Прекрасно: Кај Владивосток Тихиот океан исфрли на брегот стотици сини медузи (ФОТО)

Русите објавија на социјалните мрежи илјадници фотографии од сини медузи кои ги снимија на брегот на Амурскиот залив.

„Морето во Владивосток толку се прегреа што ни се вратија медузите. Секоја година во август-септември морската струја ги исфрла на брегот. Веќе со години се обидувам да бидам тука во тоа време и дури сега конечно успеав да го видам сето тоа со сопствени очи. Некои се живи, а некои веќе полумртви“, напиша на својот инстаграм-профил корисничката kuzinatra.

Корисниците кои се вклучија во дискусијата ги нарекуваат медузите „вонземјани“ и „посетители“.

Според началникот на одделението за егзотични водни организми на Приморскиот океанариум Марат Ајдаров, жителите на Приморјето имаат можност да ја видат медузата ропилема, која секоја година доаѓа во водите на Амурскиот залив во периодот од средината на јули до средината на септември.

„Кај нас ги носи морската струја и овде умираат, затоа што нашите услови не им одговараат. Ова се медузи што можат да се јадат, во Кина се користат во исхраната. Претпријатија од Кина се обраќаат до нашите рибари тука да ја ловат ропилемата и да им ја испраќаат. Но, годинава поради пандемијата и затворените граници се појавија тешкотии, медузите значително помалку се подготвуваат и затоа на бреговите се појавија во толку голем број“, објасни овој научник.

Според него, овие медузи се мошне тешки и големи. Нивното ѕвоно може да достигне 60-70 сантиметри во пречник. Не се опасни за човекот, но ако го допрат можат да предизвикаат иритација на кожата.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња