Миросување со стапче за уши: Руската православна црква ги засилува превентивните мерки

Global Look Press
Патријархот московски и на цела Русија Кирил даде инструкции кои немаат преседан во поновата историја на РПЦ. Инструкциите се поврзани со безбедносните мерки во храмовите во врска со пандемијата на короновирусот.

При причестувањето лажичето после секој причесник ќе се чисти со алкохол, а потоа ќе се натопува во вода која потоа ќе се истура. Како што за агенцијата „Интерфакс“ изјави Владимир Легојда, шеф на синодското Одделение за односи на црквата со општеството и медиумите, таква пракса постоела во царска Русија за време на епидемии.

„Запивката“ (вино разблажено со топла вода кое им се дава на верниците по причестувањето, а претставува специфична карактеристика на руската богослужбена пракса) ќе се дели исклучиво индивидуално, на секој причесник посебно, во чаши за една употреба. По причестувањето усните ќе се бришат со хартиени салфетки кои потоа ќе бидат запалени. Се повикуваат причесниците да се воздржат од целивање на путирот.

На крајот на литургијата нафората ќе им се дели на верниците во ракавици за еднократна употреба.

Миросувањето (помазување со свето миро) ќе се врши со помош на стапчиња за уши и хартиени марамчиња кои подоцна ќе бидат запалени.

Покрај тоа, на свештениците им се препорачува привремено по литургијата да не им подаваат на верниците крстот за бакнување и наместо тоа со него да ја допрат главата на верникот, се вели во инструкцијата на патријархот.

На свештениците исто така им се препорачува да се воздржат од подавање рака за целивање.

Во документот исто така се апелира да се посвети особено внимание на чистотата на црквениот прибор и богослужбените садови, кои треба темелно да се избришат и измијат со врела вода по секоја употреба за богослужба.

Низата инструкции содржи правила за хигиена за клерот и манастирските обители, како и правила за дезинфекција на просториите со водород-пероксид и алкохол.

Патријархот нагласи дека овие мерки ќе се применуваат до подобрување на епидемиолошката ситуација со цел грижа за паствата и во согласност со барањето на надлежните санитарни органи „со зачувување на цврста вера во дејството на благата промислата Божја и во Божјата семоќ“.   

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња