Рудари кои вадат злато на Арктикот спасија младо на бела мечка (ВИДЕО)

AndreAnita/Getty Images
Мечето кое остана без мајка денес живее во московската Зоолошка градина.

Рудари кои се занимаваат со вадење злато на островот Болшевик, дел од архипелагот Северна Земја на Арктикот, припитомија младо на бела мечка „како куче“. Мечето ја загубило својата мајка и дошло кај луѓето барајќи храна.

Видеото што го снимија работниците покажува како целосно припитоменото младо на поларна мечка се качува по скала со охрабрувачките гласови на луѓето, а потоа приоѓа да си игра со еден работник, додека друг го повикува да дојде и да се слика со него.

Кога мечето ја изгубило својата мајка, дошло кај луѓето привлечени од мирисот на храна.

„Без оглед дали е добро или лошо, тие го хранеа загрозеното животно и на тој начин го припитомија“, рече Андреј Горбан (56), директор на зоолошката градина „Роев Ручеј“ во Краснојарск, кој учествуваше во спасувањето на мечето. 

Иако трагедијата била привремено избегната, се појавила нова опасност кога дошло време работниците кои го хранеле мечето да заминат и да се вратат на копно.

„Дојде време работниците да заминат, мечето можеше да умре од глад, бидејќи е многу мало. Немавме време да преземеме нешто. Единствено се надевавме дека блиската депонија е доволно голема и дека мечето би можело да издржи два месеци до доаѓањето на новата смена работници“, објави Горбан на „Фејсбук“.

Кога пристигнаа новите работници, не го видоа мечето и го претпоставија најлошото. Сепак, од друго место дојде веста дека мечето се појавило таму „слабо, валкано, но живо!“.

Овој пат луѓето мораа да донесат одлука што да прават со питомото мече кое наскоро ќе порасне и ќе стане грабливец тежок двесте килограми, кој сепак не би можел да преживее без луѓе.

Бидејќи поларните мечки се загрозен вид во Русија, одлуката мораше да се донесе во согласност со органите надлежни за заштита на животните во Москва. Мечето беше фатено и пренесено во зоолошката градина во Москва, каде што ќе мора да помине во карантин неколку месеци.

Бидејќи припитомените бели мечки не можат да бидат вратени во дивината, мечето најверојатно ќе го помине својот живот во една од зоолошките градини во Русија.

„Благодарност до сите што помогнаа со дела, а не со зборови. Најважно е што мечето е спасено и што ќе пронајде нов дом“, рече Горбан.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња