Петнаесет непишани правила за жителите на рускиот југ

Дмитриј Феоктистов/TASS
Многумина мислат дека животот покрај море или во топлите краишта е убав како во сказна. Но, да го погледнеме одблизу животот на просечните жители на Сочи, Анапа или на Краснодар, па ќе видиме дека не е сосема така. Еве на кои правила се придржуваат руските јужњаци.

1. Страдаат од алергии

Мимоза цути, Сочи, Русија.

На југот постојано нешто цути. Јужњаците страдаат кога цутат амброзијата, сончогледот и сличните растенија, односно од јуни до септември. Таму алергијата е вообичаена покава, како и туристите. За волја на вистината и туристите ги „мачат“ мештаните во истиот период.

2. Никогаш не ја чистат колата од снег

Јужњаците не знаат како се загрева моторот со струја од штекер, и како се „ископува“ колата со лопата од снегот наутро пред да се тргне на работа. Зимата на југот од Русија е исклучително влажна и дува северен ветар, но нема снег. Ако сакате снег, добре дојдовте во зимското одморалиште „Краснаја пољана“.

3. Тие се фриленсери, работат од дома (или мечтаат за таква работа)

На брегот на Црно море, Сочи, Русија, 7 октомври 2019 година.

Кој сака да живее на брегот од морето, мора да го одврзе ќесето. Туристичките цени „болат“, а на југот тие важат за сите, па и за мештаните. Од друга страна, надвор од сезоната речиси нема никаква работа. Идеална варијанта е да се живее на брегот на морето и да се добива московска плата. Но, тоа себеси можат да си го дозволат само фриленсерите.

4. Омилена фраза им е „не е исто да се биде турист и да се живее тука“

Ова мештаните им го велат на своите туристи. Секој турист веќе следниот ден по доаѓањето почнува да се занесува како ќе се пресели на југ. Јужњаците ја знаат целата сурова вистина за тукашниот живот и со интонација на мудар старец се обидуваат да ги предупредат „неофитите“, но тие најчесто не им веруваат.

5. Во Абхазија одат во папучи

Патот во Абхазија во близина на границата со Русија

Од Адлер до границата со Абхазија се патува 10-15 минути. Постојат и автобуски и возни линии, и секако, такси. На многу жители на Сочи Абхазија им е поблиску од центарот на својот сопствен град. Туристичката инфраструктура во Абхазија е руинирана, но тоа никако не се одразува на прекрасната природа и на речиси бесплатното овошје. Јужњаците редовно одат во Абхазија.

6. Становите со поглед на море не им припаѓаат на мештаните

Сите такви станови одамна ги имаат купено московјаните. Мештаните не можат ни да направат куќа во близина на морето, зашто тоа е премногу скапо. Тие живеат на периферијата и секој ден доаѓаат во градот по најголемиот сообраќаен метеж, небаре се во Москва.

7. Животна цел им е сопствен станбен простор

Рибар на Олимпискиот кеј во Адлер

Секој јужњак планира да купи макар мало станче, макар на периферијата или во некое блиско село. Дури и ако моментално животот на југ не му претставува задоволство, тој сепак ќе се потруди да стекне тука имот за да може да се врати и да го дочека во топлиот предел крајот на својот живот. Јужњаците веруваат дека ова за пензионерите е најубавото место на светот, и дека сите сегашни неповолности некако ќе исчезнат сами од себе.

8. Не се капат во морето

Или тоа го прават мошне ретко, само неколку пати годишно. Јужњакот преку лето и нема време, зашто работи со цел да заработи на туристите за да има барем нешто да остави за зима. Во морето се капе само за да им прави друштво на пријателите кои доаѓаат од друго место во Русија. Со текот на времето жителите на југот ќе престанат и да ја забележуваат таа огромна бара.

9. Наминуваат во казино „само да фрлат поглед“

Коцкарска маса во казино, одморалиште Краснаја пољана, Сочи.

Во Сочи во 2017 година беше отворена легална коцкарска зона (во цела Русија ги има само неколку), но доколку жителите на Соли дури и наминуваат, тие тоа го прават само за да видат како некои туристи ја трошат селата нивна плата додека пукнеш со прст.

10. Самите ловат школки

Доколку жител на југот сака да касне школки, самиот си ги лови. Некаде на дното од комодата имаат сопствен стругач и мрежичка – прибор што го имаат наследено од дедо си.

11. За сè се виновни туристите

На плажа во Нижнеимеретинската лагуна, Сочи.

Поради туристите сè е толку скапо во продавниците и во рестораните. Понекогаш цените немаат логика. На пример, рибата која штотуку е уловена на кејот може да ве чини исто колку и во московски супермаркет, оддалечен 1.600 километри од Сочи. Освен тоа, туристите прават голем метеж и застој во сообраќајот, навечер не им даваат на мештаните да спијат, шетаат по нивните улици во големо друштво и предизвикуваат социјални проблеми. Да не се парите што ги носат туристите, јужњаците одамна би кренале ѕидови околу своите градови.

12. Живеат по гаражи

Во Сочи постојат станбени простории какви што повеќе нема никаде во Русија. Тоа се таканаречените станбени гаражи, односно гаражи преуредени во станови. На овој начин локалните жители го решаваат својот станбен проблем. Во јужните градови на Русија постојат цели реони станбени гаражи каде живеат луѓе со своите семејства.

13. Одат на шопинг во Краснодар

Централен пазар во Краснодар, Русија

Независно од тоа каде живее јужњакот, во Анапа или во Сочи, тој еднаш месечно заминува на шопинг во Краснодар. По пат може да купи убаво овошје, а во големите трговски центи одело по колку-толку прифатливи цени. Ова се прави зашто локалните продавници главно го немаат сето она што е потребно (или сето тоа е скапо), а купувањето преку Интернет трае долго.

14. Немаат бавчи

Луѓето во туристичките делови на приморјето не сакаат многу да обработуваат земја од две причини. Прво, земјата тука е премногу скапа за на неа да се одгледуваат краставици или домати. Подобро е секоја педа од земјата да се искористи за да се изгради нешто, па потоа да се издава. Поради тоа и овошјето и зеленчукот се толку скапи.

Второ, главниот пријател на одгледувачот на југот е разновидната фауна која ползи или која лета, назима не замрзнува, се размножува со брзина на светлината и јаде сè пред себе. Кога човек на југот од Русија ќе почне нешто да одгледува тој го гледа сето тоа: и црвите кои му го изеле доматот однатре, и пеперугастите вошки кои јадат дури и цвеќе во жардиниера, и пероноспората на краставиците...

15. Не се задеваат со козаците

Учесници на Кубањската козачка парада во Краснодар

Во Краснодарскиот крај живеат козаци, и тоа мошне незгодни козаци. Патролираат по улиците и го одржуваат редот и мирот, ги обезбедуваат јавните манифестации и други настани, а заминуваат и во другите руски градови и таму воведуваат ред. Козачките патроли се одамна вообичаена појава. Сите тука знаат дека е подобро да не ги лутите козаците, зашто ако некој „не е добар“; тие можат да го истепаат со камшик пред целиот свет.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња