И покрај постепеното укинување на режимот на самоизолација, рестораните и кафе-баровите во некои руски региони и понатаму не работат поради ширењето на коронавирусот, а приходите од доставата на храна не се доволни да им се исплатат плати на работниците. Сопствениците на рестораните одлучија да протестираат против настанатата ситуација лансирајќи нов предизвик на „Фејсбук“.
Првиот хаштаг #голыйголод (гол глад) и истоимениот предизвик во својот пост на 15 мај го објави синџирот ресторани и барови ReLab од Казањ. Сопствениците на рестораните си поставија за цел да го свртат вниманието на јавноста на губитокот на приходите поради забраната за работа за време на карантинот.
„Сакаме да почнеме да работиме и да заработуваме. Не се работи само за еден ресторан. Само во Казањ нé има неколку илјади. Ние не изнесуваме барања, не поставуваме ултиматуми и не се занимаваме со провокации. Молиме за помош, соработка и поддршка“, стои на официјалниот профил на овој бар.
Во постот се наведува дека вработените поради фотографирањето морале „во одредена мера да се победат себеси и да ја напуштат зоната на комфорот“.
На предизвикот му се приклучија угостители од цела Русија.
„Не сфаќаме по што сме ние полоши од пазарите, продавниците за градежна опрема и салоните за убавина. Подготвени сме да ги почитуваме сите неопходни мерки за дезинфекција“, се пожалија вработените во рестораните Holy Place и Funky Food во Краснодар.
Вработените на двата ресторана се фотографираа без облека со натписот “#голи ресторани/кога е крајот?”
Идејниот креатор на грузискиот ресторан во Екатеринбург „Муабети” (Беседы) Аљбина Аљвинска исто така се соблече, објавувајќи пост со хаштагот #вынасраздели (вие нé соблековте).
„Нашиот бизнис остана без поддршка за време на карантинот, а и после него никој не вели дека ќе ни помогне. Затоа и стоиме пред вас голи, за да покажеме дека нé оставаат без ништо“, пишува на профилот на италијански ресторан во Сочи.
На предизвикот му се приклучија не само ресторани, туку и производители на кашкавал. „Многу мали производители на кашкавал своите производи ги испорачуваа на рестораните. Нека сé се врати што попрво во нормала, нека се отворат рестораните, да почнат со полна пареа да работат производителите на кашкавал. Инаку нема да имаме ни за престилка“, пишува Марија Кандирина.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче