Како изгледа животот на пациентите со коронавирус во руските болници?

Сергеј Кисељов/Moscow Agency
Како и останатиот дел на светот, Русија доживува нагол пораст на случаите на зараза со коронавирус. Од средината на октомври, порастот на бројот на позитивни лица не падна под 16 илјади на ден. Како изгледа лекувањето во руските болници и дали може сега толку лесно да се најдете таму?

Кога американскиот тенисер Сем Квери (49 тенисер во светот), заедно со сопругата и осуммесечното бебе, долетаа во Санкт Петербург кон средината на октомври на АТП 500 турнирот, тој не можеше да знае како ќе заврши целата работа. По пристигнувањето го помина рутинскиот тест за коронавирус, чиј резултат беше негативен. Но, тој повторно беше тестиран пред турнирот и овој пат резултатот беше позитивен, како и резултатот од тестирањето на неговата сопруга. Семејството тогаш беше ставено во карантин во хотел со пет ѕвезди. Две недели во луксузни услови.

Меѓутоа, тенисерот набрзо потоа доби телефонски повик од руската државна здравствена служба, што донекаде му ги расипа плановите. Требаше да оди на лекар за да види дали има симптоми, а ако ги има, заклучи Квери на своја рака, сите ќе бидат испратени во болница, и тоа можеби дури и во различни болници.

Спортистот, кој сметаше дека има благи симптоми, одлучи да не ја чека пресудата на лекарите. Од страв да не заврши во руска болница, организираше бегство на своето семејство од Русија со приватен авион. Да, кршејќи ги притоа сите здравствени и безбедносни протоколи. Седејќи во задниот дел од авионот за да биде што подалеку од пилотот, Квери беше префрлен во „една европска земја“ во која не е потребен негативен тест за влез. Таму изнајми стан преку Airbnb. Сега на Квери му се заканува парична казна до 100 илјади долари и тригодишна суспензија од турнирите.

Дали навистина руските болници се толку страшни? Русите на интернет го исмеваа стравот на Квери дека ќе заврши во руска медицинска установа, но имаше и такви кои го поддржуваа во неговата желба да избега по секоја цена. Бидејќи, како што велат, колку ќе биде добра болницата во која ќе завршиш е „прашање на случајност и чиста среќа“.

Добри услови, но мали шанси да ги искусите

Всушност, Сем Квери најверојатно немаше од што да се плаши. За разлика од повеќето Руси, тој можеше да си ја дозволи најдобрата приватна клиника во градот. Цената за пациентите со коронавирус варира од град до град, но повеќето приватни клиники работат на принцип на депозит од околу 300000-400000 рубли (3920-5230 американски долари) плус дневна тарифа. На пример, еден ден во клиниката K+31 во Москва чини 50000 рубли (654 долари) за пациенти со благи симптоми; 75000 рубли (981 долар) за пациенти со симптоми со средна тежина; и 90000 рубли (1177 американски долари) за пациенти со сериозни симптоми. Во случај на реанимација и механичка вентилациска поддршка, еден ден може да чини до 120000 рубли (1570 американски долари).

Центар за набљудување во Изложбениот и конгресен центар „Сокољники“

Со оглед на фактот дека сето ова е достапно само за богати клиенти, место за приватни пациенти има дури и кога пандемијата е на својот врв. Од друга страна, повеќето Руси се лекуваат бесплатно во рамките на државниот систем на здравствено осигурување. Претходно во Москва сите заразени и суспектни на коронавирус беа хоспитализирани во една од двете болници за заразни болести, како и во новиот болнички комплекс во населбата Комунарка надвор од градот - „главната корона болница во земјата“.

Во март една пациентка на Комунарка, Катерина Назарова, изјави дека болницата е како Корпорацијата „Амбрела“ од „Присутно зло“ (Resident Evil): „Ходниците се широки и пусти. Сама сум во двокреветна соба. Собата има бања со туш и плазма телевизор. Еднаш или двапати [на ден] подот и сите површини се мијат со белило - неколку пати го направија тоа површно, но обично сé се прави темелно. Околу пет пати [на ден] ме прашуваат дали имам некакво ѓубре“.

Комунарка

Прегледите започнале веднаш, вели таа: „Никогаш не ме прегледале толку темелно како овде. Направија многу тестови. Во одделот за прием веднаш ми зедоа примероци од брисеви за коронавирус, крв од вена и урина во две епрувети. Направија ЕКГ и КТ на белите дробови. Неодамна ми зедоа примерок од крвта за биохемиска анализа“.

Има пет оброци на ден, а целата храна е спакувана во индивидуални садови за еднократна употреба, топла вода му се носи одделно на секој пациент и се сипува во шолја. Има пристап до интернет за да можете да продолжите со работа на далечина. Комуникацијата со семејството и пријателите е исклучиво виртуелна. Клиниката е поделена на „црвена“ и „зелена“ (чиста) зона. Никој освен медицинскиот персонал не може да влезе во црвената зона.

Комунарка

„Пакети однадвор се дозволени. Одлично е организирано, не е како во обичните болници, каде што може да се предадат од 14 до 17 часот. Тука пакетот може да се предаде од сабајле до 22 часот, а во собите се доставуваат на секои два до четири часа“, вели Катерина.

Болниците во кои првично не беа предвидени такви зони се реорганизирани. „За време на коронавирусот, сите планирани операции беа суспендирани. Создадовме јасен систем за управување со рути за движење во зградата, вклучително и каде се наоѓаат „чистите“ и „валканите“ зони во нашата петкатница, како и за тоа како се примаат пациентите. Поставивме и опремивме простории за дезинфекција, го обучивме нашиот персонал и поставивме црвени и зелени налепници со јасни натписи насекаде. Ги отстранивме фотелјите од конференциската сала - сега во неа има кревети за вработените кои сакаат да се одморат и гардероба. Одделот за рендген стана дел за деконтаминација, додека собите за физиотерапија исто така станаа соби за одмор, каде што лекарите спијат на маси за масажа“, изјави анонимен специјалист за реанимација од Санкт Петербург.

Центар за набљудување во Изложбениот и конгресен центар „Сокољники“

Со текот на времето, сè поголемиот број случаи ги принуди властите да ги пренаменат неспецијализираните болници ширум земјата во „корона болници“, како и да отворат резервни болници (во Москва се наоѓаат во изложбени павилјони и сала за лизгање). Во регионите, меѓутоа, ситуацијата не може да се спореди со состојбата во новите московски клиники.

Привремена болница на територијата на салата за лизгање Крилатское

Донесете си кревет или ќе се изначекате

Пандемијата на коронавирус откри два главни недостатоци на здравствената реформа спроведена во периодот 2014-2015 година, забележа на 28 март Андреј Клепач, главен економист на државната корпорација за развој VEB.RF, за време на првиот бран. Тоа се намалувањето на бројот на кревети во болниците и намалувањето на бројот на инфектолози и медицински персонал. Сето тоа последователно влијаеше на подготвеноста за пандемија: Министерството за здравство на Русија кон крајот на септември објави дека 89 проценти од креветите за пациенти инфицирани со коронавирус се полни. Во некои региони, како што е Алтајскиот, веќе на 28 септември беа пополнети 97 проценти од креветите (2111 од 2168).

Центар за набљудување во Изложбениот и конгресен центар „Сокољники“

„Комерсант“ известува дека одделенијата за дијагностика не можат да се справат со приливот на пациенти, кои понекогаш треба да чекаат за КТ скен на белите дробови 6-8 часа. Пациентите не можат да бидат хоспитализирани без овој наод - такви се правилата, потврдуваат лекарите. Сопругот на Анастасија од Москва морал да чека неколку часа за да го прими лекар и да го прегледа: „Цело тоа време го помина во ходник со температура од 39°C, а во различни периоди таму имаше од шест до 15 луѓе како него. Кога направи КТ, се покажа дека има помалку од 25% оштетување [на белите дробови] и дома го одвезе такси. Хоспитализација ни беше одбиена. А лекар од амбуланта нема да направи домашна посета “, вели таа. Во Уфа пациентите за преглед морале да чекаат 12 часа.

„Не се хоспитализирани сите - ако оштетувањето на белите дробови е помало од 45%, а нивото на сатурација со кислород е задоволително, луѓето се испраќаат на амбулантско лекување“, потврдува Сергеј М., лекар во брзата помош во Московската област.

Привремена болница на територијата на салата за лизгање Крилатское

Хоспитализацијата на луѓето во некои региони беше одбивана поради недостаток на кревети, дури и кога тие имаа значително оштетување на белите дробови. Тоа му се случи на жител на Новотротицк во Оренбуршката област, а властите сè уште не ја коментирале таа ситуација. Одделенијата се преполни и во Липецк (465 км од Москва), каде лекарите одлучија да примаат пациенти кои доаѓаат со свои кревети на склопување. „Велат дека во спротивно луѓето ќе мора да ги лекуваат на столчиња“, вели Денис Власов, кој ја донесе на лекување својата 70-годишна тешта (заедно со кревет на склопување).

Медицинскиот техничар Артјом Борискин на 25 септември на својот инстаграм-профил објави видео на која се гледа редица од 20 возила со црвени крстови, кои ги довезуваат пациентите за КТ или за прием во болница. „Само помислете колку тимови не можат да работат додека чекаат во ред со пациенти за кои постои сомневање дека се заразени со коронавирус“, напиша тој. Екипите на брзата помош мораат да чекаат во ред додека пациентите ја поминуваат процедурата за прием во болница – во собата за процена пациентите можат да влегуваат само еден по еден, а целата процедура поради комплицираната бирократија често може да потрае и околу еден час. За целото тоа време возилата на брзата помош со пациентите чекаат пред болниците.

Поради тоа пациентите кои повикуваат брза помош во нивниот дом понекогаш се осудени на долго чекање. Азамат Мустафин, координатор на магнитогорскиот огранок на синдикатот на медицински персонал „Дејствие“ за веб-порталот Znak.com рече: „На луѓето со висока температура им е многу тешко да добијат лекар или да ја дочекаат брзата помош (честопати доцни повеќе од 48 часа)“.

Во исто време, не сите болници имаат јасна поделба на зони. „Границите помеѓу „црвените“ и „зелените“ зони повеќе не се толку јасни. „Зелените“ зони се преполни со корона [пациенти заразени со коронавирус], се работи на тоа да се решите од неа и да ја изолирате. Но, засега тука ништо не помага. Прегледот на пациенти со коронавирус и без него се изведува на истите оддели за дијагностика“, изјави за Mash Сергеј К., лекар на интензивна нега од Москва. И не секој има среќа во однос на условите што може да ги очекува во болницата. Нема посебни тушеви или телевизори. Секое место е добро.

Проблем имаат дури и главните московски „корона болници“. Извор во Комунарка изјави дека бројот на пациенти таму во последно време е двојно зголемен и дека повеќето случаи имаат посериозна клиничка слика отколку пролетта. Главниот лекар Денис Проценко вели дека зголемувањето на бројот на случаи е причина за редицата од возила на брзата помош. „Брзината со која се влошува ситуацијата е многу алармантна“, додаде тој.

Многу болници се обидуваат да го решат проблемот со недостаток на места со отпуштање на пациенти. Сега тоа е официјално дозволено и без негативен резултат од тестот, со други зборови, пред да се опорави пациентот. Пациентите се отпуштаат ако немаат температура или проблеми со дишењето.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња