На Црвениот плоштад одржана првата ноќна проба за воената парада по повод Денот на Победата (ВИДЕО)

Министерство за одбрана на Русија
На Црвениот плоштад во Москва синоќа се одржа првата ноќна проба за воената парада по повод 75-годишнината од победата во Втората светска војна која ќе биде одржана на 24 јуни. Колоната на пешадијата ја сочинуваа повеќе од 40 парадни формации, а и воената техника свечено промаршира низ срцето на рускиот главен град.

Оваа година првпат на Црвениот плоштад ќе продефилираат припадниците на познатата Шеста чета, како и кадетите на Михајловската воена артилериска академија и Воената академија „Буѓони“, како и воените инженери. Покрај тоа, во годината на јубилејот, по Црвениот плоштад ќе поминат парадни чети во униформа од времето на Втората светска војна.

Меѓу нив ќе биде група со стандардите на фронтовите, чета со борбените знамиња на славните формации и воени единици 1941-1945, чета на пешадијата и доброволци, пилоти, морнари, инженери, разузнавачи и граничари со полуавтоматски карабини „Симонов“, пушки „Мосин“, автомати „Шпагин“ и „Судаев“, како и донски и кубански козаци.

Втората ноќна проба на Црвениот плоштад ќе биде одржана денес. Генералната проба е закажана за 20 јуни.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња