Лични приказни: Како заболените од коронавирусот се лекуваат во болниците во Русија?

Фотографии од лична архива
Менаџер за соработка со странски партнери, продуцент и американски фудбалер зборуваат за тоа како се заразиле со вирусот COVID-19, како го минуваат времето во руските болници и како ги лекуваат.

Марија Долголенко, 46 години, менаџер за соработка со странски партнери

Марија Долголенко

Се вратив од скијање од Австрија на 8 март. Вечерта ми се покачи температурата на 37 со 6 и повикав лекар. Дојде, ми зеде примерок од плунка и истото го повтори следниот ден. Третиот ден ми јавија дека не им се допаѓаат резултатите од анализата и дека ќе дојде по мене возило на брза помош. Ме зедоа мене и моите синови (11 и 17 години).

Ми правеа многу анализи и ми даваа антибиотици. На децата таблети против вирус. За анализите ништо не ни кажуваа. Нè хранеа добро, храна ни оставаа на боксот покрај ходникот, а јас ја земав од собата. Немам никаков контакт со надворешниот свет. Лекарите кај мене влегуваат во скафандери, не излегувам од собата.

Марија Долголенко

Дури осмиот ден дознав дека кај мене и кај децата откриле коронавирус.

Јас и децата бевме во иста болница, но во различни крила. Тие не чувствуваат никакви симптоми на вирусот. Разговараме само преку телефон.

Најтешко е в недела. Потивко е од обично. Веднаш се прашуваш што да правиш од појадок до ручек.

Почнав да вежбам. Прво вежби за дишење. Засега ништо не сфаќам, но го повторувам сето она што ќе го видам на Јутјуб. Држам планк положба. Не сакам да кажам колку, но се надевам дека ќе ми биде подобро. Читам книги и гледам филмови. Конечно го гледав „Паразити“.

Жал ми е за лекарите и за медицинските сестри. Во заштитните одела не им е лесно, а маските ги дезинфицираат со хлор поради што очите постојано им солзат.

Марија Долголенко

Во болница сум веќе трета недела, моите деца се фактички здрави. Но, мораме да имаме уште две негативни анализи на коронавирус. Чекаме.

Виталиј Миронов, 33 години, вработен во странска компанија

Виталиј Миронов

Јас и сопругата допатувавме од Барселона на 10 март. На аеродромот немаше контрола, не ни мереа температура. Дојдовме дома.

На 13 март температурата ми се качи на 38 со 3, плус кивавица. Го пријавив случајот и по мене дојде брза помош. Ми зедоа примерок од плунката за анализа и заминаа. По два дена ми се јавија дека сум се заразил со вирусот и ме одведоа во болница. Кај сопругата не најдоа коронавирус и таа остана дома во самоизолација. Од вчера може да излезе.

Првата недела со ништо не ме лекуваа. Лежев, јадев, гледав телевизија, им пишував на пријателите. Од 22 март ми даваат рибавирин, кој најчесто им се дава на заболените од хепатит Ц. Но, 10 таблети наместо 2! Медицинската сестра самата се чудеше зошто. Го праша дежурниот лекар, но тој потврди дека нема грешка.

Виталиј Миронов

Тука во болницата се допишуваме. Денес на чет сме 90 пациенти. Луѓето се жалат дека од таблетите чувствуваат болки во грбот, замор и дека очите им се суви,

Потоа лекарот ми рече дека можам да земам Арбидол, зашто ситуацијата ми е подобра. Но, не го пијам зашто мислам дека сум здрав. Организмот сам го победи вирусот.

Виталиј Миронов

На 24 март ми направија уште еден тест на вирус и, доколку биде негативен, на 29 ќе ми го направат последниот. Потоа си одам дома.

Марија Мухина. 27 години, продуцент

Марија Мухина

Висока температура добив во Хелсинки. Претходно бев во Лондон и во Берлин. Помислив дека тоа е на нервна база. На аеродромот Шереметјево слетав на 17 март.

Бев во самоизолација до 22 март. Почувствував дека сум настината, но ништо повеќе од тоа. По мене дојде брза помош зашто тестот за коронавирус (примерок за анализа ми зедоа на аеродром) беше позитивен.

Потоа температурата ми се качи на 38 со 4, кашлав силно, до нагон за повраќање. Половина ноќ не можев да заспијам. Се плашев дека ќе почнам да искашлувам крв, грлото ми се претвори во парче месо.

Потоа започнаа проблеми со столицата, престанав да јадам. Мајка ми ми донесе банани, мандарини и чоколада. Кога сум болна барам чоколада.

Марија Мухина

На 23 март ми кажаа дека имам воспаление на белите дробови. Вечерта почнаа да ме лекуваат со антибиотици, со азимитрицин. Медицинските сестри и лекарите се многу љубезни. Денес кашлам помалку.

Температурата се спушти на 37, но чувствувам голема слабост, постојано ми се спие и одвај седам. Изгубив апетит.

Марија Мухина

Немам сила да гледам филмови, да читам. На инфузија сум.

Давид Беров, аматерски фудбалер, прв заразен со коронавирус во Москва

Во болница бев сместен на 1 март. Се вратив од Италија. Коронавирусот беше потврден на 5 март.

Не беше присутен во крвта, беше пронајден во примерок од плунка. Не беше изразен и долго се сомневаа дека тоа не е баш коронавирус. Во мојот случај ја лекуваа кашлицата, останатото беше во ред. Ме пуштија од болница на 7 март.

Во болница сите се однесуваа кон мене одлично. Мислам дека тоа беше обична настинка и ништо повеќе. И досега не можам да сфатам од што бев болен. Некои резултати од тестовите беа негативни.

Можеби мојот имунитет бил посилен од инфекцијата. Но, треба да се внимава. Кој знае со какви вируси уште ќе се сретнеме.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња