Србија очекува посета од Путин во октомври оваа година

kremlin.ru
Српските власти очекуваат дека рускиот претседател Владимир Путин ќе учествува во церемонијата на осветување на храмот „Св. Сава“ во Белград.

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ соопшти дека српските власти ја очекуваат посетата на претседателот Путин на Белград во октомври оваа година.

„Србија е приврзана на развојот на понатамошното партнерство со Русија. Исклучително се радуваме на претстојната посета на Владимир Путин во октомври“, изјави Дачиќ во четвртокот, 18 јуни, во текот на заедничката прес-конференција со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Белград.

Дачиќ истакна дека трговската размена меѓу Русија и Србија достигнува 3,5 милијарди долари. Според него, интензивната заемна соработка се одвива во рамките на меѓународните организации. „Нашите односи никогаш не биле подобри“, заклучи тој.

Поканата во Белград ја изнесе српскиот претседател Александар Вучиќ на 4 декември 2019 година при средбата со Путин во Сочи. Како што во понеделникот објави прес-службата на српскиот претседател по телефонскиот разговор со рускиот лидер, српските власти очекуваат дека Путин ќе учествува во церемонијата на осветување на храмот „Св. Сава“ во октомври.

При посетата на Србија во јануари 2019 година Путин соопшти дека Русија издвоила дополнителни средства за изградбата на храмот. Според рускиот лидер, помошта ќе изнесува 5 милиони евра. Според налогот на рускиот претседател, од 2015 година Федералната агенција „Россотрудничество” е генерален координатор на работите за внатрешно уредување на српскиот храм. Финансирањето се реализира од вонбуџетски средства на руските компании кои работат во Србија.

Храмот „Св. Сава“ има површина од 7570 квадратни метари, пречник на куполата 35 метри и висина од 65 метри. Според преданието, одлуката за изградба на храмот е донесена уште 1594 година на местото на кое Турците ги запалиле моштите на Свети Сава. Проектирањето почнало 1894 година, но планирањето и договорите траеле долго, така што изградбата почнала 1935 година. Втората светска војна ја прекинува изградбата, која е продолжена дури во мај 1986 година. Куполата е завршена 1989 година. Во 2004 година храмот е официјално отворен, иако сé уште не е во целост завршен.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња