Путиновиот подарок за јапонски префект сместен во изолација поради коронавирусот

Игор Бељаев/TASS

Сибирскиот мачор по име Мир, што претседателот на Русија Владимир Путин во февруари 2012 година му го подари на префектот на јапонската суверена префектура Акита Норихиса Сатаке, е сместен во карантин, со оглед дека на таквите животни исто така им се заканува зараза од новиот коронавирус. Ова за ТАСС во средата го соопшти лично јапонскиот префект, во чиј дом Мир ја поминува својата делумна изолација.

„Многу нé загрижија вестите за тоа дека во САД се забележани случаи на зараза со коронавирус кај домашните мачки“, рече Норихиса Сатаке. „Затоа сега направивме така што Мир за секој случај да не комуницира со никого освен со членовите на нашето семејство. Многу се надеваме дека наскоро ќе заврши сегашната ситуација, во која поради опасноста од зараза патат и луѓето и животните“.

„Поминаа веќе осум години откако Мир стана член на нашето семејство“, истакна префектот. „Тој има одличен апетит, силен е и весел, има сталожен карактер. Мир одлично се вклопи со останатите шест мачки што живеат во нашата куќа. Тоа е за мене посебно суштество: душата ми се одмара кога ќе го видам неговото муце“.  

Претходно во неколку земји, вклучувајќи ги САД и Кина, беа регистрирани случаи на зараза со коронавирус кај домашни животни, вклучувајќи и мачки. Меѓутоа, истражувачите сметаат дека е малку веројатно човек да се зарази од животно.

Владимир Путин му подари на префектот сибирско маче и на тој начин му возврати на неговиот подарок: младо од јапонската раса акита-ину, добиено во знак на благодарност за помошта што Русија ѝ ја даде на Јапонија по катастрофалните несреќи во март 2011 година – земјотресот, цунамито и хаваријата во нуклеарната електрана „Фукушима-1“. Младото го доби името Јуме (Мечта), додека мачето во Јапонија го нарекоа Мир.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња