Блокирани сте на „Твитер“? Добредојдовте на овие руски социјални мрежи!

Legion Media; Global Look Press; Elitsy; Yandex.zen
Не гарантираме дека нема да ве блокираат во случај да сте отворено вулгарни, но ако американските социјални мрежи според ваше мислење претерале со слободната интерпретација на тоа што е штетно, а што не, ова е список на руските месинџери и социјални мрежи кои ќе ви помогнат да ги пополните празнините!

ВКонтакте (VK.com)

Во 2020 година ВКонтакте беше прогласена за најпопуларна социјална мрежа во Русија врз основа на бројот на разменети пораки, според извештајот на системот за мониторинг Brand Analytics. Нејзини главни корисници се државјани на Русија и Заедницата на независни држави на возраст под 34 години. Во 2020 година, мрежата имаше 97 милиони корисници месечно, при што 28 милиони создаваа содржина, според податоците на истиот систем за мониторинг. Дизајнот на интерфејсот потсетува на претходната верзија на „Фејсбук“, но има неколку бонуси кои „Фејсбук“ не ги нуди: огромна колекција на филмови и ТВ-емисии, како и музика што може да се слуша преку интерен плеер. Тука има и „Клипови“ - нешто како „ТикТок“, па дури и систем за плаќање VK Pay.

Одноклассники (ok.ru)

Единствената социјална мрежа во Русија на која анимираните е-честитки и виртуелните подароци се и понатаму популарни. Луѓето ги разменуваат за Нова година и Велигден, но и за роденденот на претседателот Путин. Проектот првично беше смислен како начин да се најдат одамна изгубените школски другари. Можеби оттука потекнува и популарниот мит дека оваа мрежа ја користат главно луѓе постари од 55 години. Прес-службата ги негира овие тврдења, наведувајќи дека бројот на корисници на мрежата постари од 55 години, на пример, е само 14% кај жените и 9% кај мажите.

Мрежата практично редовно нуди нови услуги, меѓу другото: онлајн-стриминг со можност за донации, музички услуги, трансфер на пари од други земји и платформа за лонгрид.

Телеграм (telegram.org)

Ова е вториот голем проект на креаторот на мрежата ВКонтакте Павел Дуров. Овој неверојатно популарен месинџер користи канали (покрај прилично застарените „Групи“), како и таен чат (прикачен на уредот на корисникот), што им овозможува на корисниците да разменуваат пораки со поставено временско ограничување пред да исчезнат, како што се документи, приватни фотографии или критики на политички ривали.

На 12 јануари 2021 година „Телеграм“ испрати порака до своите корисници во која ги информираше дека во моментов има над 500 милиони корисници, при што 25 милиони му се приклучиле на месинџерот само во последните 72 часа пред испраќањето на известувањето.

„Луѓето повеќе не сакаат да ја даваат својата приватност за бесплатни услуги. Тие повеќе не сакаат да бидат заложници на технолошките монополисти кои изгледа мислат дека сè им е дозволено доколку нивните апликации имаат критичен број на корисници“, вели Дуров, објаснувајќи го големиот пораст на популарноста на својот месинџер.

Јандекс.Зен (zen.yandex.com)

„Омилената“ нова платформа на секој руски блогер им овозможува на корисниците да заработат од своите текстови. Според изгледот потсетува на бесконечен њузфид, но финтата е во тоа што се дозволени само статии одобрени од алгоритмите за популарност и препораките на „Јандекс“. Платформата ги филтрира текстовите со вулгарности, лични навреди и оние што рекламираат коцкање, алкохол, тутун и наркотици. Исто така, се филтрираат сите мрачни работи, како што се живописни описи на неодамнешни настани со крвави фотографии и сцени со осакатување; тоа исто така се однесува и на порнографска содржина и реално насилство во текстовите и фотографиите.

Елици (elitsy.ru – достапна само на руски)

Главната специфичност на оваа мрежа е во тоа што е наменета за православни христијани. Овде можете да најдете други верници, вклучително и свештеници, кои се отворени за прашања и совети. Веб-сајтот нуди мапа на која можете да ги најдете најблиските храмови. Можете исто така да слушате религиозна музика и да следите молитви преку стриминг.

„Ова не е обична социјална мрежа“, вели нејзиниот креатор Валериј Чепухалин во интервју за порталот „Медуза“. „Тука нема слобода на говор. Ако некој, на пример, напише политички насочени коментари, тоа ќе биде избришано“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња