Каде денес во светот се користи симболот срп и чекан?

Getty Images
Советскиот Сојуз одамна не постои, но неговиот главен симбол и понатаму е присутен ширум светот и тоа не само во социјалистичка Кина, ами и во капиталистичките земји на Западот.

Со децении кај милиони луѓе овој главен советски симбол кој е олицетворение на единството на работниците и селаните, предизвикуваше почит, страв, па дури и омраза. Иако од распаѓањето на СССР поминаа 30 години, српот и чеканот и понатаму предизвикуваат бурни дискусии ширум светот.

Во некои земји користењето на овој знак е забрането на државно ниво, додека на други места тој без проблем ги краси градските фасади, а во изменет облик се наоѓа дури и на знамињата на некои земји.

Комунистички партии

Десетици комунистички партии ширум светот денес ги користат српот и чеканот во својата симболика. Во Русија овој знак се наоѓа на знамињата и на амблемите на директните наследници на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз: Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ),

како и на нејзината конкурентска Комунистичка партија „Комунисти на Русија“ (КПКР).

Српот и чеканот не се заборавени ниту во поранешните републики на Советскиот Сојуз. Меѓу другото, можат да се видат во симболиката на Комунистичката партија на Казахстан

или на Партијата на комунистите на Киргистан.

На знамињата на најголемата партија на светот, Комунистичката партија на Кина, српот и чеканот се со жолта боја. Овој знак ја симболизира јасноста и беспрекорноста во идеологијата на социјализмот.

Индија е позната по широкото и разновидно комунистичко движење. Српот и чеканот се постојано присутен симбол на амблемите на многу левичарски партии од оваа земја: од Комунистичката парија на Индија (КПИ) до Центарот за социјалистичко единство на Индија.

Во симболиката на младата Комунистичка партија на Данска српот и чеканот изгледаат доста елегантно (партијата е основана во 2006 година):

На амблемот на финската Комунистичка работничка партија – За мир и социјализам главниот советски симбол може да се види во оригинален дизајн:

Комунистичката партија на Велика Британија го редизајнираше познатиот симбол и притоа српот се претвори во гулаб.

Национални знамиња

Знамето на Советскиот Сојуз со срп и чекан веќе замина во историјата, но овој симбол и понатаму е присутен во државната симболика на некои земји. Во Русија сè уште може да се види на знамето и на грбот на Брјанската област,

на знамето на Владимирската област,

на знамето на градот Орјол и на некои други руски градови,

Непризнаената Приднестровска Молдавска Република користи незначително изменето знаме на Молдавската ССР со срп и со чекан.

Српот и чеканот се наоѓаат на современиот грб на Австрија: црн орел ги држи во своите канџи. Тие се појавија на грбот по распадот на австроунгарската империја како симбол кој покажува дека државата повеќе не е угнетувач, ами верен пријател и покровител на работниците и на селаните. Во СССР ваквата комбинација на „царски орел“ со социјалистичка симболика предизвика само иронија и потсмев.

На знамето на Ангола главниот советски симбол доби необичен облик. Наместо срп, тука гледаме дел од запчаник, а наместо чекан – мачета.

Аерофлот

Главниот „промотор“ на познатиот советски симбол денес е најголемата руска авиокомпанија „Аерофлот“. Клучните елементи на нејзиниот амблем, српот и чеканот, секоја година го гледаат илјадници патници низ целиот свет.

На почетокот на минатата деценија авиокомпанијата ја разгледуваше можноста да ја модернизира својата симболика, но на крајот се откажа од тоа. „Тоа е стара руска марка која сите ја поврзуваат со Аерофлот. Ова лого е толку хармонично, што е тешко да се замени“, рече во 2003 година во интервју за „Франс прес“ заменикот на генералниот директор на авиокомпанијата Лев Кошљаков.

Во 2017 година во Литванија изби скандал во врска со логото на „Аерофлот“. Во оваа земја е забрането користењето на советската симболика, па локалните новинари и политичари беа револтирани кога во Вилнус се појавија рекламни паноа на руската авиокомпанија со срп и со чекан. Собранискиот пратеник Мантас Адоменас дури и го постави прашањето дали авионите на „Аерофлот“ воопшто имаат право да ја минуваат границата на литванската држава.

На крајот од рекламата беше тргнато логото, но, како што соопштува рекламната компанија Clearchannel, тоа не е направено поради скандалот, ами зашто рекламната кампања завршила.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња