Руската влада им дозволи на висококвалификуваните странски стручњаци еднократен влез во земјата под услов да имаат дозвола за работа во Руската Федерација. Властите се решија на ова по молбите од претприемачите и шефовите на дипломатските мисии. Се наведува дека влезот е дозволен за оние странци кои ќе се наоѓаат на специјалниот список на Федералната служба за безбедност и Министерството за внатрешни работи. Во документот исто така ќе биде наведен граничниот премин преку кој стручњакот влегува во Русија.
„На странските стручњаци им е дозволен еднократен влез во Русија врз основа на посебен список. Тој список до Федералната служба за безбедност и Министерството за внатрешни работи на Русија треба да го достават федералните органи на извршната власт под чија надлежност е работодавачот или нарачателот на услугите на странскиот стручњак“, се наведува на сајтот на руската влада.
Странецот со себе освен пасош треба да има и важечки договор за работа (или договор за давање услуги).
Русија во март воведе забрана за влез на странци во земјата. Меѓутоа, потоа компаниите од машинската индустрија, производителите на прехранбени производи и други претпријатија се соочија со недостиг на стручњаци од висок ранг. Во април руската влада дозволи влез во земјата за странски инженери. Меѓутоа, претпријатијата се жалеа дека добивањето визи и работни дозволи за странци е многу комплицирано. На 29 април премиерот на Русија Михаил Мишустин ја потпиша одлуката според која руските граѓани со странско државјанство, дозвола за престој во странство или друг документ кој го потврдува нивното право на престој во друга земја имаат право да ја напуштат Русија.
Меѓутоа, тоа можат да го сторат само еднаш. Пред тоа граѓаните на Русија со двојно државјанство не можеа да ја напуштат земјата, туку тоа им беше дозволено само на странците.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче