7 најубави места за венчавка во Русија

@dimas.kazakov
Во Русија паровите можат да се венчаат не само во канцеларија кај матичар, туку и „на терен“. Повеќето парови се одлучуваат за стари благороднички имоти, но ние избравме да ви претставиме неколку необични локации за свадбена церемонија.

1. На фудбалски стадион

Замислете си само: невестата и младоженецот стојат на огромен фудбалски терен, а наместо навивачи, стадионот е полн со нивни пријатели и роднини. Многу стадиони на популарните фудбалски тимови (во Москва, на пример, „Лужники“, „Спартак“ и „РЖД Арена“) понекогаш ги изнајмуваат своите стадиони за свадбени церемонии. Освен тоа, тие можат да организираат свадба, фотографирање со фудбалска тематика и забава за гостите. Се разбира, ваков настан е можен само во денови кога не се играат натпревари.

„Бев навивач на фудбалскиот клуб „Спартак“ уште од детство, а шанса да се венчаат на стадионот не добиваат сите, па затоа не би требало да ја пропуштиме“, вели Виктор Лобанов од Москва.

2. Во аквариум

Љубителите на подводниот свет можат да ја официјализираат својата врска во Московскиот аквариум, кој е еден од најголемите во Европа со над 12000 видови морски животни. Церемонијата се одржува пред огромниот аквариум со орки.

3. Во зоолошка градина

Прошетка низ зоолошката градина во венчаница во друштво на животни е прилично необичен избор за денот на венчавката. За уште поцелосна атмосфера, Свадбениот марш на Менделсон може да биде заменет со крекање на жабите, шиштењето на гуштерите и други звуци од природата.

„Сметавме дека тоа е оригинално, па затоа решивме да се пријавиме за регистрација на бракот штом таа можност се појави тука во зоолошката градина“, велат Марија и Антон, кои се првиот пар венчан во Московската зоолошка градина 2017 година.

4. Во приградски воз

Една двојка се реши за венчавка во воз, бидејќи и двајцата работат во железницата. Тој е машиновозач, а таа е помошник-машиновозач. Управата на железницата им го овозможи овој настан на 14 февруари 2020 година. Гости на свадбата беа патниците кои тогаш се најдоа во возот.

5. На лизгалиште

Зиме љубовните парови можат да изберат лизгалиште за нивната свадбена церемонија! Ако на гостите им студи, лесно можат да се згреат во блиското кафе-киоск или играјќи хокеј со младоженците. Иљја и Анастасија планираа да се венчаат во обичната канцеларија на матичарот во ВДНХ; но неколку дена пред церемонијата ги прашаа дали би сакале церемонијата да се одржи на лизгалиштето и тие се согласија. „Им рековме на роднините дека не инсистираме да дојдат во лизгалки, туку можат само да гледаат“.

6. На покрив

Ваквите венчавки често се одржуваат во Санкт Петербург. Во овој град прошетка по покривите одамна стана популарна забава, но денес сето тоа е многу побезбедно и полесно благодарение на специјално организираните места кои нудат прекрасен поглед на целиот град. Најважно е да не го спуштате погледот!

7. Во планетариум

Што може да биде поромантично од прошетка под ѕвездено небо? Само венчавка под ѕвездите! На денот на нивната венчавка младоженците во Московскиот планетариум можат да видат поларна светлина, ѕвезден дожд и парада на планетите. А, освен тоа, ќе можат без претерување да кажат дека нивниот сојуз е склучен меѓу ѕвездите!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња