Хабиб победи и ја заврши кариерата како најголемиот на сите времиња!

Хабиб Нурмагомедов

Хабиб Нурмагомедов

Jason Silva/ZUMAPRESS.com
„Ѝ ветив на мајка ми дека ова ќе ми биде последниот меч и нема назад“, рече Хабиб Нурмагомедов, најголемиот ММА-борец на сите времиња и ја заврши кариерата.

Хабиб Нурмагомедов синоќа го совлада Американецот Џастин Гејџи и по третпат ја одбрани UFC-титулата шампион на светот во лесна категорија. Рускиот борец, кој е сé уште без пораз, најави и завршување на кариерата.

На Хабиб Нурмагомедов ова му беше првата борба во која не го советуваше татко му и тренер Абдулманап, кој почина порано годинава, а по мечот емотивно ги објасни причините за своето повлекување од рингот.

„Ова беше мојата последна борба. Нема шанси повторно да доаѓам тука без татко ми. Ова ми беше првпат без татко ми, а кога го добив повикот од UFC да имам меч со Џастин, разговарав со мајка ми три дена. Таа не сакаше да се борам без татко ми, ме молеше да не го правам тоа, но јас ѝ ветив дека ова ќе ми биде последниот меч“, изјави Хабиб Нурмагомедов по борбата и ги фрли ракавиците на под, со што фигуративно означи крај на кариерата.

Од борбата на Хабиб Нурмагомедов и Џастин Гејџиј се очекуваше многу, но рускиот борец не дозволи ни на момент да се посомневаме во неговата победа.

Хабиб во втората рунда го собори противникот на под, со лост почна да го гуши, така што на Гејџи не му остана ништо друго освен да го предаде мечот.

На тој начин Нурмагомедов ја одбрани UFC-титулата шампион на светот во лесна категорија, а ова му беше 29 триумф во кариерата, без пораз.

Првиот човек на UFC Дејна Вајт откри непосредно по сјајниот меч дека Хабиб пред три недели бил во болница поради прелом на стапалото, но дека никому не му го кажал тоа.

„Никому не му го кажа тоа, не раскажуваше наоколу. Тој е еден од најжилавите и најсилни човечки суштества на планетата. Сериозно, тој е еден од оние за кои можеме да кажеме дека се најголемите на сите времиња (GOAT)“, рече Вајт, кој се осврна и на одлуката на Хабиб да се пензионира.

„Навистина мислам дека ќе остане во пензија. Имавме среќа да го гледаме после сé што помина. Нека се одмори и емоционално нека заздрави. Едноставно е, само од него зависи. Ако сака потоа да се врати, ќе се врати“, рече Вајт.

Хабиб Нурмагомедов го совлада на доминантен начин Џастин Гејџи и заработи и богат хонорар, иако UFC сé уште не може да смета на приходи од влезници. Гејџи инкасираше 630000 долари, а Хабиб пет пати повеќе - 3100000 долари, плус 100000 поради тоа што ја имаше борбата на вечерта.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња