Возење со баги и скок со падобран: Како си го поминува животот 99-годишна „челична баба“ од Русија

MOD Russia/Global Look Press
Ветеранката од Втората светска војна Марија Колтакова се занимава со екстремни спортови и продолжува да ја негува љубовта спрема животот, иако наполни 99 години.

Во Белгород воената медицинска сестра Марија Денисовна Колтакова се подготвува за прославата на Денот на Победата. Себеси се нарекува „челична баба“ поради карактерот кој во годините на Големата татковинска војна ѝ помогна да издржи во најтешките судири, а денес ѝ помага да ги одржи оптимизмот и страста спрема животот.

Марија Денисовна има 99 години, не се жали на здравјето и е подготвена да проба екстремни видови забава на кои некогаш ни младите луѓе не се решаваат. Неодамна, на пример, се повозе по шумски терен во баги. Во паузата од возењето се присети како за време на војната морала пеш да се пробива низ шума.

Марија Денисовна заминала на фронтот како доброволец: од Сибир на југот на земјата. Првата задача во која учествувала во состав на полкот била ослободувањето на Воронеж, додека во тоа време Германците напредувале кон Москва и Сталинград.

„Ја поминавме реката Дон, тргнавме по патот и наидовме на до заби наоружани фашисти, а имавме една пушка и 10 куршуми. Започна борба гради в гради, четири дена нé косеа како класје, изгубивме 35-40% од живата сила“, се присетува Марија Колтакова на таа борба.

На крај црвеноармејците победиле во таа битка. Подоцна командантот на 60 армија генерал Черњаховски ѝ доделил на Колтакова медал „За храброст“.

На фронтот била медицинска сестра. Спасувала животи, иако и самата двапати била на чекор од смртта. Најмалку 300 ранети војници Колтакова изнела на своите плеќи од боиштето. Поправала телефонски врски, давала крв и знаела како да ракува со оружје, како и сите девојки во нејзиниот одред.

Низ животот секогаш оди со доза хумор и сака да проба нешто ново. Марија Денисовна со својот пример веќе повеќе пати докажала дека човечките можности немаат граница. На 93 години го освои небото над Крим со тоа што го изведе својот прв скок со падобран на висина од 3000 метри. А на 95 години скокна од 4200 метри. За време на својата прва посета на Сочи се потсетува на доживувањата на полуостровот.

„Без отворен падобран летавме 40 секунди, а потоа се отвори, додека мојот сопатник за тоа време двапати се сврте во воздух без падобран“, вели „челичната баба“.

Со својата љубов спрема животот и искрената насмевка оваа бабичка ги освојува срцата на луѓето. И сите секогаш ѝ го поставуваат истото прашање: за тајната на младоста. А Марија Колтакова одговара дека нема никаква тајна. Тоа е, според неа, нејзина лична желба да им се заблагодари на своите другари од полкот за тоа што сите нам ни подарија мирно небо над главата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња