Шведските експерти се загрижени поради појавата на џиновската подморница „Антеј“ во Балтичко море

Слободан Ѓуќич
Станува збор за нуклеарен подводен објект кој не е погоден за големината на акваторијата на Балтичкото море. На него се наоѓа прилично голем офанзивен арсенал составен од крстосувачки ракети и трорпеда кои се вооружени со атомски боеви глави. Овие боеви глави се 12-13 пати посилно од оние кои од лицето на земјата го збришаа јапонскиот град Хирошима.

Нуклеарната нападна подморница од класата 949А „Антеј“ (според кодификацијата на НАТО Оскар-II) вооружена е, меѓу другото и со торпеда кои носат атомски боеви глави. Нивната сила се движи во опсег од 15 до 200 килотони, и главно се применува во борбата против други подморници, но и големи површински објекти (ракетни крстосувачи, разорувачи, ударни подморски групи кои предводат носачи на авиони итн.).

Ова „подводно чудовиште“ е долго 154 метри и го движат два нуклеарни реактори кои можат да постигнат брзина до 30 јазли. Максималната ширина на подморницата изнесува 18.2 метри, а вкупниот депласман достигнува 14.700 тони/23.860 тони под вода. За споредба, најголемата подморница на шведската морнарица е долга 60 метри и ја движи дизел-електричен погон, пренесува Интернет-порталот inosmi.ru.

„Станува збор за огромен подводен објект кој не е погоден за големината на акваторијата на Балтичкото море. Ваквите подморници е мошне лесно да се следат“, смета шведски експерт.

Меѓутоа, доколку е така, тогаш што воопшто прави оваа подморница во водите на Балтичкото море?

„Во овој момент немам одговор на тоа прашање. Останува да видиме. Можно е во перспектива да бидат одржани некои воени вежби (во следните неколку недели). Во секој случај во Балтичкото море доплови едно мошне моќно борбено средство“, истакнува Никлас Гранхолм.

Нуклеарни торпеда

Познато е дека офанзивните подморници од оваа класa можат да носат 24 крстосувачки ракети со голем дострел кои се опремени со нуклеарни боеви глави. Меѓутоа, шведскиот експерт од Институтот за одбранбени истражувања предупредува дека во нивниот арсенал може да има и нуклеарни торпеда.

Најслабата боева глава што ја носат овие торпеда се еквивалентни на 15 килотони, што може да се спореди со експлозијата на атомската бомба за време на уништувањето на јапонскиот град Хирошима. Меѓутоа, овие торпеда можат да носат атомски боеви глави кои предизвикуваат сила на експлозија од 200 килотони што е 12 до 13 пати посилно од споменатата експлозија.

„Генерално, станува збор за боеви глави кои се прилично големи. Поточно, постојат два типа вакви боеви глави. Помал и поголем. Првиот тип е наменет за борба против подморници на условен непријател, додека вториот е наменет за борба против големи воени бродови. Крстосувачките ракети се наменети за борба против американските носачи на авиони кои поседуваат широка зона на дејство“, истакнува шведскиот експерт.

Демонстрација на воена моќ

Според Никлас Гранхолм, овој тип подморници совршено се вклопуваат во новата руска концепција за употреба на своите поморски сили.

„Русија на овој начин ја демонстрира својата воена моќ. Овие подморници се воведуваат во воените вежби на кои се изведуваат маневри, и потоа брзо се враќаат во своите бази. Конкретно, овој тип подморници е конструиран за реализација на операции на просторот на Северен Атлантик и на Баренцовото море. Нејзината основна задача е одбрана на главните офанзивни нуклеарни сили за стратегиска намена кои се наоѓаат на северниот правец“, смета шведскиот експерт.

Воопшто не треба ни да замислувате какви разорни последици би можеле да се случат доколку во некој случај дојде до голема хаварија на овие исклучително опасни подводни објекти. Имено, на подморниците од оваа класа се регистрирани чести инциденти кои се од полесна природа, но кои се мошне опасни со оглед на тоа дека станува збор за средство кое е „начичкано“ со торпеда и со ракети кои носат атомски боеви глави, и кои покрај другото го движат два нуклеарни погони.

Најпознатиот инцидент со „Антеј“ се случи пред 20 години кога офанзивната подморница „Курск“ потона по непланирана експлозија на торпедото кое се наоѓаше во багажникот на подморницата. Тогаш загинаа и сите членови на екипажот кои заедно со неа потонаа на морското дно.

„Доколку на нуклеарната подморница која е вооружена со торпеда со атомско оружје се случи голема хаварија, тоа би можело да биде голем проблем“, предупредува првиот човек на истражувачкиот сектор на Институтот за одбранбени истражувања Никлас Гранхолм.

Инаку, руската воена индустрија на база на подморницата од класата 949А „Антеј“ (кодификација според НАТО Оскар-II) има развиено проект за нивна модернизација која пред сè се однесува на сериозно унапредување на нејзиниот ударен потенцијал. Целосниот пакет за модернизација веќе го мина офанзивната подморница од оваа класа која ја носи ознаката К-186 „Омск“ (Тихоокеанска флота).

Според пишувањата на рускиот Интернет-портал Рамблер, модернизираната подморница „Омск“ наместо 24 ракети П-700 „Гранит“ ќе носи помодерни противбродски суперсонични ракети П-800 „Оникс“ и тоа 72 парчиња. Не е исклучено овој ракетоносец да биде вооружен и со подморничка верзија на супсоничната крстосувачка ракета „Калибр“ со дострел од 2.500 километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња