Еден убав ден во јануари 2017 година 28-годишниот веб-дизајнер Евгениј по навика заминал на неделна литургија во православен храм. На влезот махинално се прекрстил, а потоа отишол поблизу до олтарот, минувајќи помеѓу незадоволните постари жени.
„Нешто пееја на старословенски, тропкаа со нешто, бабите ме туркаа... Тогаш ми рекоа да купам свеќа и ми кажаа каде да ја ставам, како да ја ставам. Ништо не сфатив“, се сеќава Евгениј на едно од последните богослужби на кои присуствувал во православен храм. „А, потоа свештеникот почна отворено да зборува за кого треба да се гласа на претседателските избори“.
Според Евгениј, во тој момент како некој да го „сецнал со вжештен нож“. Стоел во таа мешаница и воопшто не сфатил што всушност прави тој таму, во храмот. Тогаш цврсто решил да ја напушти православната црква.
Според анкетите на Серускиот центар за проучување на јавното мислење (ВЦИОМ), во 2019 година 63% од верниците во Русија исповедале православие, а останатите 37% сите останати религии и конфесии (анкетата не ги опфаќа атеистите). Не постојат, меѓутоа, статистички податоци за тоа колку луѓе преминале од православие во некоја друга вера.
Патријархот московски и на цела Русија Кирил во Храмот на Христос Спасителот на пречекот на моштите на свети Спиридон Тримитунтски кои стасаа во Русија од Крф.
Сергеј Пјатаков/Sputnik66% од православците се крстени во детството со одлука на родителите, соопштува ВЦИОМ.
Во оваа смисла Евгениј не е никаков исклучок. По крштевањето како дете постојано одел со своите родители на богослужби. Кога имал околу 25 години починала неговата сестра (не ја кажа причината за смртта), а една година подоцна се развел од својата прва жена. Тогаш почнал да размислува за прашањата поврзани со верата.
„Почнав да одам по манастири и по храмови. Сè ме интересираше – зошто треба да се молиме, што значат богослужбите и каква корист има јас од нив? Зошто свештеникот ни вели дека треба да се стане и да се биде смирен, а тој е облечен во убава одежда? Одговорите беа во стилот „само ти моли се и читај ја Библијата“. Православието почна да ме одбива со своите постапки и со односот“, тврди Евгениј.
Тоа може да биде поврзано со големата оптовареност на свештеникот во парохиите, објаснува митрополитот волоколамски Иларион во емисијата „Црквата и светот“ на телевизијата Росија 24. Според него, работата е таква што свештеникот нема време дури ни за своето семејство.
Божиќна служба во храмот Архангел Михаил.
Елена Афонина/TASSСо него се сложува и јеромонахот Александар Митрофанов.
„Свештеникот може да биде изморен, преоптоварен, исцрпен, можеби нема доволно време, а можеби едноставно не е толку талентиран“, вели Митрофанов. „Впрочем понекогаш луѓето само бараат некого да обвинат. Демек, не почувствував доволно љубов и затоа отидов во секта“:
Евгениј преминал од православие во католицизам кога со својата втора жена и со двете деца се преселил во стан кој се наоѓа во близина на католичкиот храм.
„Јас и жена ми влеговме во католичкиот храм за време на службата. Се зачудив кога видов колку млади има. И сите разбираа за што се молат, никој не нè гледаше попреку. Никогаш нема да го заборавам тој оптимизам, тоа единство што го почувствуваме без да учествуваме во самата богослужба. Потоа му пријдов на свештеникот. Тој ме праша да не бегам случајно самиот од себе. Бев вџашен“, со воодушевување раскажува Евгениј.
Потоа свештеникот нему и на неговата сопруга им одржал предавање за историјата на настанувањето на католичката црква и им дал време да размислат и да се уверат во исправноста на својата одлука. По еден месец Евгениј и неговата сопруга по соодветниот обред официјално станале католици.
Прослава на католички Божиќ во Новосибирск
Кирил Кухмар/TASSСпоред Евгениј, во католицизмот пред сè го привлекува отвореноста и подготвеноста на свештеникот да одговори на секое прашање:
„Сè уште се навикнуваме на празниците, но на секоја богослужба ни објаснуваат кој празник е денес, што значи тоа и поради што е важен. Не би сакале да се вратиме во православието. Ова беше недвосмислен и промислен потег“, резимира тој.
Јуриј Вашурин, 25-годишен наставник по кинески и по англиски јазик од Чељабинск, преминал од православие во будизам кога имал 19 години. Неговата мајка го крстила кога имал три години. Од својата десетта до петнаесеттата година прислужувал во парохијскиот храм. Не се дружел со другарчињата од училиштето, бил многу скромен и затворен.
„Секогаш ме водеа во храм, ме причестуваа и ми велеа да се молам наутро и навечер, да постам итн. Децата често не ја набљудуваат стварноста критички, па и јас сето тоа го прифатив како нешто неопходно“, вели Јуриј.
На прослава на Девот на света Лусија во шведскиот храм света Катерина на улицата Малаја Коњушенаја.
Александар Демјанчук/TASSВо пубертетот почнала да го иритира „авторитарноста на православната црква“.
„Јас морам да ги почитувам обредите само зашто така велат свештениците и зашто така сака Господ Бог. Покрај тоа, се запрашав кој е резонот од многуте ритуали и заповеди. И колку што повеќе размислував, сето тоа изгледаше како некаков лажен сјај“, раскажува Вашурин.
Родителите на Јуриј во меѓувреме почнале да се интересираат за некои секти што се засновуваат на православието.
Будистички манастир на брдото Качканар во Свердловската област.
Донат Сорокин/TASS„Тие постојано очекуваа дека следниот ден ќе дојде антихристот, веруваа во масонски завери. За да не поверувам и јас во тоа се запишав на ориенталистика и почнав да ги изучувам кинескиот јазик и култура. Така се заинтересирав за источна Азија, а таму будизмот отсекогаш играл голема улога“; објаснува тој.
Според Јуриј, го привлекла „ненаметливоста“ на религијата и помалата врска со свештените текстови. Во родниот град на Јуриј не постоел будистички храм, па тој почнал самостојно да ги проучува светите книги на будистите и да се занимава со медитација.
Откривање на најголемата статуа на Буда во Европа. Калмикија, Русија.
Санџи Убушиев/TASS„Многу ми се допадна што не мора слепо да се верува на сето она што го говорел Буда, ами најпрво треба да се провери дали тоа ѝ одговара на мојата личност. Никогаш претходно немав сретнато нешто такво“, раскажува Јуриј. „За среќа, родителите со текот на времето се откажаа од фанатизмот. Само парохиските свештеници сметаат дека сум бунтовник, но јас чувствував како да ми паѓаат оковите. Сфатив дека сега живеа, без непријатниот притисок и станав поотворена личност. Всушност, станав нормален човек“.
Дарја Хмељова, нежна и ситна девојка со костенлива коса оди во музичка школа каде ја избрала насоката за хорски диригент. Наскоро ќе наполни 18 години.
Муслимани прославуваат Бајрам во московската џамија.
Комсомольская правда/Global Look PressНа социјалните мрежи никој нема да најде нејзина фотографија, ниту од журка, ниту во некој друг амбиент. Таа се фотографира само одзади, и тоа со хиџаб и со шамија. На фотографиите има и некое момче, веројатно муслиман. На неговата страница на социјалната мрежа VK.com пишува дека љубомората е особина на праведните луѓе. А, нејзината страница е шарена од пораки од муслимански групи и од слики со фразата „Поправи се“. Таа минатата година преминала од православие во ислам против волјата на своите родители.
„Крстена сум кога сум имала отприлика пет години и бев многу среќна. Носев крст, но тој набргу пукна на средината. Веројатно тоа беше некаков знак“, вели Хмељова.
Нејзините родители ги критикувале муслиманите поради премногу строгите правила, а Дарја не им верувала. А, кога наполнила 14 години решила да провери дали нејзините родители имаат право. Единствено таа од целото одделение решила да напише есеј за исламот зашто сакала подобро да ја запознае таа „погрешна вера“, како што велеле нејзините родители.
„Сè уште ја чувам таа работа. Прво што ме привлече и што ме фасцинираше е фактот што жената во исламот не е ниту робинка, ниту слугинка, како што мислат многумина, ами е ризница која мажот ја чува“, раскажува Дарја.
Нејзиното преобраќање во исламот траело три години.
„Најпрво се запознавав со муслимани на социјалните мрежи. Научив да правам намаз, барав сестри кои ќе ми помогнат“, вели таа.
Купување хиџаб во продавницата за муслиманска облека „Ирада“ во трговскиот центар „Наутилус“.
Валериј Шарифулин/TASSНабргу потоа отишла во џамија и станала муслиманка. Не сакала да одговори на прашањето дали можеби некое момче ја принудило да го прими исламот. Не сакала да зборува нити за тоа како конкретно реагирале нејзините родители и сестра ѝ. Само рекла дека процесот на премин бил многу тежок за целото семејство. Според неа, родителите не сакале да имаат разбирање за неа. Вели и дека во текот на првите месеци се сомневала во исправноста на својата одлука.
„Но, секој сомнеж набргу исчезнува кога го читам Коранот“, додава Дарија.
Вљубеноста во муслиман не е причина за некоја девојка да премине од православие во ислам, тврди Амина (пред да премине во исламот се викала Аљона), 29-годишен еколог. Таа го примила исламот пред две години, откако неколку години ја проучувала оваа вера.
„Оваа вера е мошне лесна и разбирлива. Не постојат никакви нејаснотии. Во православието е Бог и Таткото, и Синот, и Светиот Дух , и трите ипостаси, ништо не може да се сфати и да се објасни. А, во исламот пред сè се глорифицира односот кон родителите и кон жените, тоа е важно“.
Таа зборува за тоа како го прочитала шахад (сведоштвото за верата во Алах и пророкот Мухамед), и како потоа во џамијата владеела пријателска атмосфера на хармонија и радост. Амина и понатаму се школува. Неодамна го заврши подготвителниот курс за предавач-дефектолог и работи според струката, а се надева дека наскоро и ќе се омажи. Вели дека нејзините родители најпрво имале „резерва“ во врска со нејзиното преобраќање во исламот, но подоцна се помириле со тоа.
„Важно е човек свесно да му се приближува на Бога. Многу помалку важно е на кој начин тој го постигнува тоа“, тврди таа.
Литургија во Храмот на Христос Спасителот на 10-годишнината од устоличувањето на патријархот московски и на цела Русија Кирил.
Артјом Геодјакан/TASSСпоред јеромонахот Александар Митрофанов, Русите ретко преминуваат од православие во некоја друга вера.
„Јас знам само двајца. Еден премина кај старообредниците, а другиот најпрво беше кај старообредниците, а потоа премина во ислам. Но, во нивниот случај, според мене, не станува збор за барање на смислата на животот, ами едноставно за нивната нетрпеливост“, тврди отец Александар.
Тој вели дека во Русија ситуацијата е всушност спротивна, односно дека почесто луѓето преминуваат во православие од некоја друга вера или секта.
„Точно е дека понекогаш се случува човекот да не го сфати православието и да не го запознае, па да премине во друга вера. Но, обично е поинаку, зашто доколку го запознае православието и го сфати, тогаш тоа е љубов до крајот на животот“, резимира јеромонахот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче