Патријархот Кирил предложи алтернатива на абортусите

Russian Government/Global Look Press
Патријархот Московски и на цела Русија Кирил ги повика жените кои од различни причини не сакаат да раѓаат деца да не абортираат, туку да ѝ ги даваат децата на Црквата.

Според него, Црквата ќе помогне детето да се воспита и да се исправи на нозе, а исто така нема да ги спречува средбите на детето со мајката.

„Напротив, ќе правиме сè за да го зацврстиме вашето семејство, дури и да е нецелосно, но тоа има вредност и пред Бога и во однос на целата наша земја“, рече патријархот Кирил во видео обраќањето до учесниците на Општоцрковниот конгрес за социјално служење, објавено на јутјуб-каналот на Руската православна црква.

Поглаварот на црквата им се заблагодари на сите што го поддржаа предлогот за формирање кризни центри за жени во тешка животна ситуација.

„Црквата е постојан сведок на страшниот проблем, проблемот со абортусот. Ние сме голема земја, потребно ни е да нé има повеќе. И не постои поефикасна шанса да се влијае врз демографијата отколку радикално да се намали бројот на абортуси. Црквата повикува на тоа“, изјави тој.

Патријархот истакна дека државата треба да вложи напор во решавањето на ова „суштинско прашање за зачувување на народот“.

Најголемиот форум на РПЦ на полето на добротворството – Општоцрковниот конгрес за социјално служење – беше отворен во Москва во четвртокот, 13 мај. На конгресот ќе бидат изведени заклучоци и разгледани перспективите за хуманитарна работа во Русија, а исто така ќе стане збор и за улогата на Црквата во развојот на социјалната сфера. Покрај тоа, на средбата ќе бидат разгледани прашањата на демографијата и превенцијата на абортусот, развојот на палијативната помош и сестринската грижа за тешко болните.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња