Екстравагантни самурајски ножеви директно од Русија (ФОТО)

vasverblades
Овие ножеви во Русија ги прави мала група на ентузијасти, кои своето необично хоби го претворија во вносен мал бизнис со порачки од САД, Канада, Велика Британија, Германија и други земји.

Работилница во гаража 

„Тројца луѓе (воен лекар, економист и сомелие) влегуваат во бар, се опиваат како дрва и следниот ден излегуваат како тројца мајстори за правење ножеви“, вака на сајтот се опишува историјата на компанијата Vasver Blades.

Иако звучи по малку смешно, приказната е вистинита. Александар Василев, еден од тројцата основачи, сомелие по професија, ја основа оваа компанија 2018 година, по ноќ помината со својот брат и нивен заеднички пријател.

„Никој од нас не сакаше да стане бизнисмен или професионален ковач на ножеви. Сé што сакавме е сивите денови на канцелариската работа да ги разубавиме со некоја возбудлива мануелна работа. Пријателот понуди мене и брат ми да нé научи како се прават ножеви. Тоа му било хоби од детство. Пресмета дека би можеле да почнеме со само 40000 рубли (околу 500 долари). Гаражата во викендичката ја претворивме во мала работилница и почнавме да правиме ножеви од хоби“, вели Василев.

Наскоро малата работилница почна да продава ножеви кои, како што се покажа, беа многу барани, па брзо се распродадоа. Без каква било маркетиншка стратегија или бизнис-план, компанијата сфати дека побарувачка за нивниот производ постои и во странство. Инстинктивно го пронајдоа своето место на глобалниот пазар на ножеви.

На почеток компанијата продаваше само едноставни стандардни ножеви за само 20 долари парче. Но, наскоро го унапредија своето производство и можеа да понудат многу креативни, па дури и екстравагантни модели.

„Сé уште се сеќавам како еден клиент од Германија (инаку, детски психолог) ни понуди 400 долари за нож кој го направивме по негов нацрт. Мислев дека тоа е апсурдна сума: никој не троши толку пари на ножеви. Не бев во право. Го сместивме овој производ во понудата и продадовме најмалку десет примероци во текот на последниве година и половина“, вели Василев.

„Верувале или не, 'made in Russia by Russians’ во очите на нашите муштерии е многу добра реклама. Странците се убедени дека Русија има високи стандардни кога се работи за каков било вид рачна работа. Тоа го имам слушнато повеќе пати од нашите клиенти“, вели Василев.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња