Жител на Приморјето во самоизолација истрча 100 км околу кревет

Место трка низ африканската пустина, рускиот маратонец трчаше 10 часа околу својот кревет.

Приморскиот спортист Дмитриј Јакухниј во самоизолација за 10 часа истрча 100 км околу кревет, на тој начин проверувајќи ја својата подготвеност за ултрамаратон низ Сахара.

„Требаше да учествувам во април во најтешкиот ултрамаратон на светот. Тоа е маратонот во песок MDS (Marathon Des Sables), каде што се трча 250 километри низ Сахара. Натпреварот е одложен поради коронавирусот, така што решив место тоа да истрчам во куќата 100 километри околу кревет, почитувајќи го режимот на самоизолација“, изјави Дмитриј Јакухниј за агенцијата РИА „Новости“.

Дмитриј е единствениот натпреварувач од рускиот Далечен Исток кој требаше да учествува во MDS маратонот. Вели дека се подготвувал девет месеци, па решил да провери колку е подготвен. Според него, домашните најпрвин помислиле дека се шегува, но потоа неговата идеја им станала интересна и на децата, така што синот Артјом и ќерката Никол истрчале еден дел од „патеката“.

„Целото семејство ја поддржа мојата иницијатива. Децата малку трчаа, а жената снимаше сé и ја подготвуваше храната“, рече Дмитриј.

Тој додаде дека тој куќен маратон траел неполни десет часа и дека „соседите се добри и имаат разбирање“. Според рускиот спортист, музиката исто така му помогнала да ја истрча планираната километража. Од храна земал портокали и банани, „без запирање, како на натпревар“. Специјален уред му помогнал да ја измери километражата.

Дмитриј на секој еден час вклучувал директен пренос на Инстаграм, а во финишот преносот траел половина час. Нова сила добил по 50-от километар, а најтежок му бил 76 километар од ултрамаратонот околу креветот.

„Обично криза наидува на 35 и 75 километар, т.е. недостатокот на јаглени хидрати, но се трудев да земам храна и пијалак според планот“, прецизира Дмитриј. Трката ја завршил во 20:00 по локално време (13:00 по московско време).

Триесет и петтиот Marathon Des Sables е одложен за 18 септември. Натпреварувачите ќе трчаат низ мароканскиот дел на Сахара. Треба да истрчаат 250 километри за седум дена.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња