Специјалистите за радиолошка, хемиска и биолошка заштита (РХБЗ) на руската армија извршија дезинфекција во 10 медицински објекти на територијата на Република Србија. Ова во средата го соопшти информативната служба на руското Министерство за одбрана, пренесува веб-порталот ТАСС.
„Руските специјалисти за РХБ заштита на територијата на Република Србија ги продолжија своите активности и дезинфицираа 10 медицински установи, како што се реонот на главната поликлиника во Белград, градската болница во Ќуприја, клиничките центри во населеното место Палиќ и градот Ниш“, се наведува во соопштението.
Офицерите на руската група која престојува во Србија спроведоа консултации со специјалистите од Националниот институт за општо здравје „Доктор Милан Јовановић Батут“ во Белград, каде што е разгледан планот за работа за дезинфекција на медицинските објекти во земјата. „Во текот на овие консултации се идентификувани клучните установи каде има потреба од учество на руските специјалисти кога се во прашање мерки за спроведување санитарна заштита“, прецизираат од Министерството за одбрана на РФ.
Воените лекари дадоа препораки во однос на реализацијата на антиепидемиските мерки при лекувањето на пациентите кои се позитивни на коронавирус, а кои се наоѓаат во воените болници и клиничките центри распоредени во градовите Нови Сад, геронтолошкиот центар Ниш, центарот за здравје и градската болница во Заечар, како и во болницата „Земун“ во Белград.
Во Србија според последните податоци на Министерството за здравство на РС се регистрирани 4873 пациенти позитивни на коронавирус. Од тој број починаа 99 поради компликации на здравствената состојба. На 3-4 април оваа година во Србија беше испратена ургентна помош која се состоеше од 87 војници, вклучувајќи воени лекари, специјалисти-виролози од составот на единиците за радиолошка, хемиска и биолошка заштита, потоа специјална медицинска опрема, средства за заштита и 16 единици специјална воена техника (РХБЗ). Овие единици беа префрлени со воено-транспортни авиони Ил-76МД на Воздушно-космичките сили на руската армија. Тимови со руски специјалисти се распоредени на неколку локации ширум Србија (Белград, Ќуприја, Ваљево, Нови Сад, Ниш, Крагуевац и Кикинда).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче