со помош на специјален „бел прав“ и извезуваат во Русија инфицирани банани, како и дека пратките од кинеските интернет продавници, како што е „Алиекспрес“, се исто така заразени.

5. Корисниците на социјалните мрежи се сомневаа и во ползата од вакцините. Многумина ширеа невистини дека вакцината против коронавирус може да предизвика неплодност, или дека луѓето преку вакцините можат да бидат чипирани и дека светската влада на тој начин наводно може да управува со секој од нас, и ако има потреба, и да нé убие. И целиот тој потфат му се припишува лично на Бил Гејтс, кој во пронаоѓањето лек за новиот коронавирус вложил десетици илјади евра.

Покрај тоа, во јужно Поволожје и Ростов на Дон се ширеа гласини дека локалните лекари фалсификуваат дијагнози за корона, а во Москва и Санкт Петербург корисниците на пребарувачот „Јандекс“ бараат стихови за животот во карантин што му се припишуваат на поетот Александар Пушкин .

Највкоренетите заблуди се поврзани со вакцинацијата и тие датираат од самиот почеток на ширењето на новиот коронавирус во Русија. За другите се карактеристични наглите подеми и падови. Така, на пример, интересот за народни лекови и недокажани медицински совети беше изразен само непосредно пред и за време на првиот и вториот бран на заразната болест Ковид-19, се наведува во истражувањето.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња