Пандемијата на коронавирус би можела да го спречи одржувањето на парадата по повод Денот на Победата

AFP
Првпат по распадот на Советскиот Сојуз Русија би можела да се откаже од воената парада по повод Денот на Победата на Црвениот плоштад во Москва.

Кремљ би можел да ја откаже претстојната воена парада со која се одбележува 75-годишнината од победата над нацизмот во Втората светска војна поради пандемијата на коронавирусот, пишуваат руските медиуми.

Според портпаролот на претседателот на Руската Федерација Дмитриј Песков, сé ќе зависи од ситуацијата во врска со ширењето на болеста во Русија во наредните неколку недели.

„Прашањето во секој случај се разгледува, засега не се донесени никакви одлуки, подготовките продолжуваат“, изјави Песков во одговор на новинарско прашање.

„Одлуката за тоа дали парадата ќе биде одржана или не и во кој формат, допрва треба да биде донесена со оглед на тоа како ќе се развива ситуацијата во врска со епидемијата на коронавирусот“, рече портпаролот на Кремљ.

Одговарајќи на прашањето дали парадата по повод Деветти мај би можела да биде одржана без гледачи, Песков рече: „Ситуацијата нé тера да бидеме флексибилни, па во овој момент не би требало да се зборува за тоа што е можно“.

„Можно е и неопходно да се направи сé за од една страна да му се оддаде признание на хероизмот на нашиот народ и земја, а од друга страна да не се загрозува здравјето на нашите луѓе“, додаде портпаролот на рускиот претседател.

Русија годинава ја слави 75-годишнината од победата во Втората светска војна. На парадата по повод Денот на Победата, на 9 мај на Црвениот плоштад би требало да присуствува, меѓу другите, и претседателот на Франција Емануел Макрон.

Дали е откажувана парадата и пред пандемијата на коронавирусот?

Деветти мај важи за главниот празник во Русија, настан со кој ниту еден друг празник ни одблиску не може да се споредува. Тоа е ден на народната гордост и победата во војната во која животите ги дадоа преку 27 милиони луѓе.

Деветти мај, меѓутоа, немал таков статус отсекогаш. Во периодот од 1947 до 1965 година парада не беше одржувана, а деветти мај беше обичен работен ден.

Постојат неколку претпоставки како дошло до тоа. Некои од нив кружат околу конфликтот меѓу Сталин и Жуков, откако наводно Јосиф Висарионович сакал да го изнивелира значењето на победата и личноста на славниот маршал, смета воениот аналитичар Дмитриј Сафонов.

Како што истакнува тој, земјата минувала низ тежок повоен период, а неработниот 9 мај е пренесен на 1 јануари според указот на Врховниот совет на СССР. Пари за празнување немало, требало да се подига од пепел разрушената земја. Поради тие причини воената парада во Советскиот Сојуз е одржувана само на округлите годишнини од победата, рече тој.

Единствен пат кога парадата привремено е заборавена е по распадот на СССР, во периодот од 1991 до 1995 година.

„Поради новиот коронавирус Русија првпат по распадот на Советскиот Сојуз би можела да се откаже од прославата на победата во Втората светска војна. Дали тоа ќе се случи, ќе се знае кон средината на април, кога владата ќе процени дали донесените мерки во борбата против ширењето на болеста дале резултати“, рече Сафонов.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња