Русите го поддржаа својот сонародник во Ф1: „Ние веќе со векови пред никого не клечиме!“

AP
„Ние клечиме пред татковината, знамето и Бога“, рече возачот на „Формула 1“ Данил Квјат. „Нам ни е несфатливо зошто се клечи против расизмот“, го поддржаа сонародниците. Русите последен пат клечеле пред монголските и татарските канови во 13 и 14 век. И оттогаш не клечат пред никого!

Рускиот возач на „Формула 1“ Данил Квјат беше еден од шестмината возачи кои одбија да клечат пред стартот на Светскиот куп на „Формула 1“ во Австрија. „Тоа е, така да кажам, против менталитетот на рускиот народ“, објасни тој подоцна. 

Во текот на тв-преносот можеше да се види како возачите излегуваат во маички со натпис „Црните животи се важни“ и „Крај на расизмот“, а при интонирањето на австриската химна на возачите им беше предложено да клекнат. Шестмина останаа да стојат, меѓу нив и Данил Квјат.

Данил Квјат

„Кога ми предложија клечење како гест на борба против расизмот, сé ми беше малку несфатливо. Тоа е, така да речам, против менталитетот на рускиот народ. Ние, Русите, клечиме пред татковината, знамето и Бога“, рече тој.

„Сите ние возачите сме обединети во борбата против расизмот. Го покажавме нашиот став кога пред трката облековме маички со натпис „Крај на расизмот“, додаде Данил Квјат.

Некои љубители на „Формула 1“ во светот сепак не ја сфатија одлуката на шестмината возачи да не клекнат, но Русите застанаа во одбрана на својот сонародник.

„Не направивме ништо лошо“ 

Првиот во историјата руски возач на „Формула 1“ Виталиј Петров рече:

„Секој човек има право да ги изрази своите погледи и секој може да го стори тоа на свој начин. Секој сам одлучува дали ќе клечи или не. Можете да му предложите некому да клекне, но не можете да го критикувате зашто одбил да го стори тоа“, вели Петров.

Рускиот парламентарец и поранешен професионален боксер Николај Валуев рече:

„Ние клечиме пред знамето, татковината, можеби пред родителите. Не разбирам зошто се клечи против расизмот. Не сум расист, но зошто да клечам“, прашува политичарот.

Русите главно го поддржаа својот сонародник-возач на „Формула 1“.

„Данил, сите нормални луѓе во Русија те поддржуваат“, пишува еден корисник на социјалните мрежи.

„Русите не клечат“, пишува друг.

„Да клекнеш еднаш не е исто што и да ги почитуваш Афроамериканците цел живот. Докажете со дела, а не со гестови“, пишува друг љубител на „Формула 1“.

„Секоја чест што не клекна. Ако прашаат, кажи дека Русите никогаш не камшикувале други народи. Не сме направиле ништо лошо за сега да мораме да клечиме“, пишува друг корисник на социјалните мрежи.  

На колена пред монголските канови

Кнезот Александар Невски го моли Бату-кан за милост спрема Русија, крајот на 19 век.

За време на монголското владеење кое Русите го нарекуваат „татарско-монголскиот јарем“, церемонијата на поднесување заклетва на Монголите била многу слична на француската церемонија омаж, кога вазалот клекнува на едно колено пред владетелот кој седи. Во Сарај, престолнината на Ордата, руските кнезови понекогаш биле присилувани да пријдат на колена до канскиот трон. А и онака Монголите ги гледале од високо.

Затоа за Русите клечењето е знак на покорување, како што им се покорувале на Монголите и Татарите во 13 и 14 век.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња