Што може да биде причина за еколошката катастрофа на Камчатка?

Greenpeace/AFP; Anna Strelchenko/TASS
Еколошка катастрофа се случи во најисточниот регион на Русија - Камчатка. Слики од трупови на морски животни од брегот на Пацификот беа објавени на социјалните мрежи, а локалните сурфери се жалea на гадење и изгореници на рожницата.

Во средината на септември, сурферот од Камчатка Антон Морозов започна да чувствува чудни симптоми. Замаглување, сувост и болка во очите. Болка во грлото, отечени и надуени тетиви. Веќе неколку години, Морозов минува многу време во кампот за сурфање на плажата Халактирски - „визит-карта“ на Камчатка, но ова му е прв пат да чувствува нешто вакво. Вкусот на океанот е исто така „потполно необичен“. Горчлив, не солен. „По некое време, ние - околу дваесеттина луѓе кои живеат во кампот и кои често сурфаа се затрувме. Мислевме дека станува збор за цревна инфекција. И не поврзавме“, вели Антон.

Во тоа време, сурферите мислеа дека тоа е реакција на планктон или некој друг биолошки процес во океанот. Сите очекуваa бура и се надеваа дека ќе се расчисти сè. Но, бурата се случи на 29 септември и ситуацијата се влоши. Згора на тоа, корисниците на социјалните мрежи почнуваа да објавуваат видеа и фотографии од различни делови на брегот на Камчатка на кои се гледаат стотици мртви морски животни и мекотели, плус неколку големи и ретки октоподи, па дури и морж.

Според Морозов, во последните денови водата станала уште почудна - погуста и матна, па дури и луѓето што немале контакт со неа, имале симптоми.

На истиот ден со невремето, локалните власти испратија тим експерти за земање мостри за да покажат дека водата содржи двојно поголемо количество на фенол и четири пати повеќе нафтени деривати. Сепак, ова не е доволно за да се утврди причината.

На 4 октомври, дополнителни 250 килограми материјал беше испратен во Москва на испитување, вклучувајќи примероци од водата, од песокта и од мртвите животни.

Официјални верзии

Властите на Камчатка имаат три можни објаснувања. Првото е вештачко истурање на токсични материи. „За време на земањето примероци, хемискиот стаклен сад беше покриен со мрсна, светло жолта супстанца, што според моите колеги може да укаже на присуство на загадувач во водата со својства слични на индустриските масла“, рече Алексеј Кумарков, вршител на должноста министер за природни ресурси и екологија. Треба да се напомене дека во Русија фенолот во водата често се користи при рафинирање на нафта, на пример за прочиствување во единиците за рафинирање.

Другите верзии сугерираат природни феномени и немаат никаква врска со човечката активност. „[Едно објаснување] има врска со однесувањето, така да се каже, на алгите што доаѓаат на крајбрежјето за време на бурата“, рече губернаторот на Камчатка, Владимир Солодов, за време на брифингот. Третата верзија се однесува на сеизмичката активност поради значителниот вулканизам во регионот.

Но, локалното население има свои хипотези. На пример, се вели дека загадувањето е резултат на истекување на ракетно гориво од воената база или од блиското складиште за пестициди.

Хемиски објаснувања

„Приближно во исто време кога се појавија првите симптоми, на плажата Халактир и во соседната област се одржуваа воените вежби на вода“, напиша на Фејсбук Екатерина Диба, администратор на школата за сурфање и една од жртвите.

Ова се должи на блиската поморска подморничка база, во која, покрај другите бродови, се сместени и најновите нуклеарни подморници од типот „Бореј“. Според класификацијата на НАТО, базата се нарекува „осино гнездо“ и се наоѓа на 50 километри од плажата. Во меѓувреме, локацијата за лансирање на ракетата „Радигино“, каде се одржуваат вежбите, е оддалечена само 18 километри и од 1998 година се користи за складирање на околу 300 тони ракетно гориво.

Сепак, според воената команда на руската пацифичка флота, од јуни досега не се одржувале никакви вежби со употреба на тешка воена опрема, вклучително и во водната област. Во исто време, анонимни извори за „Новаја газета“ изјавија дека најверојатно виновник е истекување на гориво.

Сомневања паднаа и на депото за пестициди во Козелск, особено откако еден месец претходно, на 9 септември, Гринпис објави сателитски снимки од реката Халактирка, која се влева во океанот, покажувајќи дека реката е жолта. Ова депо се наоѓа на бреговите на притоката на реката Наличева, од другата страна на брегот. Речиси да нема информации за него во отворените извори, освен дека се користи за складирање токсичен отпад (најмалку 20 тони арсен, плус големо количество жива).

Гринпис објави сателитски снимки од реката Халактирка, која се влева во океанот

Според локалните медиуми, веќе имало протекување на закопани пестициди. Регионалниот агроном Анатолиј Федорченко во 2006 година изјави дека „ова количество (20 тони арсен) е доволно за да се затруе целиот Северен Пацифик“. Иако депонијата беше конзервирана во 2010 година, сега треба да се извршат дополнителни инспекции.

„Бев изненаден кога дознав денес дека [депонијата на Козелск] не е под јурисдикција на кој било државен орган. Ние ќе го исправиме ова и ќе го утврдиме неговиот правен статус за да можеме да откриеме кој е одговорен", напиша Владимир Солодов на Инстаграм на 5 октомври. Недостигот на информации на Солодов е делумно оправдан, бидејќи тој стана вршител на должноста губернатор дури на 3 април 2020 година, откако се пресели од Јакутија и ја презеде функцијата губернатор на 21 септември.

WWF Русија ги посочи токсичните материи. Судејќи според знаците, загадувањето е многу подлабоко од површинскиот слој на вода, што би се случило по излевањето на нафта. Индиректен доказ за тоа е дека има многу погодени видови животни и растенија што живеат на дното, а некои од нив дури се исфрлени на брегот во некои области.

„Фотографиите покажуваат црвени алги. Тие живеат на големи длабочини (15 метри и повеќе) и не се плашат од невреме. Тие можат да се најдат на брегот само во исклучително ретки случаи и никогаш во толкави количества. Лично, никогаш не сум ги видел на брегот“, вели Сергеј Коростелов, доктор по биолошки науки и координатор на руската програма на WWF за одржлив морски риболов. „Истото може да се каже и за гастроподите, чии школки обично доаѓаат на брегот празни. Овде гледаме школка со мртов мекотел внатре“.

Активистите на Гринпис откриле и загадување на водата покрај брегот на Камчатка под формата на неколку места од непознато потекло. „Забележавме жолтеникава пена на површината на океанот на различни места. Водата е исто така непровидна. Најдовме мртви животни на едно место. Местото, поточно обемот, бидејќи не е само на површината, се движи по должината на брегот“, рече Василиј Јаблоков, шеф на рускиот климатски проект на Гринпис.

„Ова не е дамка од петрол, туку прилив на свежа солена вода“, објасни гувернерот на сликите на Гринпис. Тој го потврди загадувањето и смртта на морските животни, но нагласи дека единствената голема морска фауна што била погодена се четири фоки, од кои едната е физички обезличена. „Најверојатно кит-убиец ѝ ја има одгризано главата и нејзиното тело е исфрлено на брегот“, рече губернаторот.

Обемот на катастрофата

Бидејќи никој не го утврди вистинскиот број на угинати и повредени морски животни, останува да се процени обемот на катастрофата.

„Плажата Халактирски е многу популарно место меѓу туристите и локалното население. Секој доаѓа со смартфон, камера и Интернет. Сепак, има само три видеа [кружат на Интернет]. Зошто толку малку? Дали луѓето се слепи? Или на сите им се расипани камерите? Логичен одговор е дека нема „илјадници мртви“, нема „гробишта на морски животни“, ниту „еколошка катастрофа“ “, напиша на Фејсбук адвокатката од Владивосток, Галина Антонец, која во тоа време беше во посета на Камчатка.

Отсуството на огромен број мртви животни го забележаа и други очевидци, вклучително и главниот уредник „Russia Beyond“, Всеволод Пуља, кој беше на службено патување во Камчатка: Се шетав по плажата Халкатирски, некаде околу 4 километри, и не видов ниту жолта вода, ниту, пак, мирисаше лошо. Сепак, моите колеги кои во тоа време беа поблиску до ‘ртот Мајачни, рекоа дека имало непријатен мирис од океанот што им предизвикува главоболки“. Исто така, Всеволод не забележал големи животни исфрлени на брегот, како што се октоподи или фоки, само „мали риби и мекотели на некои места“, без видливи оштетувања.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња