Кога зборуваме за животинскиот свет на рускиот Далечен Исток, сигурно е дека меѓу бројните видови се издвојуваат две големи мачки. Медиумски добро проследените меѓународни акции за спасување на сибирскиот (амурски) тигар и крајно загрозениот амурски леопард од изумирање направија овие големи мачки да станат неофицијални маскоти на источните руски шуми. Меѓутоа, во тајгата на Приморскиот крај, која се граничи со Северна Кореја, Кина и Јапонското Море, живее најголемиот жив вид бувови во светот: Блакистоновиот був-рибар.
Овие преубави бувови имаат распон на крилјата од 180-190 сантиметри и обично се високи околу 70 сантиметри. Женките се значително покрупни од мажјаците и можат да тежат до 4,5 килограми.
Нивното живеалиште ги опфаќа и Хокаидо, Јапонија и кинеската провинција Хејлунѓанг. Тие се наведени во Црвената книга на заштитени видови на Русија и може да се најдат дури и далеку на север, во Магадан, додека кон исток нивниот ареал ги достигнува Сахалин и јужните Курилски острови, каде што е присутен подвид на овој був.
Тие се птици-жители и не сакаат да ја напуштаат својата територија освен ако не се многу гладни. Прашањето е како овие бувови, кои не се среќаваат никаде во близина на Европа, го добиле името по еден Британец. Излегува дека првиот Европеец што ја забележал оваа мистериозна птица бил Томас Блекистон, англиски природонаучник, кој живеел во Јапонија во XIX век. Во 1883 година тој открил дотогаш непознат вид на був кој живее на островот Хокаидо. Хенри Сибом, англиски производител на челик и орнитолог-аматер, подоцна на овој вид му дава име во чест на Блакистон.
Блакистоновиот був-рибар е специјализиран за лов во приморските краишта. Еволуирал на начин што наместо глувци лови риба. Омилен терен за лов му се бреговите на реките. Се храни со лосос, речни ракови и жаби и е доволни силен да може да улови риба тешка до еден килограм. Иако обични лови седејќи на камен покрај брег, а потоа пикира кон пленот со канџите, исто така умее да загази во вода до половина труп за да дојде до храна.
Според најоптимистичките проценки на борците за заштита на природата, денес во дивината живеат вкупно 3700 примероци од овој вид. Во руското Приморје живеат од 200 до 400 Блакистонови бувови-рибари. Како и тигрите и леопардите на Далечниот Исток на Русија, овие бувови не се особено дружељубиви и речиси се исчезнати од сеќавањето на жителите на јужното руско Приморје.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче