Робинзон од тајгата: Бегалец минал 11 години во шумите на Камчатка и се вратил во војска

Во шумите на Камчатка на рускиот Далечен исток во 2015 година беше пронајден човек кој 11 години живеел во шумска куќичка и заработувал за живот со берење печурки и други плодови, а исто така и со собирање старо железо. Членовите на неговото семејство кои живеат во Таганрог мислеле дека загинал. Во шумата тој дошол откако избегал од касарната во која го отслужувал воениот рок...

Леонид Дуркин од Таганрог, град во Ростовската област на Русија (954 километри јужно од Москва), во 2003 година добил повик за служење воен рок. Од југот на Русија бил упатен на Камчатка, во гратчето Виључинск, каде главно живеат воени лица и рибари. Тогаш имал 19 години. Отслужил само половина од воениот рок, односно една година, а потоа избегал. Тоа по руските закони се третира како кривично дело, така што по него била распишана потерница.

Заминал в шума

Како што објаснија полицајците од Камчатскиот крај на Русија, неколку месеци подоцна неговите роднини во еден загинат го идентификувале овој младич (иако загинатиот, ако ништо друго, бил 15 сантиметри понизок од Леонид), така што потерницата била повлечена, а телото на загинатиот било погребано под неговото име.

Момчето не контактирало со семејството. Продолжил да живее во шумата. Чудно е што не се плашел од мечките и од инсектите кои ги има во голем број на Камчатка.

Се оддалечил од подрачјето на својата касарна, го обиколил Авчанскиот залив, на чиј друг крај се наоѓа градот Петропавловск Камчатск и решил да се насели во еден приградски реон, во шумата помеѓу населбата Нагорни и воената населба Радигино.

Сакал да живее малку одвоено од овие населби и поради тоа ископал јама оддалечена 1.5 километри од автопатот, ја покрил со трупци и со слој земја, така што излегло нешто помеѓу куќичка и ров. „Од градежниот материјал најден на различни места направил полускривница – полукуќа. Немал никакви услови за живот, на пример вода и санитарен јазол. Сепак, во неговото живеалиште се најдени чиста постелнина и облека, како и други предмети поврзани со секојдневниот живот“, изјави во 2015 година за агенцијата ТАСС Ала Иванова, претставничка на информативната служба на локалната управа на МВР.

Мебелот во куќата како да е од ИКЕА – столови, кревети, ормани, полици. Имал и машина за шиење, телевизор, печка, боца за гасење пожар. Пиел чиста вода од извор.

Градината покрај куќата дава и компир и моркови, домати, краставици. Ако Леонид бил Робинзон, имал двајца Петковци – Сергеј и Татјана, на кои како и нему им здодеало да живеат по депонии и подруми во Петропавловск. Тие и понатаму живеат во оваа куќа.

Шумската куќа што Леонид ја изградил со свои раце. Куќата изгледа цврсто, има две спални соби, кујна и претрупан подрум со зимница, За струја користел бензински генератор.

„Сезонски работник“

За да заработи пари Леонид налето берел плодови и печурки и ги продавал. За време на миграцијата на лососот како рибар работел за рибарите на црно кои ги запоседнуваат реките на Камчатка и во нив ловат риба полна со икра. Назима собирал старо железо, а еднаш работел и на фарма за свињи.

Бил откриен само затоа што жителите на блиската населба Радигина се плашеле од „талкачот“ и се пожалиле во полиција.

„Вистински пештерски човек! Бушав и со брада. Градите му се голи, нозете замотани во некакви крпи, папучи на боса нога“, вака го опишувале соседите.

Меѓутоа, Леонид Дуркин вели дека никогаш немал долга коса, ниту брада и дека никогаш не пиел. „Не пијам никогаш, од принцип. Имам видено многу лоши примери“.

Органите на редот го легитимирале. Неочекувано за нив нашле прилично уредно облечен човек кој се однесува пристојно, Дуркин им го кажал своето вистинско име и презиме, објаснил што прави во шумата и како заработува за живот. По пат на проверка излегло дека тој е навистина дезертер, а во архивата е пронајдено неговото досие поврзано со распишувањето потерница во 2004 година. Полицијата го предала целиот материјал на воениот истражен комитет.

Постоела голема опасност дека Леонид Дуркин ќе биде осуден за дезертерство, за што е предвидена казна од 7 години затвор.

На полицијата ѝ раскажал дека избегал поради тешката семејна ситуација. Тој рано останал без мајка, а со маќеата и со посестримата бил во лоши односи. На неговиот татко како алкохоличар му ги одзеле родителските права, па Леонид извесно време минал во дом за деца. Неговата баба го зела кај себе, но наскоро починала. Леонид се вратил во татковата куќа.

Завршил само шесто одделение основно училиште. Работел, чистел улици, пазари, ловел и продавал риба, со свои раце правел кајаци и подобро од сите управувал со нив.

Во војска секој ден чекал писмо, од татка си или од девојката – но, никој не му пишувал. Така минале осум месеци. Во интервју за рускиот весник „Комсомољскаја правда“ на прашањето зошто избегал, рекол дека му станало тажно.

Среќен крај

Во 2017 година во медиумите се појави информација дека воениот истражен комитет на гарнизонот во Виључинск проверил дали Дуркин учествувал во злосторства кои биле извршени во изминатите 11 години во Камчатскиот крај. Веројатно Дуркин не правел ништо незаконско и затоа е на слобода. Сега живее во градот Петропавловск Камчатск и има семејство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња