Петте најдобри борби на Хабиб Нурмагомедов

Reuters
Со преглед на најдобрите борби во кариерата на Хабиб му оддаваме почит на најдобриот борец на светот, кој штотуку реши да ги закачи ракавиците на клин.

20 јануари 2012 година - против Камал Шалорус

Хабиб го победи својот прв противник во UFC на својот класичен начин - соборувајќи го противникот на земја, каде што доминираше над него и го принуди да признае пораз. Шалорус неуспешно се обиде да му избега на Хабиб, но сите негови напори беа залудни. Штом му сврте грб на Хабиб, Русинот веднаш го фати за врат и го совлада со задушување.

19 јануари 2013 година - против Тиаго Таварес

Во 2013 година Тиаго Таварес беше еден од најперспективните борци од Бразил. Намуртено го гледаше Хабиб за време на конфронтацијата, додека бразилската публика му викаше на насмеаниот Русин: „Мртов си!“. Причината за таквата реакција беше маичката на Хабиб со натпис „Ако самбото беше лесно, ќе се викаше џиуџицу“, што ја носеше на конфронтацијата.

Две минути откако започна борбата Хабиб го погоди својот противник со сјаен аперкат директно во брадата. Бразилецот падна на земја и заврши во бесознание, а Русинот го докрајчи со лактите.

12 ноември 2016 година - против Мајкл Џонсон

Тоа беше денот кога Хабиб го покажа целиот потенцијал на својата специјалност - гушење на противникот.

Следниот противник на Хабиб беше Американецот Мајкл Џонсон, на кого „Орелот“ го демонстрираше целиот арсенал техники за нанесување болка. Џонсон издржа до третата рунда само благодарение на својот дух и силната волја. Во двете претходни рунди, тој беше целосно исцрпен од немилосрдниот притисок на Нурмагомедов, кој безмилосно го соборуваше на подот и го удираше со лактите.

Прво рускиот борец покажа дека на нозе е супериорен во однос на Американецот, задавајќи низа прецизни удари и соборувајќи го на земја Џонсон во рок од една и пол минута, каде покрај оградата на кафезот доминираше над својот противник. Сите противници на Хабиб се плашат од оваа техника, бидејќи се смета за негов најпрепознатлив потег.

Откако воспостави контрола над Џонсон и со раце и со нозе, Нурмагомедов ги изведуваше своите напади, истовремено разговарајќи со него и убедувајќи го да се предаде. Американецот одби, дури и откако „Орелот“ се најде над него и започна безмилосно да го удира. Судијата интервенираше кога Хабиб ја смени позицијата за да изведе „кимура“ (потег наречен по легендарниот јапонски џудист и професионален борач Масахико Кимора) и му го повреди рамениот зглоб на противникот.

30 декември 2017 година - против Едсон Барбоза

Тоа беше денот кога Хабиб ја покажа својата супериорност над еден од најдобрите напаѓачи во игрите со боречки вештини.

Едсон Барбоза беше познат по своите опасни удари со нога во глава. Славата ја стекна со нокаутирање на противниците на овој спектакуларен начин. Пред борбата беше промовиран како најголемата закана за Хабиб дотогаш.

Сепак, по затворањето на кафезот, целата бразилска „закана“ испари. Хабиб го скрати растојанието и не му даваше шанса на противникот да задава високи удари, бидејќи Барбоза одвреме-навреме ќе се најдеше на подот, бранејќи се од лактите и шаките на рускиот борец.

По првата рунда Барбоза беше целосно исцрпен. Тројца членови на неговиот тим мораа да му помогнат да застане на нозе.

Во втората рунда очевидците забележаа тотална фрустрација на неговото лице, бидејќи Бразилецот не знаеше што да прави и како да го совлада Хабиб.

На крај Нурмагомедов го победи Барбоза со едногласна судиска одлука (30-25).

6 октомври 2018 година – против Конор МекГрегор

Најзабавниот и најизвиканиот настап на Хабиб Нурмагомедов беше неговата борба со познатиот Конор МекГрегор.

До расплет на нивната борба дојде во четвртата рунда, кога Нурмагомедов успешно му ги „онеспособи“ нозете на противникот, по што, по серија удари, маестрално дојде до уште подобра позиција. „Орелот“ најпрво се обиде да го задуши Конор одзади, а потоа, кога потегот не успеа, примени уште еден - го фати Ирецот одзади со цврст стисок околу вратот.

Од начинот на кој се однесуваше Хабиб на крајот од борбата, беше очигледно дека меѓу соперниците постои посебен анимозитет. Нурмагомедов силно ја стисна брадата на Конор и на крај МекГрегор, само неколку секунди подоцна, беше принуден да тапне, сигнализирајќи го своето предавање.

Судијата, кој беше во непосредна близина на противникот, веднаш почна да ги раздвојува, но Хабиб изгледаше како да не сака да го олабави стисокот. Следуваше добро познатото скокање на „Орелот“ од кафезот и вклучување во масовната тепачка и во октагонот и во гледалиштето.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња