ВИДЕО: Кадри од живот на руска сајберпанк фарма стекнуваат популарност

birchpunk
Псевдодокументарниот филм ја покажува забавната страна на животот на една технолошки развиена руска фарма – со пресврт на крајот.

Режисерот и сценарист од Москва Сергеј Василиев објави краткометражен филм, насловен како „Руска сајберпанк фарма“.

Видеото, објавено на YouTube, го прикажува фармерот Николај, кој ги запознава гледачите со ситуацијата и ги споделува перспективите за живот на една технолошки напредна, но сé уште многу автентична руска фарма.

„Лага е дека сме технички заостаната држава“, вели Николај пред да ги покаже работниците-роботи, направени во Izhevsk Dynamics Corporation (најверојатно „русифицирана“ аналогија со Boston Dynamics).

Николај раскажува за технологиите кои се многу специфично применети на работи што ги знае секој кој бил на руска фарма. На пример, наместо обична дупка во земјата за полско ве-це, за жителите на фармата има вистинска црна дупка...

Роботите ги хранат и молзат кравите и покрај чувствата на Николај кон сајбермлекарката, таа паѓа под тракторот. Николај од своја страна ја избегнува својата жена која го следи во вид на летечки екран и не престанува да му пее за размножување на квадрокоптери.

Во филмот многу типично руски проблеми остануваат нерешени, и покрај револуционерниот технолошки напредок. Иако фармерите повеќе не користат патишта, летачкиот автомобил на Николај се тресе исто како обичен автомобил на обичен селски пат поради „воздушни турбуленции“. Потребни се години за да стигне поштата (видете ги озлогласените рокови на руската пошта), иако таа се доставува со летечки автомобил со реактивни мотори.

„Дојдете да работете со нас“, вели фармерот Николај на крајот од видеото, кое е направено како за примамување на свежи кадри за работа на фармата. На крајот гледачите дознаваат дека фармата всушност се наоѓа на Марс, дестинација од научен интерес и за САД и за Русија.

Снимањето на видеото завршува за три месеци. Режисерот Сергеј Василиев изјавува дека ќе сними продолжение доколку на доволен број гледачи им се бендиса првиот филм.

Постои и непотврдена теорија дека станува збор за скриена реклама на руската вселенска агенција „Роскосмос“, бидејќи QR-кодот на кравата во видеото води директно до профилот на „Твитер“ на првиот човек на „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња