Седум чекори до руски пасош ако сте во брак со државјанин на Русија

yuliasverdlova/Getty Images
За да станете руски државјани странците мораат да вложат многу време и труд. За многумина ова станува недостижен сон. Меѓутоа, реална можност се појавува за оние што во Русија ја пронашле својата љубов. Ова се чекорите што треба да ги минете во овој комплициран процес доколку сте се омажиле за Русин или сте се ожениле за Русинка.

1. Да сте барем три години во брак

Три години треба да минат од склопувањето брак пред брачниот партнер на рускиот државјанин да може да побара руски пасош. Доколку сте во брак покусо од три години, не можете да барате руско државјанство само врз основа на бракот.

2. Да живеете во Русија

За време на поднесувањето на барањето брачната двојка мора да има постојан престој во Русија. „Важно е да се истакне дека постојаниот престој во Русија значи дека лицето престојува надвор од Русија најмногу три месеци годишно. Ова значи дека секоја календарска година странецот кој е во брак со руски државјанин мора најмалку девет месеци и еден ден да мине во Русија“, објаснува Екатерина Осипова, директорка на одделот за правна помош на Балтичкиот федерален универзитет „Емануел Кант“. Печатот што во вашиот пасош го става миграциската служба го покажува вашиот правен статус како граѓанин со постојан престој во Русија. За да го добиете треба да се пријавите за дозвола за привремен престој (видете ја точката 3).

3. Да побарате дозвола за привремен престој

Доколку легално престојувате во Русија и сте во брак со руски државјанин, морате да се пријавите за дозвола за привремен престој која Русите ја нарекуваат „ВНЖ“.

Обрнете внимание на тоа дека не може секој да добие привремен престој, но оние што се во брак со руски државјанин го имаат тоа право. Со оглед на тоа што пополнувањето на образецот бара многу трпение и знаење, всушност е невозможно да го направите тоа без помош на правен советник кој ќе ви овозможи да се снајдете во руските миграциски прописи.

Кога ќе бидат подготвени формуларот и дополнителните документи, предајте ги на локалната единица на Миграциската служба при руското Министерство за внатрешни работи. Адресата на конкретната канцеларија мора да одговара на вашето место на регистриран престој. Затоа консултирајте се со правен советник за тоа каде треба да ја поднесете својата пријава.

4. Почекајте ја дозволата за постојан престој

Во случај поднесените документи да се исправни, властите ќе ви издадат дозвола за привремен престој и ќе ви стават соодветен печат во вашиот пасош. Овој процес обично трае од два до шест месеци во зависност од личните околности и од регионот во кој се поднесува пријавата.

5. Пријавете кај властите во кој регион живеете

Важно е да се истакне дека по добивањето дозвола за привремен престој, граѓанинот мора да се пријави на миграциските власти и да престојува само на адресата која е наведена за време на пријавувањето. Граѓаните кои ќе добијат дозвола за привремен престој мораат да живеат и да работат само во регионот за кој добиле дозвола.

Еднаш годишно лицето мора да поднесе писмен извештај и потврда за приходите до локалните миграциски власти за да докаже дека и понатаму има постојано место на живеење во регионот. Потсетуваме уште еднаш дека ангажирањето правен советник во голема мера ќе го олесни овој процес.

6. Пријавете се за постојан престој

Следниот чекор за странскиот државјанин кој има добиено дозвола за привремен престој врз основа на тоа што е во брак со руски државјанин е да се пријави за постојан престој или ВНЖ (вид на жительство). Треба да минат најмалку шест месеци за лицето да има право да го направи тоа.

Со оглед на тоа што овој процес за добивање право за постојан престој е уште посложен од претходното добивање дозвола за привремен престој, во најдобар интерес за лицето е да консултира правен советник.

Повторно, на властите им се потребни во просек шест месеци да донесат решение за ова. Затоа вашата дозвола за привремен престој мора да биде важечка најмалку шест месеци кога ќе го поднесете барањето за постојан престој.

7. Пријавете се за државјанство

Кога вашата дозвола за постојан престој ќе биде готова, конечно можете да се пријавите за руско државјанство. Пријавата се поднесува во истиот регион (а, можеби и во истата канцеларија) каде лицето било за време на пријавата за привремен престој и на постојан престој.

Сепак, за да не дојде до некоја забуна во последната фаза на овој комплициран бирократски процес, задолжително ангажирајте правен советник. Би било идеално тоа да биде истото лице кое ви помогнало да го добиете привремениот престој и правото на постојан престој.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња