Што се знае (и не се знае) за ВТОРАТА руска вакцина против КОВИД-19?

Дмитриј Рогулин/TASS
Во Русија започна вакцинацијата со втората регистрирана вакцина против коронавирусот „ЕпиВакКорона“. По неа имунитетот трае 6 месеци. Накусо ќе ви го изнесеме она што за оваа вакцина го кажаа нејзините креатори.

За каква вакцина станува збор?

„ЕпиВакКорона“ е пептидна вакцина. Направена е на основа на три синтетички пептиди, кратки фрагменти на белковина во облик на „игла“ на вирусот корона САРС-КоВ-2. Овие белковини-боцки им помагаат на вирусот да се прицврсти за човековата клетка и да продре внатре. Тие се еден вид стимулатор на кој клетките на имуниот систем реагираат и стапуваат во борба против вирусот.

Вакцината ја создаде сибирскиот научен центар „Вектор“. Тој над 20 години се занимава со изработка на пептидни платформи за вакцини, кои се веќе користени за изработка на вакцина против ебола.

Дали вакцината содржи коронавирус или некој друг вирус?

Не, вакцината не содржи жив вирус, ниту какви било елементи на вирусен геном. По тоа и се разликува од вакцината „Спутник V“ која е изработена на векторска платформа (содржи аденовируси). Во таа смисла се смета дека „ЕпиВакКорона“ е побезбедна, зашто не предизвикува алергиски реакции и компликации. Тоа е докажано се експерименти на животни и со истражувања на доброволци.

„Со неа можете да се ревакцинирате цел живот, без да стравувате од алергии, не плашејќи се дека ќе се појават антитела на вектор, зашто тука нема вектор“, објаснува еден од авторите на вакцината, раководителот на одделот за зоонозни инфекции и грип на центарот „Вектор“ Александар Рижиков.

Што може да се каже за нејзината ефикасност?

Истражувањата покажаа дека 100% од доброволците имаа имуна реакција на вакцината. Сите развија антитела. Имунитетот трае шест месеци, тврдат авторите на вакцината. Концентрацијата на антитела кај вакцинираните и кај оние што го прележале вирусот е речиси еднаква, нешто поголема кај оние кои ја прележале инфекцијата (1:80 во однос на 1:60).

Притоа се тврди дека вакцината може да се применува против различни варијанти на коронавирусот (негови мутации), со оглед дека во нејзината основа се наоѓаат само „стабилни“ сегменти на белковината на вирусот кои не подлежат на промени. Оваа теорија е проверена експериментално на британскиот сој.

Но, тоа е сè што со сигурност може да се каже за ефикасноста на новата вакцина. Станува збор за тоа дека „ЕпиВакКорона“ мина низ претклинички испитувања (првата и втората фаза) на 100 доброволци. Ова е засега единствениот аргумент кој потврдува дека „ЕпиВакКорона“ функционира. Во оваа фаза се проценува краткорочната безбедност, присуството и зачестеноста на појавувањето на несакани ефекти, како и имуногеноста, способноста на вакцината да предизвикува реакција кај имунитетот. Резултатите од овие истражувања до денес се објавуваа во руското слабоцитирано списание „Инфекција и имунитет“ под надлежност на Федералната агенција за заштита на потрошувачите и доброто на луѓето „Роспотребнадзор“, која е главното регулаторно тело за издавање дозволи за примена на вакцини.

Ефикасноста, односно способноста на вакцината да штити од болеста, во ова истражување не е опишана. На ова прашање посветено е друго истражување, третата фаза од клиничките испитувања кои уште не се завршени.

Што недостасува во истражувањето на оваа вакцина?

Премногу е ограничен примерокот, признаваат самите автори на вакцината. Во третата фаза учествуваат само 3 илјади луѓе, а четвртина од нив прима плацебо. Тоа е десет пати помалку одошто во случајот со „Спутник V“. „Истражувањето го спроведувавме во крајно неповолен период, за време на пораст на бројот на заболени“, објаснуваат авторите на вакцината. Меѓутоа, тие тврдат дека на ваков примерок инаку се вршат клинички истражувања на вакцини против сериозни заболувања и дека во овој случај бројот ќе биде сосема доволен.

Друг момент е фактичкото непостоење сигурни податоци за ефикасноста на вакцината. Никој не спори дека вакцината предизвикува производство на антитела, но во формирањето имунитет освен антитела се важни и други компоненти: одговорот на Т-клетките, цитокините итн. За тоа засега нема податоци. До крајот на третата фаза останати се уште 9 месеци. Притоа станува збор за најважната фаза зашто според статистиката неа ја минуваат само 30% од клинички испитуваните препарати. Сите останати пропаѓаа, дури и ако во претходните етапи покажале добри резултати.

Меѓутоа, во Русија од средината на март 2021 година веќе се спроведува масовна вакцинација на граѓаните со вакцината „ЕпиВакКорона“, вклучувајќи луѓе постари од 60 години, а во странските земји веќе се покажува интерес за набавка на вакцината.

Колку дози се примаат?

„ЕпиВакКорона“ се прима во две етапи со интервал од 14 до 21 ден.

Кои несакани појави се забележани?

Засега се забележани минимум несакани појави што е главната предност на „ЕпиВакКорона“ во однос на другите постоечки вакцини и тоа никој не го спори.

Доброволците во првата и во втората фаза од испитувањето соопштија дека се појавува мала болка на местото на убодот која брзо минува. Други непријатности не се забележани.

На неофицијалниот Телеграм-канал, кој го направија учесниците од третата фаза на испитувањата се зборува за минимални несакани ефекти: непријатност и црвенило на местото на убодот кои траат 24 часа и силна болка во рамената. Висока температура и слабост не се забележани или не е потврдена нивна поврзаност со вакцината.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња