Живеам во Вухан и тука нема никаква зомби-апокалипса: Што велат Русите кои останаа во Кина

Прашавме како живеат и што прават Русите во кинескиот град Вухан, жариштето на коронавирусот, па и во други региони на Кина. Кинезите одлично излегуваат на крај со епидемијата, велат сите тие

Во Кина веќе има над 20 илјади луѓе кои се заразени со коронавирусот, а најголем дел од нив се регистрирани во Вухан, град со 11 милиони жители од каде и се прошири вирусот. Првите заболени се појавија токму таму на почетокот на декември, а на 22 јануари властите на Кина го затворија градот. Во Вухан моментално има околу 300 Руси и поголемиот дел од нив не сакаше да се евакуира.

Дарја Кузнецова, Вухан: Сè уште немаме видено војска

Живеам и студирам во Вухан. Дојдов тука пред една и пол година. Во првите денови од карантинот можеше да се почувствува дека луѓето се возбудени, но сега е подобро. Во Вухан се испратени сите сили, најдобрите лекари, епидемиолози, направени се две нови болници и луѓето се смирија. Излегуваме на улица, до продавница и да завршиме некои други работи. Носиме маски и, доколку можеме, очила. По враќањето дома ги дезинфицираме алиштата како што ни советуваа. Јавниот сообраќај не функционира, но работат приватните таксисти.

Кога излегуваме од маалото нашите чувари проверуваат дали имаме маски. По улиците патролираат службени автомобили и полиција, а војска сè уште немаме видено. Улиците се празни, но не е во ред да се каже дека тоа е некаква зомби-апокалипса. Никој не вели дека ситуацијата не е тешка. Обично Вухан е подвижен, жив град, но луѓето сето тоа го сфаќаат и се трудат да не излегуваат од дома. Веруваме дека е стопроцентно веродостојна само онаа информација што ја објавуваат кинеските медиуми.

Вухан, 30 јануари 2020 година.

Двапати бев во болница. Еднаш да посетам едни пријатели кои се лекари, а вториот пат да однесам заштитни маски. Во многу болници во Вухан се потребни маски и јас се трудам да помогнам. Болниците се преполни.

Валентин Овчиников, Венџоу (847 километри од Вухан): Ако останам без пари, ќе побарам од мојот шеф-Кинез

Дојдов во Кина, во Вухан во септември минатата година. Во Венџоу живеат едни мои пријатели и отидов да ги посетам на 2 јануари. Веќе имав купено билет кога дознав дека во Вухан владее вирус и дека има жртви. Тоа беше на 31 декември. Но, влегов во воз и слободно го напуштив градот.

Валентин Овчиников

Провинцијата во која се наоѓам сега е на второто место по бројот на заболени, тука веќе се заразени 829 лица. Венџоу е град со околу 8 милиони жители, но улиците сега се празни, иако движењето не е забрането. Кафулињата и рестораните се затворени, на влезот во супермаркет ти ја мерат температурата. Еднаш топломерот покажа дека имам 37.7 и се исплашив. Ми измерија уште еднаш и температурата беше нормална, ме пуштија да влезам во продавница. Доколку човек има висока температура, го замолуваат да оди во најблиската болница. Ако не сакаш доброволно, ќе те однесат на сила.

Во продавниците има сè. Она што ни недостасува се маските. Престојот на улица без маска се казнува. Јас немам маска со филтер, имам само обична медицинска, а таа не е добра заштита од инфекцијата.

Пекинг, февруари 2020 година

Самите Кинези се мирни, нема паника. Некои мои пријатели Руси заминаа од Вухан, но многумина останаа. Заминуваат главно оние што остануваат без пари. Затворени се во Вухан и не добиваат плата зашто никој не работи. Јас засега живеам од заштеда. Кога ќе ги потрошам парите, ќе побарам од шефот. Мојот шеф Кинез ми советува да почекам.

Не верувам дека ќе се евакуирам, зашто авионите летаат само во Москва. Таму би требало да минам 14 дена во карантин, а живеам во Владивосток. Патот од 9.000 километри од Москва до Владивосток би требал да си го платам самиот.

Олесја, Шенџен (1.000 километри јужно од Вухан, 30 километри од Хонгконг): Има премногу дезинформации

До 20 јануари не ни имавме чуено за коронавирусот. Ситуацијата стана сериозна на 21 јануари кога властите нè известија по пат на СМС. Ни советуваа да носиме маски и внимателно да ги миеме рацете.

Првите денови од Кинеската нова година немавме доволно зеленчук, но не поради паниката, ами зашто за време на празниците никој не работи и немаше нови испораки на зеленчук.

Во аптеките нема редици. Сега е тешко да се најде маска, зашто сите залихи се распродадени пред Кинеската нова година кога ни беше соопштено дека постои вирус. Потоа дојдоа празниците и производството беше прекинато. Читав дека некои фабрики правеле маски за време на празниците за поголеми дневници, но сите тие маски се испратени во Вухан.

Во Кина има многу Руси кои не знаат кинески и располагаат со погрешни информации. Овие информации никој не ги проверува и тие се шират брзо. Една од најапсурдните беше дека има околу 20 милиони заразени.

Вухан

Дали се плашам? Малку. Живеам на југот од Кина, далеку од жариштето, но и тука постои ризик. Многумина се враќаат по празниците од различни провинции и не знаеме кој е заразен, а кој не е. Но, не гледам причина да бегам. Човек мирно може да проживее еден месец дома. Подобро е да се седи дома и да не се шета по аеродроми и по железнички станици.

Евгениј Цој, Пекинг (1.150 километри од Вухан): Авионските билети се ненормално скапи

Работам во Пекинг. Со мене се жена ми и син ми. За вирусот дознавме преку Интернет, како и поголемиот дел од светот. Се загриживме подоцна. Сега ситуацијата е стабилна, нема паника. Сите мирно чекаат да се повлече вирусот. Училиштата, детските градинки и факултетите се затворени. На работа исто така не одиме, сè е затворено, ги продолжија новогодишните празници.

Евгениј Цој

Сакам да кажам дека во целина Кинезите одлично излегуваат на крај. Морам да им го признам тоа. Русите во Пекинг не паничат, но се плашат. Паничарите одамна заминаа. Никој не ни брани да патуваме, купуваш билет и си леташ. Но, авионските билети станаа ненормално скапи.

Не планираме да бегаме. Ако ни е судено да се разболиме и да умреме, тоа ќе ни се случи и во Русија. Кога станува збор за Русите кои велат „седете си во Кина и не ширете зараза“, тоа се егоисти. Замислете да сте на наше место.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња