Два збора кои ја одбележаа 2020 година во Русија

Alexander Kislov
За што најмногу се дискутираше во Русија 2020 година и кои се најпопуларните зборови? Еден од нив е, очекувано, поврзан со COVID-19, а вториот за Владимир Путин.

„Самоизолација“ и „анулирање“ беа најпопуларните зборови 2020 година во Русија. Првиот сигурно не ве изненадува, но за што зборува вториот?

Филолозите од Државниот институт за руски јазик „Александар Пушкин“ ги истражија најпопуларните теми во Русија 2020 година така што направија листа на зборови кои Русите најчесто ги користеа оваа година.

Самоизолација

Како и во остатокот на светот, пандемијата на коронавирус беше најчесто дискутираната тема во Русија.

Британскиот речник Collins го прогласи за збор на годината „lockdown“ (затворање, изолација). Во Русија овој поим поприми поблага фотма и се појавува во фразата „режим на самоизолација“. Меѓутоа, генерално значењето не се разликува многу: да се остане дома и да се сведе на минимум контактот со надворешниот свет.

Самоизолацијата ги промени ставовите и животниот свет на многумина Руси. Новата реалност доведе до креирање специфичен културен код со интернет-мемиња, вицеви, па дури и со посебна музика.

Тука спаѓа, на пример, и ова видео снимено специјално за руската омилена ноќна шоу-програма, кое привлече внимание на социјалните мрежи. Во него зборот „самоизолација“ (самоизоляция) се повторува неколку пати.

Меѓу другите зборови кои се однесуваат на пандемијата Русите често ги користеа: карантин, ковид, вирус корона, „удаљонка“ (работа на далечина).

Анулирање

Додека COVID-19 е глобален феномен, следниов збор се однесува на повеќе или помалку локална ситуација.

Во јануари 2020 година претседателот на Русија Владимир Путин предложи листа амандмани на Уставот на Руската Федерација и најави национален референдум за нивно усвојување.

На почетокот на март, во пресрет на карантинските мерки, бившиот космонаут и прва жена во вселената Валентина Терешкова, која денес е пратеник во руската Друма, предложи свој амандман: или да се укине ограничувањето на бројот на последователни претседателски мандати (во моментов се можни само два) или барем да се поништат или „анулираат“ мандатите кои досега на оваа должност ги помина сегашниот претседател. Рускиот збор за анулирање гласи „обнуление“.

Терминот веднаш ги освои социјалните мрежи и се појавија стотици вицеви и мемиња за сето она што Русите евентуално би можеле да го „анулираат“. Еден од најсмешните примери е на тема сексуални партнери:

- Знаеш ли дека всушност си ми прва?

- Стварно?

-Да... Мислам, по анулирањето...

Меѓу другите популарни зборови на оваа тема беа, очекувано: гласање, устав и амандмани.

Референдумот сепак мораше да биде одложен поради режимот на самоизолација, но се одржа летово, при што мнозинството Руси ги поддржа амандманите, вклучувајќи го и оној за анулирањето.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња