Како Русите ловат мечки?

Евгениј Тихменев
Борба со копје, вотка како мамец и зошто нема смисла да се гаѓа мечка во главата. Сè што не сте знаеле за ловот на мечки на руски начин!

Предупредување: Редакцијата на Russia Beyond Македонија е против какво било насилство над животните, вклучувајќи го, секако, и ловот на диви животни како што се мечките. Оваа статија е напишана како информативно и историско четиво.

Оној што не треба да се споменува

Мечките отсекогаш ги фасцинирале Русите, а дресирањето мечки била древна вештина на руските „скомрахи“, патувачки глумци и музичари, Исто така, успешниот лов на мечки ја покажувал високата вештина на ловецот и повлекувало различни мистични конотации, со оглед на тоа дека се сметало оти мечката е „господар на шумата“. Во Русија „господар“ бил вообичаен прекар за мечка, а самиот назив на ова животнo на руски значи „оној што јаде мед“, со оглед на тоа дека ова животно било толку застрашувачко што изговарањето на неговото име било забрането (а името во старорускиот му било „бер“).

Јасно е дека ловот на руски мечки носи опасност по животот. Возрасна мечка може да тежи до 400 килограми. Трча брзо како коњ и знае да скокне далеку. Видот на мечката не е многу добар, но затоа сетилата за мирис и за слух ѝ се извонредни. А, кога мечката ќе се разбуди од зимскиот сон или кога е исплашена или ранета, е особено опасна. Така ловците, доколку не успеат веднаш да ја соборат мечката која е неодамна разбудена или ранета, па таа избега во шумата, морале да организираат потера. Имено, ваквата мечка, избезумена од бес и од бол, би претставувала голема опасност во случај да влета во некое село.

Нападот на мечка не е едноставна задача. Нејзиниот зашилен череп има дебели коски, па не е паметно да се гаѓа во глава, зашто може да остане речиси неповредена. Имено, куршумот најчесто ќе го допре черепот, ќе се лизне и предизвикува сериозна штета. Затоа ловците обично нишанат во срцето на мечката.

5 руски методи за лов на мечки

Одамна, пред огненото оружје да стаса во рацете на руските ловци, тие имале свои традиционални методи за лов на „господарот на шумата“. Користеле оружје со острица, копје и замки. Но, пред ловот на мечките Русите почитувале некои обичаи. Наспроти ловот секој што учествувал во него морал да се избања во бања (руска сауна). Исто така луѓето се воздржувале од секс.

Сето тоа го правеле за да ги намалат телесните мириси и за да ја минимизираат шансата мечката да ги забележи дури ѝ се приближуваат. Ловците дури и ја држеле својата облека ноќе во вреќа со гранки од бор и од елка, за да попримат мирис на шума.

Рогатина

„Рогатина“ била специјално кратко копје со остра дршка за лов на мечки. Најважниот дел била широката острица со две сечила во облик на лист долга од 20 до 60 сантиметри и широка до 7 сантиметри. Оваа острица остава широки рани кои обилно крвават.

Рогатината обилно се користела за мечката да се држи на растојание додека останатите ловци ја соборуваат со долги копја. Во ваков случај тоа било најопасниот начин за лов на мечки што можеле да го применат само највештите ловци.

Замки и мамки за мечки

Русите осмислиле замки за мечки направени само од неколку трупци и столбови. Една од нив, која се нарекувала „шчемица“ („стискач“) е опишана во 1885 година во Олонецкиот весник (Карелија). Станува збор за практично два трупци кои паѓаат на мечкините шепи кога таа ќе се обиде да зграпчи парче изгниено месо оставено како мамка. Кога ќе паднат трупците, мечката е заробена и умира од глад доколку никој не помине покрај стапицата. Инаку ја убивале ловците кои чекале во близина.

Секако, мечките можат да се фатат и со копање длабоки јами во земјата со дрвени шилци на дното. Ваквите јами биле камуфлирани со помош на лисје и гранки и се копале на места каде мечките се хранеле пред зимскиот сон.

Како мамка се користеле и мртви крави или свињи (или нивните отсечени глави). Врзано за дрво длабоко во шумата, месото ги привлекува мечките кои доаѓаат во зори и се хранат, а ловците во тој момент ги напаѓаат од скривалиштата. Иако звучи необично, и алкохолните пијалаци се користеле како мамка. Ако мечката е премногу тешка и опасна, ловците ќе оставеле кофа со вотка во близина на месото, за мечката да ја испие откако ќе се најаде, па да заспие, станувајќи лесен плен.

Лов на мечки во поле со овес

Пред зимскиот сон, кога ќе започне есента, мечките сакаат да добијат на тежина. Тие сакаат овес и често ги посетуваат полињата со оваа житарка за да се насладат со сочните зрна. Мечките тогаш можат да се ловат, но ловецот не треба да биде во полето, оти може да стане жртва на една или на неколку мечки.

За лов на мечки во поле со овес ловецот гради мала платформа на дрво или таканаречена „чека“ на столбови каде може да се смести и да ги набљудува мечките додека се хранат. „Чеката“ би требало да се наоѓа најмалку пет метри над земјата, а ловецот мора да биде сосема нечуен и пред сè без мирис. Искусните ловци не се бричат со недели пред да заминат на лов на мечки, не пушат и не пијат алкохол и избегнуваат користење дезодоранси. Облеката и чевлите им се ветреат на отворено за да изгубат мирис.

Ловецот чека во своето скривалиште додека мечката не дојде доволно близу за да може добро да ја погоди од пушката, целејќи директно во срцето. Мошне е важно да се провери дали мечката е мртва пред да ѝ се пријде. Познато е дека мечките се итри, па дури и кога се ранети можат да чекаат за да го зададат својот последен смртоносен удар на невнимателниот ловец.

Лов на мечки со кучиња

Кучињата можат да бидат корисни во ловот на мечки, како од зад дупката, така и во отворена шума. Во првиот случај, тие ја будат мечката и ја иритираат со лаење. Мечката копа излез од својата дупка која е затворена со дебел слој трева, мов и земја. Кога ќе ја отвори дупката, кучињата ја напаѓаат мечката, додека ловецот ја убива со копје или со пушка.

Кога мечката се лови на отворено, кучето ја следи нејзината трага и ја чува мечката додека ловецот не стаса. Руските кучиња лајка се најдобри за оваа опасна работа. Но, треба да бидат присутни неколку кучиња. Тие не можат значајно да ја повредат мечката, а мечката може да ја убие лајката со еден удар. Затоа кучињата наизменично напаѓаат, нанесувајќи ѝ болни угризи. Мечката така седи за да го заштити долниот дел од телото и станува лесна мета за ловецот.

Лов на мечки со помош на огнено оружје

Секако, и во претходните случаи огненото оружје може да биде искористено за убивање заробени животни или за лов на мечки додека јадат овес. Меѓутоа, најсложениот метод (со исклучок на рогатината!) е ловот на мечка во дивина само со помош на пушка.

Ловецот се движи низ шумата во реонот во кој се хранат мечките. Кога ќе пронајде мечка, се приближува што е можно поблизу и гаѓа. Ловецот мора притоа да се движи мошне тивко. Кога ќе слушне шушкање на гранчиња во шумата, мечката може да разликува човечка нога од шепа на некое животно. И веднаш реагира.

Законска регулатива за лов на мечки во Русија

Денес во Русија за лов ви е потребна дозвола, а ловечкото оружје (доколку го користите) мора да биде регистрирано. Постојат регионални правила за лов на мечки. Во Пермската област, на пример, ловот на мечки е дозволен од 1 април до 30 мај. Во Косторма од 5 април до 15 мај, а потоа од 1 август до 30 ноември. Овие термини се разликуваат во зависност од локалната популација и од сезоната на парење на темните мечки. Во некои региони ловот на мечки е привремено забранет поради малиот број единки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња