Овие слатки кученца на московските аеродроми ќе детектираат заболени од COVID-19

Mikhail Japaridze/TASS
Од 2021 година на московските аеродроми 15 шалајки ќе детектираат заболени од коронавирус. Нивната обука веќе е започната.

На меѓународниот московски аеродром „Шереметјевоˮ кинолозите на руската авиокомпанија „Аерофлотˮ започнаа тренинг на 15 специјални кучиња од расата шалајка (мешавина од ненецка лајка, шакал и фокстериер). Тие ќе бидат обучени по мирисот да ги препознаваат заразените од коронавирус. Ова на 2 октомври 2020 година го соопшти потпретседателот на владата на Русија Татјана Голикова.

„Имаме план и рокови, на тоа работат нашите водечки институти, до денес веќе се издвоени потребните биолошки примероци како на носители, така и на доброволци, за да можат кучињата да вежбаат. Се наоѓаме некаде на сретпат, користиме различен биолошки материјалˮ, рече Голикова.

Голикова објасни дека некои од избраните кучиња умеат по мирисот да издвојат човек со експлозив, како и со онколошки заболувања.

„Скратувањето на времето на пронаоѓање заболени од коронавирус во општата популација, на аеродром, во авион пред излегување и нивно брзо одвојување е она што ќе го намали ризикот за останатите луѓе кои се наоѓаат тука“, додаде Ана Попова, раководител на Федералната агенција „Роспотребнадзорˮ.

Стандардниот тренинг трае половина час, по што шалајката треба да одмора најмалку еден час. Во текот на тренингот кучињата се запознаваат со новиот мирис, потоа од нив се бара да го пронајдат меѓу материјалите од здравите донори и да го покажат со помош на глас или поза, објаснува во репортажата новинарот на рускиот ТВ-канал „Русија 1ˮ.

Сé уште не се соопштува како крзнените заштитници во пракса ќе ги „душкаат“ луѓето на аеродром.

„Прашањето како ќе изгледа тоа во пракса сé уште го разгледуваме со нашите партнери. Можеби ќе ги користиме маските од лицата на патниците или примерок од плунката, со чија помош кучето ќе може да издвои носител на инфекцијата“, објасни генералниот директор на руската авиокомпанија „Аерофлотˮ Виталиј Савељев.

Обуката на кучињата на аеродромот „Шереметјевоˮ ќе биде завршена во декември 2020 година. Се претпоставува дека кучињата ќе почнат да ги издвојуваат заболените од јануари 2021 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња