Во Русија вљубеници во „Мандалорецот“ направија реплика на бродот од серијата (ФОТО)

Just Create from Yakutia
28-годишен косплеер од Јакутска си го продаде автомобилот за да го изгради бродот од својата омилена серија.

Косплeeрот и блогер Ајал Фјодоров заедно со својата екипа инсталираше макета на бродот „Острица на брич“ од серијата „Мандалорецот“ во паркот Урдал во Јакутск.

Бродот е долг 14 метри, широк 10 метри, висок 4 метри, а тежи над еден тон, вели Ајал. Во внатрешноста на бродот косплеерите направија пилотска кабина и поставија мотори и осветлување. Бродот е обложен со 50 табли од плочест материјал, а рамката е изработена од дрвени и железни шипки.

Ајал од рано детство цртал, а подоцна почнал сериозно да се занимава со косплеј. Еден од неговите проекти е фан-тизер за „Одмаздници“.

„Приказната на Мандалорците ми остави силен впечаток. Тоа се случи веднаш штом ја погледнав првата сезона, па решив еднаш да го изградам тој брод. Ми пречеше пандемијата и недостатокот на пари, но во ноември минатата година ја продадов колата и почнав да ги правам првите скици. „Пријателите доаѓаа, се интересираа што правам и му се приклучија на проектот“, вели Фјодоров.

Групата косплеери изнајми хангар, ги купи сите потребни материјали и на почетокот на декември минатата година почна изградбата на „Острицата на бричот“.

„Прво сакавме да го обложиме бродот со картон, три дена по ред собиравме кутии, но наскоро се откажавме од овој кревок материјал и се одлучивме за плочест“.

Во еден момент во Јакутск температурата падна 60 степени под нулата, а печката во гаражата престана да работи, па изнајмија топови за греење.

Почна да снемува пари за изградбата, па косплеерите ги заложуваа своите телефони, позајмуваа пари од познаници и ги молеа следбениците на социјалните мрежи за финансиска поддршка. Им помогнаа и локалните претприемачи кои плаќаа за изнајмувањето на хангарот.

„На почетокот не знаевме каде да го поставиме бродот, но сами ни се јавија од локалниот парк и понудија да го ставиме таму. Бевме убедени дека бродот може да подигне 30 луѓе, но се излажавме. Моравме да носиме дел по дел и да го склопуваме на самото место со помош на дигалки“, вели Фјодоров.

Според него, екипата наскоро ќе започне со снимање сцени според мотиви од „Мандалорецот“. Во моментов прават костуми за таа намена.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња