Како Русите во малите градови се борат против депресијата

Алексеj Малгавко/Sputnik
Како да се радувате на животот кога постојано ви се плаче и ви се спие, а сè наоколу е распаднато, насекаде мрак и студенило?

Секое утро, од октомври до мај, Дмитриј излегува од сивата шестокатница во која живее и пробивајќи се низ натрупаниот снег стасува до автомобилот. Седнува во колата и чувствува колку студ се насобрало внатре во текот на ноќта. Низ стаклата ништо не гледа зашто надвор паѓа снег. А, не би ни можел да види кој знае што, зашто сè уште се нема разденето.

Дмитриј размислува дека и кога ќе се врати од работа исто така нема да има сонце, а нема ни да го види во следните неколку месеци.

„Доста, доста, доста“, вика тој, удирајќи со рацете по воланот. Секако, никој не го слуша, само ветрот го крева снегот во уште еден виор.

Така дваесетишестгодишниот припадник на Воената морнарица од Мурманск секојдневно се обидува да излезе на крај со депресијата што ја предизвикува поларната ноќ. Дмитриј не е единствениот случај, како што вели генералниот директот на Психијатрискиот центар „Владимир Петрович Српски“ во Москва Зураб Кекелиѕе кој наведува податоци од 2017 година за тоа дека осум милиони руски граѓани или 5.5 отсто од населението страдало од депресија. Притоа, како што се наведува во годишниот статистички извештај на Министерството за здравство за 2018 година, психолошките појави се почести кај жителите на крајниот север од земјата.

Адреналин, молчење и благо

„Јас, всушност, сум од Воронеж, а во Мурманск дојдов во 2012 година на служба, заедно со мојата сопруга. Ем оддалечен 2.500 километри од дома, ем такви се временските услови. Првото чувство кога го сфатив тоа беше разочарување“, се сеќава Дмитриј на својата средба со крајниот север.

Според него деновите минувале брзо, но прилично рутински.

Кога ќе излезам од работа надвор е сосема темно, и те мрзи да одиш до продавница. А, треба и да си поиграш со ќерката, иако стандардни детски паркчиња тука всушност и нема, вели тој.

Работата не е во тоа што е многу студено, уверен е Дмитриј. Депресија подеднакво предизвикува и слабо развиената инфраструктура, малите плати и скапите прехранбени производи.

Платите на обичните жители во Мурманск каде станарината е висока не надминува 28 илјади рубли (442.8 американски долари). И уште нешто, иако рибата тука се лови, градот е пристанишен, во продавницата таа чини исто колку и во Москва, се чуди Дмитриј.

Пред една година купил кола со погон на задните тркала (Toyota Mark2), и сега учи да дрифтува. „Адреналинот ме исполнува во момент, а расположението нагло се поправа“, признава овој жител на Мурманск.

Меѓутоа, според него, во вакви услови депресијата, сепак, не може да се совлада. Затоа тој има намера да поработи уште неколку месеци на договор и потоа да се врати во Воронеж.

Дваесет и деветгодишната Кристина, раководител од соседниот град Апатит, за време на поларните ноќи страда од честа промена на расположението и од константна ненаспаност.

„Наутро понекогаш не ми се станува од кревет. Понекогаш спијам на работа, а за борбата против апатија понекогаш пијам енергетски пијалаци. Тука е и благото. Ако не изедам нешто слатко барем еднаш дневно, се чувствувам лошо“, вели Кристина.

Според, Евгениј, дваесет и осумгодишен бравар од Нориљск, еден од најстудените градови во Русија, но и еден од најзагадените во светот, во кој се експлоатира платина, сребро, никел и бакар, многумина жители спас од депресијата наоѓаат во алкохолот. Овој младич кој страда од напади на бес, меѓутоа, избира да не зборува ништо.

„Во принцип, од депресијата се обидувам да избегам со тешка работа. Меѓутоа, денес тоа не ми помогна, во момент доброто расположение ми се претвори во бес“, се пожали Евгениј.

Во такви случаи Евгениј се обидува да ги пренасочи мислите на пријатни размислувања, да кажеме, за патувања во потопли краишта. Тој не сака да го оптоварува семејството со својата потиштеност кога ќе се врати дома од работа, па затоа со никого не разговара и веднаш оди на спиење.

Можете да најдете и некое хоби, тоа го одвлекува вниманието. За да не размислувам на студот уште како момче се запишав на фолклор и играв цели 11 години, открива Евгениј.

Повеќе светлина и групни тренинзи

На развојот на депресијата пред сè влијае недостигот од светлина, тврди психологот Ољга Вале. Меѓутоа, депресијата во есенскиот и во зимскиот период не е карактеристична само за животот во помалите градови, ами и во метрополите, а загадувањето со „светлина“ и со „бучава“ ја влошува состојбата.

„Нашиот мозок на најдобар можен начин се одмора токму во целосна тишина и мрак, кога од надворешниот свет доаѓаат минимум стимуланси. На жителите на метрополите овој луксуз им е практично недостапен“, објаснува таа.

„Неквалитетниот, плиток сон, пореметувањето во спиењето и режимот на одмор неизбежно доведува до намалување на имунитетот, недостиг на енергија, барем како и поларната ноќ“.

Доколку знаеме дека Русите не придаваат особено значење на првите знаци на депресија, може да се каже дека тоа само ја влошува ситуацијата. „За Русите лошото расположение не е повод за загриженост. Луѓето мислат дека кога не постои физичка болка, ќе мине само од себе“, објаснува Вале.

Во борбата против лошото расположение за време на поларните ноќи помага консумирањето топли јадења, топлата облека и доволно сон. Може да се купи и ламба-будилник која го симулира изгревањето на сонцето, советува психологот. Ако и понатаму нема подобрување, најдобро е да се обратите на психолог или на невролог.

Во градот Нориљск локалниот младински центар организирал групни тренинзи за борба против сезонската депресија, заклучно со 2017 година. Во Мурманск секоја година се одржуваат вакви тренинзи.

Во овој град, исто така, пред појавувањето на поларните ноќи се инсталираат светлосни конструкции кои треба да го надоместат недостигот од светлина.

Новинарот на Russia Beyond на администрацијата во Нориљск и на Министерството за здравство на Мурманската област им испрати прашања кои се однесуваат на бројот на луѓе кои страдаат од сезонска депресија и како се борат против болеста.

Депресијата не е карактеристична само за северот

Александра, ученичка во единаесетто одделение, на патот до дома повторно почнало да ја гребе во грлото. Тоа се случува секогаш кога локалниот комбинат испушта штетни гасови. Таа веќе се има навикнато и нема намера да оди на лекар, мислејќи дека тоа е бесмислено. Кога се враќа од училиште главно не прави ништо, најчесто лежи и гледа во таванот.

Дворови, како и секаде на друго место, неколку училишта и детски градинки, комбинат. Две цркви и една капела. Тука луѓето се едноставни, не се расипани, само се изморени. А, каде не се изморени луѓето, се прашува Александра зборувајќи за Карабаш, својот роден град во Чељабинската област во кој живеат единаесет илјади луѓе.

Според податоците на руската организација за цивилно општество „Зелена патрола“ овој регион секоја година се наоѓа на списокот на најзагадените подрачја во Русија. Го „красат“ црни планини со запалени растенија, жолтеникави потоци и црвена земја. А, сето тоа е поради локалниот комбинат кој преработува бакарна руда, емитувајќи огромно количество штетни гасови.

Потиштеноста кај Александра, како што тврди, ја поттикнува депресивното сиво време. Спас наоѓа единствено во црковните богослужби, но и во планините, шумите и езерата оддалечени неколку километри од градот.

Богослужбите помагаат за воспоставување духовна рамнотежа. На пејзажи со волшебна убавина може да наидете ако заминете надвор од градот и депресијата ќе исчезне. Тогаш едноставно ви се живее, открива Александра.

Дваесетгодишниот Максим, исто така од Карабаш, електромонтер по занимање, не смета дека страда од депресија, ами тоа го нарекува меланхолија. Последен пат тоа чувство го има обезмено пред неколку месеци. Тоа може да трае, како што вели, од неколку месеци до една година.

Кај мене меланхолијата се манифестира во вид на целосно отсуство на какви било емоции и желба да се заврши со животот, додека целокупното мое слободно време се сведува на слушање музика, го открива Максим своето расположение во последниве месеци.

Убеден е дека потиштеноста е предизвикана од „животниот процес и од ситуацијата во светот“. Не знае точно како да одговори на прашањето „како да се бори против тоа“.

„Како можеш да се бориш против самиот себе? И зошто да се бориш? Ние не преживуваме, ние живееме во полна мера. Како и во другите градови во внатрешноста на Русија“, заклучува Максим.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња