Како Путин слави Нова година и Божиќ?

Kremlin.ru
Новогодишен хокеј и Божиќна литургија на минус 46 степени Целзиусови – дознајте кои новогодишни обичаи ги почитува претседателот на Русија Владимир Путин и како планира да ја дочека 2021 година.

Владимир Путин во хокеарски дрес со бројот 11 му приоѓа на мало кафе покрај лизгалиштето на Црвениот плоштад. Гледајќи ја варената пченка му вели на својот противник, саксофонистот Игор Бутман:

„Јас јадев пченка, а Шојгу крофна. Ќе ве растуриме“.

„Да, но и јас јаде пченка, а Генадиј Николаевич (Генадиј Тимченко, руски милијардер), крофна“, одговара Бутман.

„Да“, вели Путин. „Но, нашата крофна имаше поголема дупка“.

По кусиот разговор за време на паузата, Путин даде неколку гола и неговиот тим победи со резултат 8:5. Така, според новинарот на „Комерсант“ Андреј Колесников, на крајот на декември 2019 година помина новогодишниот натпревар во хокеј на лизгалиштето на Црвениот плоштад, на кој Путин учествува секоја година, почнувајќи од 2017. Ова за рускиот претседател веќе стана новогодишен обичај. Заедно со него играат министри, бизнисмени и ветерани на хокејот. Наспроти натпреварот заедно со претседателот минатата година се загреваше и олимпискиот шампион во хокеј на мраз и освојувачот на Стенли купот Валериј Каменски.

„Играме заедно. И се трудам претседателот подобро да игра. Мислам дека натпреварот тоа го покажа. Претседателот добро одигра. Тешко му е со толку обврски, но сепак нуди добра игра“, ја искоментира Каменски играта на Владимир Путин во интервју за Првиот канал. Путин, пак, по мечот се пожали дека во последните недели не се наспал, зашто спиел само 4-5 часа дневно.

Кон крајот на ноември 2020 година портпаролот Дмитриј Песков соопшти дека постои можност Путин и оваа година да учествува во новогодишниот меч, и покрај ширењето на коронавирусот.

„Обично тоа се планира во очи на Новата година. Засега не е планирано. Но, не може да се исклучи ни таа можност. Ако земеме предвид дека тоа е активност на отворено, со почитување на определените протоколи, тоа може да се изведе целосно безбедно“, рече Песков.

Божиќна ноќ

Во Русија православниот Божиќ се слави наспроти 7 јануари. Неизоставен обичај на претседателот на Русија е да присуствува на ноќната литургија во храмовите на различни градови. Неколку пати Путин го дочека Божиќ во Спасо-Преображенскиот храм во Санкт Петербург зашто е крстен токму во овој храм кога имал еден и пол месец. Секоја година Путин заедно со останатите парохијци присуствува на службата, пали свеќа, а потоа на гостите на храмот им го честита Божиќ.

„Нека ви е среќно Христовото раѓање, среќна Нова година, бидете здрави, бидете среќни, среќен празник“, вака гласеше неговата честитка во храмот на 7 јануари 2020 година.

Освен тоа, Путин го има дочекано Божиќ и во Сочи, во Тверската област, во Костормската област, во Карелија, во Суздаљ и во Велики Устјуг. Во 2006 година го дочека Божиќ во еден храм во Јакутија, каде во тој момент температурата беше минус 46 степени.

Како што се сеќава новинарот Андреј Колесников, Путин тогаш запалил свеќа и околу 40 минути стоел опкружен со деца:

- Што прави? – ме праша една јакутска старица со низок раст, обидувајќи се да го види. – Се моли?

- Држи свеќа, - одговорив.

- Така и треба! – прошепоти со воодушевување.

Неколку минути подоцна со загрижен глас почна да мавта со главата:

- Уште стои?

- Стои, - ја смирував.

- Сигурно сиот се препотил? – запраша.

„Овој пат не можев со сигурност да ѝ одговорам“, се сеќава на детали од литургијата новинарот, додавајќи дека претседателот морал да се врати дома од Јакутија со резервниот авион, зашто главниот не можел да запали поради студенилото.

Службени патувања и Нова година во кругот на семејството

На медиумите им се познати мал број случаи кога Владимир Путин не ја дочекал Нова година дома. На пример, на 31 декември 2013 година претседателот Новата година ја мина во Хабаровск заедно со неговите жители кои таа година беа погодени од поплава. Тогаш Путин на евакуираните луѓе им ја честиташе Новата година и го провери нивното сместување.

Доколку нема никакви службени патувања, претседателот најрадо ја минува Новата година во својот дом во кругот на семејството и пријателите, соопшти во 2019 година портпаролот на Путин Дмитриј Песков.

За време на новогодишните празници Путин најмногу сака да се занимава со спорт: скијање, хокеј и пливање. На пример, новогодишните празници во 2018 година Путин ги мина дома, а потоа го посети Сибир.

„Едноставно навикнат сум така. И не ми се оди во странство, искрено речено. За новогодишните празници бев дома, а потоа неколку дена во Сибир. Таму навистина беше минус 33, но мене ми беше пријатно“, го искоментира претседателот својот одмор.

Новата 2021 година шефот на руската држава најверојатно ќе ја мине дома, изјави на 13 декември 2020 година неговиот портпарол Дмитриј Песков.

„Тој, како и секогаш, никогаш целосно не одмора, но можеби малку ќе почине“, рече Песков во документарниот филм „Опасен вирус. Прва година“, на каналот Росија 1.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња