Во сибирско село одржана прослава по повод завршувањето на средната школа за само еден ученик

Во едно село во руската република Јакутија во источен Сибир, на традиционалната свеченост по повод завршувањето на средната школа присуствуваше само еден ученик од завршниот, единаесетти клас.

Во селото Инга во Томпонскиот реон во Јакутија средна школа заврши единствениот ученик во единаесетти клас, соопшти службата за односи со јавност на оваа образовна институција на својата страница на социјалната мрежа „Инстаграм“.

Како што се наведува, овој тинејџер беше единствениот ученик во класот, така што годинава и единствен го заврши училиштето.

Класната наставничка на овој ученик во својот говор напомена дека тој и во прво одделение се запишал сам. Притоа во текот на 11 години повремено му се приклучувале ученици од други училишта, па така во класот имало по четворица, петмина ученици. Меѓутоа, во завршниот клас бил сам.

Како што се истакнува, наставниците се шегувале дека во единаесетти клас наставата е секогаш стопроцентно посетена, учеството во настаните е стопроцентно, како и дека е остварен стопроцентен успех. И покрај специфичните околности на школувањето, Михаил К., кој сам одговарал, сам решавал задачи, правел писмени и самиот бил дежурен, на крајот добил стипендија наменета само за најдобрите ученици.

Како што се наведува, единствениот ученик на свеченоста „во име на својот клас“ одржал говор, им се заблагодарил на сите ученици и им врачил подароци. Инаку, во република Јакутија, оваа школска година во дури 19 училишта во 14 реони школо заврши по еден ученик во единаесетти клас.  

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња