Во Москва првите пациенти со коронавирус добиваат крвна плазма на излекувани од инфекцијата

Денис Абрамов/Sputnik
Руските лекари се надеваат дека новата метода ќе помогне за поефикасна борба против пандемијата. Крвна плазма од 11 излекувани засега добија седум пациенти.

Првите процедури на трансфузија на крвна плазма на донори кои го поминале лекувањето на инфекцијата од коронавирус и оздравеа беа спроведени во Институтот за итна помош „Н. В. Склифософски” и во градската болница бр. 52. Ова на новинарите во четвртокот, 9 април, им го соопшти заменикот-градоначалник на Москва за прашања на социјален развој Анастасија Ракова.

„Непрекинато ја следиме работата на колегите во другите земји, слични истражувања успешно се спроведуваат во Кина, Германија и САД. Се надеваме дека новата метода ќе ни помогне за поефикасна борба против пандемијата на коронавирусот. Денеска во Москва веќе 11 излекувани од COVID-19 донираа крвна плазма. Трансфузија добија седум пациенти кои во моментов се лекуваат во градските клиники“, рече Ракова.

Во развивањето и тестирањето на оваа технологија учествуваат Научноистражувачкиот институт за итна помош „Склифософски”, градската клиничка болница бр. 52 и Центарот за крв „Гаврилов”. Имунитетот на донорите се проучува во соработка со Националниот истражувачки центар за епидемиологија „Гамалеја“. Подоцна технологијата ќе можат да ја преземат другите медицински установи.  Според главниот независен стручњак за трансфузиологија на Секретаријатот за здравствена заштита на град Москва Андреј Буланов, се знае дека организмот на човекот кој преболел инфективна болест развива антитела, што и му овозможува да ја победи инфекцијата, но овој процес често во случај на конкретниот предизвикувач на болеста има свои специфичности, па треба да се биде претпазлив кога се работи за вакви интервенции.  

„Важно е да се процени кој од пациентите кои што се избориле со коронавирусот ќе биде добар донор. Најважно е да се утврди во која фаза болеста, во која мера и во каква комбинација со другите средства плазмата на реконвалесцентите ќе има најдобар ефект“, рече Буланов.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња