The Drive: Русите во Сирија префрлија бомбардери Ту-22М3 вооружени со ракети со мегатонска сила

Овој Интернет-портал особено внимание посвети на појавувањето на руските суперсонични бомбардери Ту-22М3 на небото над Сирија и Источен Медитеран. Русите во оваа пригода упатија јасна порака дека во наредниот период сакаат да го зајакнат своето присуство на тлото на Блискиот Исток, со намера својата проекција на сила да ја прошират на басенот на Средоземното море.

Интернет-порталот The Drive со големо внимание го анализираше видеоматеријалот што го објави руското Министерство за одбрана на кое можат да се видат детали од воздухопловната мисија во Сирија во која учествуваат суперсоничните бомбардери со голем дострел Ту-22М3. Особено внимание кај заинтересираните новинари привлече огромната суперсонична противбродска ракета Х-22 со должина од 11.6 метри која беше прикачена на поткрилниот носач на леталото.

Авторите потсетија дека ракетата Х-22 (НАТО класификација AS-4 "Kitchen") во стручната јавност се дефинира како ракета со голема брзина, односно „убиец на носачи на авиони“, која освен конвенционални бомби може да поседува и атомска боева глава. „Во својата противбродска варијанта, ракетата Х-22 која се смета за застарено оружје (нејзиниот развој започна кон средината на 20 век – заб. прев.) и понатаму претставува мошне сериозно ударно средство кое благодарение на исклучителната разорна сила на својата боева глава е во состојба да задава големи проблеми на површинските воени бродови“.

Во моментот кога се има појавено, летно-техничките карактеристики на ракетата биле едноставно фантастични. Таа на својата патека можеше да достигнува брзина поголема од 3 маха. Нејзиното лансирање се реализира на висина од 10 до 12 километри, по што стартниот мотор ја подига на висина од 20 километри. На оваа висина ракетата преминува поголем дел од својот пат (крстосувачка висина). За време на достигнувањето на зададената висина на летот (20 километри) се отфрлаше стартниот мотор, и се палеше маршевскиот кој имаше задача да ѝ обезбеди на ракетата да дојде до зоната на целта. На оддалеченост од неколку десетина километри од целта ракетата преминуваше во режим на „пикирање“ под агол од 30 степени. Силната разорно-кумулативна боева глава со тежина од 900+ килограми можеше во оплатата на бродот да направи огромен кратер со длабочина од 12 метри, што овозможуваше гарантирано уништување/онеспособување на најголемите површински бродови кои се наоѓаат во оперативна употреба (тешки крстосувачи, носачи на авиони).

Суперсоничната крстосувачка ракета од класата воздух-море Х-22 е наменета за борба против исклучително важни цели на море и во океаните, како што се носачи на авиони, тешки ракетни крстосувачи кои се наоѓаат на чело на ударните поморски борбени групи итн. За таа цел, оваа ракета е опремена со конвенционална и со термонуклеарна боева глава. Тежината на конвенционално пробојно-разурнувачката боева глава изнесува 960 килограми додека е на сила термонуклеарната боева глава рамна на експлозија од милион тони ТНТ (1Мт). Нејзиниот оперативен дострел изнесуваше околу 600 километри. Со овие ракети беа вооружени бомбардерите Ту-16К, Ту-22К, Ту-22М2/3 и Ту-95К. Сиве овие бомбардери беа ориентирани на огромната акваторија на Тихиот океан и нивната основна задача беше борба против американските поморски борбени групи кои ги предводеа носачите на авиони. Советската врховна команда сметаше дека за ефикасно решавање на оваа задача доволна е употреба на една стратешка воздухопловна формација од рангот на авиодивизија, која броеше нешто повеќе од 80 бомбардери опремени со овие ракети. За таа цел МБГ „Радуга“ произведе околу 1.000 вакви ракети.

Меѓутоа, и покрај навистина извонредните летни карактеристики на оваа ракета, пред сè кога станува збор за нејзината максимална брзина, како и армагедонската сила нејзиниот борбен потенцијал, постоеше еден мошне сериозен проблем. Имено, системот за наведување на оваа ракета беше исклучително ранлив на средства за противелектронска борба, особено кога непријателот активно применуваше методи за попречување кои во неприфатлива мера ја намалуваа нејзината ефикасност. Нејзината модернизација започна уште во времето на СССР, меѓутоа поради неговиот колапс, а потоа и поради сеопштата финансиска катастрофа, техничките работи на проектот за нејзината модернизација беа запрени до доаѓањето на подобри денови. И научниците не се прелажаа. Подобрите денови за повторна работа на модернизацијата на оваа ракета дојдоа во 2013 година. Нејзината длабока модернизирана верзија доби и своја нова ознака – Х-32.

Основната разлика во однос на Х-22 се однесуваше на промената во управувачкиот блок на ракетата, кој се состои од унапредена електроника која овозможува комбинирано наведување (инерцијално и радарско), а кое е исклучително отпорно на секаков вид електронско попречување. Потоа, зголемен е капацитетот на резервоарот со гориво, а подобрен е и ракетниот мотор кој користи течно гориво. Благодарение на овој исклучително сериозен пакет модернизација, нејзиниот дострел е зголемен за цели 400 километри и достигнува максимални 1.000 километри. Благодарение на ваквите промени кога станува збор за техничко-тактичките перформанси на оваа ракета, бомбардерот не мора воопшто да влегува во зоната што ја покриваат палубните ловечки апарати кои се наоѓаат на главниот објект на нејзиното дејствување, односно на непријателскиот носач на авиони. Боевата глава е практично иста како и кај ракетата Х-22. Значи, Х-32 може да носи и конвенционална и нуклеарна боева глава. Оваа ракета е предвидена за модернизираната варијанта на бомбардерот-ракетоносец Ту-22М3М. Планирано е наскоро руското воздухопловство да биде зајакнато со најмалку 30 модернизирани бомбардери Ту-22М3М, кои ќе бидат опремени со стотици ракети Х-32.

Теоретски, секој бомбардер Ту-22М3/Ту-22М3М може да носи до три ракети Х-22/32. Авторот на овој текст констатира дека доаѓањето на суперсоничните бомбардери со голем дострел Ту-22М3 во Сирија кои се опремени со ваков тип ракети се најсериозната можна опасност за бродовите на НАТО во Средоземното море.

Ту-22М3М е суперсоничен бомбардер со голем дострел кој може да се користи во различни типови борбени мисии. Во своето вооружување поседува широк спектар борбено оружје, од кое секако е најопасна ракетната компонента од класата воздух-земја и воздух-море. Широката палета вооружување му овозможува да се бори против голем број копнени и поморски цели на различни далечини. Во вооружувањето се наоѓа од 1989 година. Еден од најмасовните бомбардери со голем дострел кој се наоѓа во составот на руската армија. Авиони од овој тип се применувани и во операцијата на руската војска во Сирија.

Длабоко модернизираниот суперсоничен ракетоносец Ту-22М3М првпат полета кон крајот на 2018 година од аеродромот во градот Казањ, Руска Федерација. Кај него е реализирана толку обемна програма за модернизација што може да се каже дека се работи за целосно нов авион, кој од своите претходници не се разликува единствено според надворешниот дизајн кој помалку или повеќе остана ист. Авионот доби современи средства за навигација и врска, нов нишански комплекс за наведување најсовремени типови воздухопловни бомби и ракети (употреба на хиперсонични ракети „Кинжал“), како и комплетно нов електросистем.

Во близок временски период руското Министерство за одбрана планира да ја модернизира флотата од 30 авиони Ту-22М3 на стандардот Ту-22М3М. Секој авион ќе може да носи 2-3 ракети Х-32. Главен изведувач на работите ќе биде Казањската фабрика за авиони која е специјализирана за суперсоничните бомбардери од семејството Т-22М и Ту-160.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња