Новогодишна честитка на претседателот на Русија Владимир Путин!

Kremlin.ru
Претседателот на Русија, како и секоја година на 31 декември, за неколку минути пред полноќ ѝ се обраќа на нацијата. „Сега е многу важно да веруваме во себе, да не попуштаме пред потешкотиите, да го сочуваме нашето единство, затоа што тоа е основата на нашиот заеднички иден успех!“. Еве што претседателот на Русија посака уште и порача во новогодишната честитка.

„Почитувани граѓани на Русија! Драги пријатели!  

За само неколку минути завршува 2020 година.

Кога ја дочекувавме пред точно година дена, ние, како и луѓето ширум светот, се разбира, се надевавме на промени на подобро. Тогаш никој не можеше да замисли низ какви искушенија ќе мораме да поминеме.

И сега ни се чини дека годината што си заминува беше потешка одошто една година може да биде тешка. Беше тешка за секој од нас, доживеавме страв и големи материјални тешкотии, грижи, а некои се соочија со горчливата загуба на блиски и сакани.

Но, се разбира, годината што си заминува исто така беше полна со надеж дека ќе ги надминеме сите тешкотии, полна со гордост за оние кои ги покажаа своите најдобри човечки и професионални квалитети, со сознанието колку значат сигурните, искрени, вистински односи меѓу луѓето, колку значат пријателството и меѓусебната доверба.

Ја поминавме оваа година заедно, достоинствено, како што му доликува на обединет народ кој ги почитува традициите на своите предци. Тие вредности се храброста, сочувството и милосрдието, и тие се во нашите срца, во нашиот карактер и постапките.

Ние се угледуваме на нашите драги ветерани, на храбрата генерација која го победи нацизмот. И покрај сé, ја исполнивме својата света должност и како благодарни синови ја прославивме 75-годишнината на Големата победа.

Да, новиот опасен вирус го промени, го сврте вообичаениот начин на живот, работа, образование, нé примора да промениме многу наши планови. Но, животот е таков – без искушенија не се може.

Искушенијата и неволјите задолжително ќе поминат. Секогаш било така. А останува она главното, сé што нé прави благородни и силни луѓе: љубовта, меѓусебното разбирање, довербата и поддршката.  

Затоа сакам што попрво да ги заборавиме тешкотиите на годината што си заминува. А сето најдобро што стекнавме, сето најдобро што дојде до израз во секој од нас да остане со нас засекогаш.

Сега е многу важно да веруваме во себе, да не попуштаме пред тешкотиите, да го сочуваме нашето единство, затоа што тоа е основата на нашиот заеднички иден успех!

Драги пријатели!

Ајде во овие моменти да мечтаеме за она што е најсветлото, за мирот и просперитетот, за среќата и радоста за секој што е до нас, за секој што ни е драг, за целата наша земја.

Сакам секому од вас да му заблагодарам што сме заедно, што сме обединети. А кога ја чувствуваме поддршката на блиските луѓе, Русија станува едно големо семејство.  

Им посакувам на сите добро здравје, вера, надеж и љубов, ви го посакувам тоа искрено како на блиски и драги луѓе. Ви посакувам среќа во Новата 2021 година!

Среќен празник, драги пријатели!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња