Како се смени животот на граѓаните на Русија за една година од пандемијата

Вакцинација против коронавирусот (со вакцината „Спутник V“) во привремениот пункт за вакцинација во трговскиот центар „Шчолковски“ во Москва, 10 февруари 2021 година.

Вакцинација против коронавирусот (со вакцината „Спутник V“) во привремениот пункт за вакцинација во трговскиот центар „Шчолковски“ во Москва, 10 февруари 2021 година.

Гаврил Григоров/Sputnik
Во Русија интензивно се воведуваат нови технологии кои овозможуваат многу нешта да се прават на дистанца. Се појавија камери кои препознаваат дали имате маска на лицето и порасна бројот на нови старт-ап проекти во медицината.

Многу од овие технологии се појавија и пред пандемијата, но токму во 2020 година почнаа интензивно да се развиваат.

Волонтерка на Никољската улица им дели лалиња на жените. Акцијата „Вам сакани“ по повод 8 март се одржува на железничките и на метро станиците, на булеварите, на плоштадите и во парковите на Москва. 500 волонтери за време на оваа акција делат над 300.000 лалиња.

Што се смени во секојдневниот живот на граѓаните на Русија, освен потребата да носат маски и ракавици?

1. Развој на медицински технологии

Медицински работник во новото одделение за реанимација, отворено во резервната болница за пациенти заразено со коронавирус во павилјонот број 75 во ВДНХ.

Според податоците од 30 март 2021 година, Москва е трета на ранг-листата по иновации во борбата против КОВИД-19 што ја состави меѓународниот аналитички центар „СтартапБлинк“. На прво и на второ место се Сан Франциско и Њујорк. Составувачите на ранг-листата го истакнаа индексот на самоизолација, развојот на телемедицина (за следење на состојбата на пациентите), како и вештачката интелигенција за препознавање пневмонија предизвикана од коронавирусот, и секако, создавањето на вакцината „Спутник V“ која сега се користи ширум Русија и во странство.

Работник во секторот за производство на бесконтактни средства за дезинфекција и мултимедијална опрема во претпријатието „ЛИГА“ во Екатеринбург. Во рамките на отворањето на фабриката претставена е „смарт-канцеларија“

Во текот на пандемијата Русите научија брзо да градат нови болници, но и да го решаваат проблемот за брзо дијагностицирање на инфицирани лица и обезбедување средства за заштита. Во земјата се отвораат нови погони за производство на препарати против инфекција со коронавирусот, а за тоа придонесоа и поволните кредити со олеснувања. Во март 2020 година беше започната специјална програма за ваквите производители и веќе се издадени 114 кредити во вредност од над 33.5 милијарди рубли (443 милиони американски долари). „Станува збор за производство на најпотребните стоки: експресни тестови за дијагностицирање на коронавирусот, апарати за вештачка вентилација на белите дробови, рецилкулатори за дезинфекција на воздухот и термички камери“, се вели во Фондот за развој на индустријата.

2. Зголемено онлајн-купување

Купувач во првиот супермаркет „Пјатјорочка налету“ без касиер на денот на отворањето. Пристап до супермаркетот е обезбеден по пат на апликација; продавницата има целосно автоматизиран систем на каса која користи плаќање со картичка, Гугл пеј и Епл пеј.

Дури ни жителите на помалите населени места во Русија не мораат задолжително да имаат готовина за да одат во продавница или да користат градски превоз. Во услови на пандемија безготовинското плаќање достигна 70% (6% повеќе од претходната година) и порасна процентот на бесконтактна наплата со помош на гаџети. Според податоците кои ги дава аналитичкиот центар НАФИ, во февруари 2020 година 26% од граѓаните на Русија плаќале сметки со помош на смартфон или на смарт-часовник, за во февруари 2021 година овој процент да се искачи на 32%, со тоа што бројот на сопственици на платежни картички не се промени – и понатаму е 82%.

Со цел сведување на личните контакти на минимум продавниците почнаа масовно да поставуваат каси за самопослужување. На пример, најголемиот руски синџир продавници Х5 Ритејл Груп („Пјатјорочка“, „Перекрјосток“) во своите продавници постави над 6.000 вакви терминали. Пред една година имаше десетина, а се појавија и целосно автоматизирани продавници.

3. Препознавање лица

Презентација на автоматизираниот систем за контрола, дезинфекција и антибактериска обработка на јавни простории „Алмира“ на Рускиот државен истражувачки универзитет „Серго Орџоникиѕе“.

Во руските градови веќе неколку години се тестираат камери за препознавање лица, пред сè поради идентификација на злосторници (во московското метро овие камери се поставени на турникетите и автоматски го проверуваат лицето на патникот во базата на податоци на полицијата). Во текот на 2020 година препознавањето лица почесто се користи за идентификување на вработените во претпријатијата и на студентите на универзитетите, со тоа што определени уреди препознаваат дали лицето има ставено маска и дали има температура.

Русија. Москва. Купувач во кафулето Прајм покрај касата, каде е инсталирано биометриско плаќање на Сбербанк и Виза „Плаќање со еден поглед“.

Следниот чекор е системот за плаќање по преку идентификација по пат на препознавање на лицето. Сега вакви терминали за плаќање се поставени во определени кафе-барови и продавници во Москва, но нивниот број постојано се зголемува. За да го користи овој систем, клиентот на банката мора претходно да потпише согласност за собирање и чување на биометриските податоци.

Жена минува покрај турникет на станицата „Молодјожнаја“ на московското метро, 3 октомври 2020 година.

Системот за плаќање „Фејс пеј“ треба да проработи и во московското метро до крајот на 2021 година. Камери со можност за препознавање лица се поставени на турникетите во холовите.

4. Целосна испорака

Кога станува збор за услугите и угостителството, 2020 година, благо речено, не беше идеална. Само во центарот на Москва се затворени над 200 кафулиња (35% повеќе од 2019), а во Санкт Петербург се затворени двапати повеќе. Во целина гледано, прометот во рестораните ширум земјата во текот на годината е намален за 45%.

Од друга страна, угостителските објекти и продавниците интензивно се приклучуваат на службата за испорака или започнуваат сопствени сервиси. За една година бројот на ресторани со испорака порасна од 40% на 58%, а во Москва од 51% на 66%.

На почетокот на 2020 година, продавниците на „Х5 Ритејл груп“ испорачуваа неколку стотини нарачки дневно, а кон крајот на годината 40.000. Еден од најуспешните деловни проекти беше сервисот за испорака „Самокат“, кој поседува мрежа складови и испорачува производи за 15 минути. Оваа компанија во 2020 година го зголеми приходот за 20 пати!

Луѓето кои во периодот на „самоизолација“ ја изгубија работата (нивото на невработеност во 2020 порасна за речиси 25% и изнесува 5.9%) често се вработуваа како курири зашто потребата за оваа дејност во целата земја се зголеми за трипати.

5. Компаниите преминаа на работа од дома

Во март 2021 година една третина од граѓаните на Русија кои преминаа на работа од дома сè уште работат во овој режим. Од оние кои се вратија во канцеларија само половина работат во вообичаениот режим, а останатите ја комбинираат формата на работа, судејќи по истражувањето на сајтот Работа.ру. Истовремено 53% од руските компании планираат да воведат хибриден начин на работа. „Од економска гледна точка, за работодавачите е идеална ситуацијата со работа од дома (се намалуваат трошоците за работното место и за други потреби)“, вели шефот на ИТ-компанијата „Mail.ru Group“ Борис Добродеев. „Меѓутоа <...> ние не тргнуваме само од економските реалии, ами и од тоа како нашите вработени ќе бидат најмногу мотивирани за работа“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња